Како да се молам за човек што прави лоши работи за своето семејство...?
Прашање од Анастасија:
Во една многу сложена состојба како да најдам мир, како да се молам за човек што прави лоши работи за своето семејство...?
Одговор:
Секој човек, колку и да е лош, злобен и немилостив, сепак е Божјо дете, кое заборавило на својот Добротвор. Свети Серафим Саровски на секого што ќе го сретнел му се обраќал со : радосте моја! И постојано се радувал на тие посети, зашто во секого го гледал Христос, и светлината што Тој му ја дал на човекот од Неговото Преображение. Па дури и крадците кога дошле и го претепале, што одвај жив останал и боледувал неколку месеци, не го растажиле. Знаеме дека не сме св. Серафим, или старец Силуан кој е нов богослов за љубовта кон непријателите, но барем можеме да се потрудиме реално да ги согледаме работите, а тоа е дека секој човек е Божјо создание, Божји син кој сам по себе не е лош, и токму неговото преображение зависи колку од него, толку и од нас како Црква... Мирот наш го немаме на друго место освен во Бога, па така, откако ќе се заплачеме некогаш како деца кај својо родител и му ги кажеме маките Нему, благодарејќи Му, Тој ќе си даде благодат да го исполниме и другото. А молитвата секако ќе не промени сите. Бог да е со сите нас.
п.п/з.д