Акад. Владо Камбовски
МАНУ, 3 мај 2012 година
Поздравна реч на Промоцијата на две книги од акад.Ацо Шопов,
објавени во Аргентина и во Луксембург
Оваа година се навршуваат триесет години од смртта на акад.Ацо Шопов, еден од нашите најистакнати поети од првата повоена и пострациновска поетска генерација. Догодина ќе ја одбележиме деведесетгодишнината од неговото раѓање и уште еднаш ќе се потсетиме на трајната вредност на неговото големо дело, сочувано во светската културна ризница. Тоа е, меѓу останатите, една од важните задачи на Македонската академија на науките и уметностите: не само да создава највисоки културни и уметнички вредности, туку и да ги заштитува во колективната меморија, во случајот на акад. Шопов како неизбришлив запис за еден силен поетски извор, кој секогаш ќе ги напојува со најлечебни чувства и најкротки мисли жедните за човечко разбирање и љубов.
Повод за нашето денешно собирање се две негови книги објавени во Аргентина и во Луксембург. И во двете - првата во превод на шпански, втората во француски и германски превод, се поместени песни од неговиот циклус посветен на “црното сонце” и “небиднината”. Со нив се проширува библиографијата на неговите објавени поетски книги или песни застапени во светски антологии на дваесетина странски јазици. Светот допрвин ја открива поезијата на Ацо Шопов и ќе ја открива уште повеќе, во мера во која ќе му недостигаат автентични интерпретатори на човековата интима. Сосема ненасилно се наметнува прашањето: од што извира нејзината сила, зошто таа, условно земено, не застарува ни во стилска ниту во тематска смисла, туку напротив, е секогаш неповторливо жива и инспиративна?
Толкувачите на неговата поезија бездруго имаат издржано објаснување, но еве и јас, обичниот поклоник на неговото дело, ќе се обидам да нафрлам едно небаре лаичко гледиште: затоа што секој обичен читател, макар и површно запознат со поетските правци и стилови, во поезијата на Ацо Шопов ќе препознае нешта својствени за највисоките поетски дострели - искреност и автентичност. Искреноста на неговата поезија има магнетна сила, зашто директно ја погаѓа сечија внатрешна смртна болка на биднината и небиднината, со пораки отаде смислата на зборовите и нивната гласовна трансформација. Кога се чита неговата поезија, се потонува во свој интимен свет и дури отпосле, според тајниот клуч на препознавањето, се констатира дека е тоа истиот оној свет на авторот, во кој тој ни остапил дел од својот интимен простор.
Автентичноста и, со тоа, оригиналноста на поезијата на Шопов несомнено извира од неговата закрепостеност во просторот, народот и времето во кои се родил. Тие ја обликувале не само неговата животна и поетска судбина, туку и неговиот мироглед, фокусиран врз човекот, неговото свесно и несвесно интимно разбирање на самиот себеси и доживување на светот што го опкружува.
Изборот на поезијата претставена во двеве книги што денеска се промовираат пред нашата јавност опфаќа песни од највисокиот и најзрелиот стадиум на неговото творештво, со кои рефлексивно-филозофскиот третман на есенцијалните прашања на битието и небиднината е трансформиран во лирски теми на истрајна потрага по зборот и песната, по смислата на љубовта, по светскиот трагизам и тишината. Тие не се напишани едноставно и се користат со рафинирани изрази и симболи: огнот, каменот, времето, зборот, љубовта, жената, сонцето, пепелта, тие упорно настојуваат да ги помират спротивностите - срцето и разумот, зборот и тишината, постоењето и небиднината. Но тие, сепак, се восприемаат лесно, ставајќи го меѓу свесното и несвесното, реалното и мистичното - зборот како носител на отворени и скриени универзални пораки. Појавата на овие книги е доказ дека поезијата на Ацо Шопов не престанува да зрачи низ таквите пораки со сета своја моќ во бесконечниот простор на поезијата, негирајќи го законот на заборавот како конечна небиднина.
Добро би било, и треба да сториме сè, таква афирмација и присутност во светскиот поетски атлас да доживее и трајно да опстојува делото и на другите наши големи имиња од поетската генерација на акад.Ацо Шопов.
Друго:
Во МАНУ претставени книги од Шопов обЈавени во Аргентина и во Луксембург
КАТИЦА ЌУЛАВКОВА -Ритуалноста на поезијата на македонскиот класик Ацо Шопов