ЖИВОТОТ КАКО ДАР

Во време кога негативните емоции како злорадоста, гневот и зависта ја обвиткуваат нашата ментална матрица, потребна ни е длабока свест и духовна будност. Ова размислување е повик кон секој од нас да се ослободи од овој затвор на отровни чувства и да започне да гради живот исполнет со добрина, посветеност и радост. Само преку лична преобразба можеме вистински да влијаеме врз заедницата во која живееме и да се движиме кон светлина и надеж.
Жално е кога менталниот образец на еден народ претежно се гради врз злорадост и сеирџиство. Додека таквите вредности се негувани, ќе останеме заглавени во сопствената жабокречина, неспособни да излеземе од тесниот круг на недоверба и омраза. Во ова време – време на непредвидливи превирања – неопходно е да бараме начини и да создадеме можности да станеме пред сè добри, посветени и среќни луѓе, а потоа и вредни членови на заедницата.
Замислувам колку е тешко, тмурно и осамено во душите на тие што живеат во злорадост, гнев, страв, завист, омраза, гордост, лажење и алчност. Тоа се чувства заради кои боледуваат – и духот, и душата, и телото – а нивниот крај секогаш е тажен, истоштувачки и болен.
Затоа, деновите кога сончевиот зрак ги отвора новите можности – кога започнува нов месец – нека се претворат во повод секој поединец да започне градење нова сопствена приказна. Зошто животот е ДАР од Бога, чијашто полнота и крај овде на земјата не ги знаеме.
Да ги исползуваме мудро и добро последните мигови на земното време, зашто Вечноста, која ни е ветена, може да започне уште со првата утринска светлина.
1ви ноември 2025 лето Господово
- fb Simeon Stefkovski's post


























