Индијанец во Перивлепта
Индијанец на фреска е насликан во охридската црква "Св. Богородица Перивлепта". Ова уникатно дело, единствено во светот, е дел од иконографскиот модел од композицијата Педесетница
Индијанец на фреска е насликан во охридската црква Св. Богородица Перивлепта. Ова уникатно дело, единствено во светот, е дел од иконографскиот модел од композицијата Педесетница (Духовден) сместена во најгорниот дел од западниот ѕид до наосот околу бифората. -Токму поради тоа што тука се наоѓа прозорецот немало можност да биде оној традиционален иконографски модел кој се практикувал уште од 10 век и затоа тука имаме скратена верзија на Педесетница. Насликани се по шест апостоли од двете страни на прозорецот во полукруг, а на најгорниот дел до сегментот на небото има по еден празен стол. Едниот го симболизира присуството на Богот Отец кој е невидлвив, но е сеприсутен, другиот престол е за Богосинот-Исус Христос, а Светиот дух е претставен како слегува во вид на пламени јазици како паѓа врз главите на апостолите. Веднаш до прозорецот ја имате белата и жолтата раса а од другата страна црната и црвената. Над нивните глави пишува писмо кое вели - "јазиците на родовите" односно "јазиците на светот", раскажува д-р Јана Попоска кустос во "Света Богородица".
Според неа и оваа композиција, како и останатите, има одредена порака до посетителот а тоа е дека христијанството не треба да се сфати како религија, затоа што, како што вели, брзо ќе умре како и секој филозофски правец, како и секое општествено уредување. Христијанството според д-р Попоска треба да биде стил на живеење, љубов и респект за целиот свет.
Попоска заедно со оваа фреска која ја има публицирано во 2006 година има откриено 43 композиции од оваа црква. Вели, Перивлепта може уште многу да се проучува - има безброј сигнали симболи, писма, кратенки. Наградена е и со повеќе златни медали токму за нејзините откритија и тоа од српскиот, бугарскиот и турскиот претседател, како и од градоначалникот на Минхен.
-Јас со Божја помош успеав да ги откријам овие композиции, а некои од нив се уникатни во светот како што е Индијанецот и Господ претставен како жена со три лица, вели Попоска.
Уникатната фреска на Индијанецот насликана е во 1295 година од Михаил
Астрапа и Ефтихие 200 години пред откривањето на Америка, што значи дека за постоњето на Америка од теолошки аспект било познато уште во апостолските времиња, а тоа е од перидот од првиот век.
Сузана Вренцовска - Вечер