Прашање од Марија:
Ве молам да ми одговорите на моево прашање; ако се одредиме за пост, која храна е дозволено да се конзумира, што не е дозволено да се прави додека трае постот, и како изгледа чинот на причестување по завршување на постот, како треба да се однесуваме, за причестувањето.Благодарам.
Одговор:
„На христијаниниот му е потребен пост за да го избистри својот ум, да ги разбуди и развие чувствата и својата волја и да ги приближи кон добро творење. Тие три способности ние најмногу ги помрачуваме и задушуваме, најмногу со прејадување, пијанство и грижа за овој свет, а преку тоа отпаѓаме од Изворот на животот - Бог, и паѓаме во трулеж и суета, изопачувајќи го и осквернувајќи го во себе Божјиот образ... За христијанинот постот е потребен и поради тоа што со воплотувањето на Синот Божји, човечката природа е одуховена и обожена, и ние итаме кон горното Царство, кое што не е јадење или пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух. Храната е за стомакот, а не стомакот за храната; но Бог и неа и него ќе ги уништи (Рим. 14, 17; 1 Кор. 6, 13).“ - св. Јован Кронштадски.
За време на посните денови Црквата одредила да не се конзумира месо, јајце, млеко, а во одредени денови и масло, риба и алхохол, во зависност од тежината на постот. Доколку се работи за телесна или духовна немоќ, постот може да се разреши дури и на млеко и јајце, но месото не се разрешува ни на смртно болен, затоа што организмот на човекот нема баш никаква неопходност од тоа. Инаку однесувањето за време на постот, како и за време на целиот наш живот треба да биде воздржливо, односно да се воздржуваме од празнословие, сладострастие, славољубие, и среброљубие. Зашто нашиот живот треба да биде литургија после литургија, то ест, тоа што го доживуваме на литургијата, да го преточиме во животот. Постот е период на засилено покајание, и поради тоа тогаш не се дозволени свадби, венчавки и други веселби. А се разбира цел на сиот наш труд и подвиг е токму причестувањето со Телото и Крвта Господови... Како што вели св. Јован Златоуст: „Никој не е достоен од оние врзани со страсти...“ меѓутоа со труд, по милоста Божја се удостојуваме да се причестиме. Најважно е да имаме духовник и да се исповедаме почесто, со цел да може постојано да го следи нашиот духовен раст и по неговиот благослов да се причестуваме или пак да не се причестуваме. Треба и добро е да се причестуваме што почесто и за тоа треба да се трудиме, но сепак се зависи од тоа колку достојно се трудиме да се причестиме за секој првпат.
Значи, причестувањето треба да дојде како плод на нашата вера, како основна храна на секој вистински верник, на секој православен христијанин. Зашто без Христос и Неговото Пречисто Тело и Крв, не сме христијани, немаме живот вечен, не сме дел од Телото Христово кое е Црквата. Бог да не удостои и да не ни го зема за грев и осудуванје нашето причестување до крајот на нашиот живот, по молитвите на Богородица и на сите Негови светии. Амин!
п.п./з.д.