Извадок од поуките на старец Зосима
од романот „Браќа Карамазови“ на Ф. Достоевски
Момче, не заборавај ја молитвата. Секој пат во твојата молитва, ако е искрена, ќе заблеска ново чувство, а во него и нова мисла, која порано не си ја знаел и која одново ќе те ободри; и ќе разбереш дека молитвата е воспитување. Исто така запомни: секој ден и секогаш, кога можеш, кажувај си на ум: „Господи, помилувај ги сите кои денеска се јавија пред Тебе“, затоа што секој час и секој миг илјадници луѓе го напуштаат својот живот од оваа земја и нивните души застануваат пред Господа – и колкумина од нив се разделиле од земјата во самотија, без никој да знае, во тага и скрб, така што никој нема да жали за нив и дури не знае за нив: живи ли се или не. И ете, можеби од другиот крај на земјата и твојата молитва ќе се вознесе кон Господа за негово упокојување, иако ниту ти си го познавал, ниту тој тебе. Колку умилно е на неговата душа, застаната во страв пред Господа, да почувствува во тој миг дека има некој кој се моли и за него, дека останало на земјата човечко суштество кое го сака и него. Пак и Бог помилостиво ќе погледне кон двајцата, затоа што, штом ти толку си го сожалил, колку повеќе ќе се сожали Оној, Кој е бесконечно помилосрден и со поголема љубов од тебе. И ќе му прости заради тебе.
Браќа, не плашете се од гревот на луѓето. Сакајте го човекот и во неговиот грев, затоа што тоа подобие на Божјата љубов е врв на љубовта на земјата. Сакајте го секое Божјо создание – и целото и секое песокче. Секое листенце, секој зрак Божји сакајте го. Сакајте ги животните, сакајте ги растенијата, сакајте го секое нешто. Ако го сакаш секое нешто, тајната Божја ќе ја достигнеш во нештата. Ја постигнеш ли еднаш, веќе непрестано ќе почнеш да ја познаваш сé повеќе и повеќе, ден по ден. И на крај, ќе го засакаш целиот свет со сецела, вселенска љубов. Сакајте ги животните, таму Бог дал почеток на мисла и радост безметежна. Не бунтувајте ја, не мачете ги, не им ја одземајте радоста, не се противете на мислата Божја. Човеку, не вознесувај се над животните: тие се безгрешни, а ти со своето величие ја сквернавиш и земјата со својата појава на неа и гнојната трага ја оставаш зад себе – леле, речиси секој од нас! Особено сакајте ги дечињата, затоа што тие исто така се безгрешни како ангели и живеат за наше умиление, за прочистување на нашите срца и како знак за нас. Горко на оние кои оскрбиле младенец! А мене отец Антим ме научи да ги сакам дечињата: тој, мил и молчалив во нашите странствувања, со подарените парички понекогаш им купуваше колачиња и шекерчиња и им ги раздаваше. Не можеше да помине покрај дечиња без душевна разволнуваност, таков човек.
Застануваш во недоумица пред некоја мисла, особено гледајќи го гревот на луѓето, и се запрашуваш: „Со сила ли да го надвладеам или со смирена љубов?“ Секогаш решавај: „Ќе го надвладеам со смрена љубов.“ Кога ќе решиш така еднаш засекогаш, ќе можеш и цел свет да го покориш. Љубовното смирение е страшна сила, најсилна од сите и нема подобна на неа. Секој ден и час, секоја минута следи се себеси и гледај твојот образ да биде благолепен. Ете, си поминал покрај мало дете, си поминал злобен, со лош збор, со гневна душа; ти можеби не си го забележал детето, а тоа те видело и твојот образ, грозен и нечестив, можеби останал во неговото незаштитено срценце. Ти не си го ни знаел, а можеби со тоа веќе си фрлил во него лошо семе и види – поникнало, а сé е поради тоа што не си внимавал пред детето, затоа што не си воспитал во себеси расудлива, дејствителна љубов. Браќа, љубовта е учителка, но треба човек да умее да ја придобие, затоа што таа мачно се стекнува, скапо се купува, со долг труд и по многу време, затоа што треба да љубиме не само во случаен момент, туку засекогаш. Па случајно секој може да возљуби – и злосторникот може. Брат ми како момче молеше прошка од птичките: тоа изгледа како бесмисленост, но вистина е, затоа што сé е како океан, сé тече и се допира, тука го допираш – на другиот крај на светот се огласува. Нека е безумност да се моли прошка од птичките, но и на птичките ќе им е полесно, и на детето, и на секое животно околу тебе, ако самиот ти си поблаголепен, отколку што си сега, макар само и со една капка. Сé е како океан, ви велам. Тогаш и птичките ќе ги молиш, мачен од сецела љубов, како во некаква воодушевеност, и ќе молиш и тие да ти го простат гревот. Сочувај го тоа воодушевување, колку и да изгледа бесмислено за луѓето.
Пријатели мои, молете веселие од Бога. Бидете весели како децата, како небесните птички. И да не ве смутува гревот на луѓето во тоа што го правите, не бојте се дека ќе го допре вашето дело и нема да остави да се изврши, не велете: „Силен е гревот, силно е нечестието, силна е лошата средина, а ние сме осамени и бесилни, ќе нé прегази лошата средина и нема да остави да се изврши благото дело“. Избегнувајте го, деца, тоа обесхрабрување! Тука имаш само едно спасение: земи се себеси и пак себеси направи се одговорен за сиот човечки грев. Пријателе, тоа навистина е така, зашто, штом ќе се сметаш искрено одговорен за сé и за сите, веднаш ќе видиш дека навистина е така и дека точно ти си виновен за все и всја. А кога ја префрлуваш врз другите сопствената мрзеливост и бесилие, на крај ќе се приопштиш кон сатанската гордост и ќе почнеш да ропташ против Бога. А пак за сатанската гордост мислам вака: тешко ни е на земјата дури да ја разбереме и затоа е толку лесно да згрешиме и да се приопштиме кон неа, дури кога мислиме дека правиме нешто големо и убаво. Пак и многу нешта од најсилните чувства и пориви на сопствената природа засега не можеме да ги разбереме на земјата, не се соблазнувај ни од тоа и не мисли дека тоа може да ти служи за оправдување во нешто, затоа што вечниот Судија од тебе ќе го бара она што си можел да го разбереш, а не она што не си можел, и сам ќе се убедиш во тоа, затоа што тогаш сé ќе видиш правилно и нема повеќе да спориш. А на земјата ние навистина како да бладаме и да не беше драгоцениот образ Христов пред нас, би погинале и сосема би се заблудиле како родот човечки пред потопот. Многу нешта на земјата се сокриени од нас, но место тоа ни е дадено тајно скриено чувство за нашата жива врска со еден друг свет, свет горен и виш, пак и корените на нашите мисли и чувства не се тука, туку во други светови. И ете зошто философите велат дека суштината на нештата не може да се достигне на земјата. Бог зел семиња од други светови и ги посадил на оваа земја, ја одгледал Својата градина и поникнало сé што можело да поникне, но одгледаното живее и е живо само од чувството за допир со други таинствени светови; ако слабее или се уништува во тебе тоа чувство, умира и одгледаното во тебе. Тогаш ќе станеш рамнодушен кон животот, па дури и ќе го намразиш. Така мислам.
Извор: Братя Карамазови
Извор: Маран Ата