Непотребен судир на формата со суштината
Вообичаено, при ваквите случувања во Евангелието – какво што е исцелувањето на болниот во сабота; кога е во прашање прекршување на правилата на законот, забележуваме неколку вида на однесување.
Првото, е она на Богочовекот Исус Христос, Кој вообичаено слободно ги „прекршува“ правилата, ако тоа значи спасување на конкретниот човек од страдање; притоа, не мислејќи на последиците по Себе, поради тоа „прекршување“.
Второто, на конкретниот човек – кој страда; нему престануваат да му значат правилата, кога нивното „прекршување“ значи прекин на неговото страдање. И не само тоа, туку тој Му станува послушен на Оној што му помогнал; дури и кога тоа послушание и самото значи „прекршување“ на правилата.
Третото, на книжниците, фарисеите и свештеницитe, кои строго се држат до правилата, и покрај тоа, што тоа ќе значи оставање на конкретни луѓе да страдаат, и покрај тоа, што тоа може да значи дека ќе треба и да го елиминираат Оној што со нивното „прекршување“ ги спасува оние што страдаат.
И четвртото, на обичниот народ – кого ништо не го интересира, ниту суштината, ниту формата на правилата – туку само сопствениот интерес. Од пусти страв т.е. корист, истото што до вчера силно го поддржувал, веќе утре е спремен да го одрече; без и да се замисли.
А немаше потреба од судир помеѓу формата и суштината. Формата, т.е. правилата ги исполнуваме за на тој начин да пораснеме и да стигнеме до суштината, т.е. целта. Правилата не се цел – сами по себе; не се идол и не се суштината. Ако од правилата направиме идол, тогаш суштината ни станува недостапна и настанува судир помеѓу нив и суштината.
Откриената суштина, пак, им диктира нови правила – на тие што ја откриле. Со новите правила не се укинуваат старите, посебно – не за оние што не ги исполниле. Сѐ си има своја смисла, додека од нештото не се направи идол и се постави на местото од Бог; а со идолите - нема помирување.
Правењето на идол од правилата, ни ја сокрива перспективата на духовниот развој, затоа што - различни правила важат за различните степени од духовниот развој. На пример, едно духовно внатрешно покритие е потребно за ѓаконски чин, друго за презвитерски, а трето за епископски; итн.
Бог дојде сите да нѐ ослободи од идолопоклонството, а не толку од самите правила. Бог е над секоја форма и суштина. Он е Тој Кој што ги поставува правилата и Он е Тој Кој што може да ги превиди, т.е. да се однесува поинаку. Особено, што правилото е за човекот, а не – човекот за правилото.
Говорам за правилата на однесување, а не за вистините на верата – тие се непроменливи. Бог е вечна и непроменлива Вистина, што нам ни е откриена во Личноста на Богочовекот Христос, во Неговото воскреснато Тело – Црквата.
Господи Исусе Христе, помилуј нас!
Митрополит Струмички Наум



























