ЛАЗАРЕВА САБОТА
Пред
Твоето доброволно страдање, Христе Боже, си им дал на сите луѓе
уверување во општото воскресение: зашто во Витанија си го подигнал
Лазара четвородневниот со Својата семоќна сила и како Светлодател,
Спасителе, си направил слепите да прогледаат. Со своите ученици си
влегол во Светиот град, седејќи на осле како на Херувим и така си ги
исполнил зборовите на пророкот. Децата еврејски, земајќи палмови гранки,
Ти излегоа во пресрет. Затоа и ние, носејќи палмови и маслинови гранки,
благодарно Ти воскликнуваме: Осана во висините! Благословен е оној, кој
доаѓа во името Господово!
Утрена, Лазарева сабота
Поуки од светите отци: Внимавај! Предупредувам и
сведочам и го објавувам ова со глас разбирлив за сите: ...„Никој кој има
непријател да не се приближува до Чесната Трпеза, ниту да го прими
Телото Господово.“
Свети Јован Златоуст
Молитва:
Господи, да се придружиме и ние на пофалната песна за Тебе,
Твоето свето и благословено Име нека е прославувано навек! Помогни ни,
Господи, да го бараме најнапред Твоето Царство, ништо не
претпоставувајќи му, за во сè да се изврши Твојата волја. Амин.
Читање од Светото Писмо:
Битие 49, 1-2; 8, 12
Софониј 3, 14-19
Захариј 9, 9-15
Послание до Евреите 12, 28; 13, 8
Свето Евангелие по Јован 11, 1-45
Созерцание: А Исус и рече: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.“
Свето Евангелие по Јован 11, 25
Подготви: А.Л.
Преминпортал, лето Господово 2014
Од Верскиот календар на МПЦ-ОА
Преподобен Јован Лествичник
Писателот на прочуената Лествица. Однекаде дојде на Синајската Гора како шеснаесетгодишно момче и остана овде, прво како послушник, потоа како отшелник и на крајот како синајски игумен до осумдесеттата година од животот, кога се упокои (околу 563 година). Неговиот животописец, монахот Даниил, за него вели: „Со телото се вознесе на Синајската Гора, а со духот на Гората Небесна“. Кај својот духовен отец, Мартириј, Свети Јован помина во послушание деветнаесет години. Кога Анастасиј Синајски еднаш го виде младиот Јован, за него прорече дека ќе биде синајски игумен. По смртта на својот духовник Јован се повлече во една пештера, во која во тешки подвизи проживеа дваесет години. Неговиот ученик Мојсеј еден ден заспа под сенката на еден голем камен. Додека во тој миг стоеше на молитва, Св. Јован виде дека ученикот му е во опасност и почна за него да Му се моли на Бога. Подоцна кога дојде, Мојсеј падна на колена пред својот духовен отец и му заблагодари зашто го спаси од сигурна смрт. Му раскажа како во сон го слушнал гласот на Св. Јован кој го викнал, па скокнал од сонот. Во тој миг оној голем камен паднал, а ученикот се спасил неповреден. На навалување на браќата светителот прифати да им биде игумен и со љубов и ревност се трудеше за спасението на човечките души. Еднаш слушна прекор од некои дека е многуглаголлив. Не се разгневи ни малку, но по ова замолча и цела година не изговори ни збор додека браќата не го измолија да им зборува и да продолжи да ги поучува со неговата Божествена мудрост. Еднаш во Синајскиот манастир дојдоа шестотини поклоници. На трпезата сите видоа едно вешто момче во еврејска облека како им служеше, а и на останатите слуги им заповедаше и ги распоредуваше. Одеднаш момчето исчезна. И кога сите се обѕираа и се распрашуваа, Свети Јован рече: „Не го барајте, тоа беше Пророкот Мојсеј, кој ни послужи на своето место“. За време на своето молчалништво во пештерата Св. Јован напиша многу духополезни книги, од кои најславна и до ден денес многу читана е „Лествица“. Во неа се опишува методот на вознесувањето на душата кон Бога како постапна лествица. Пред смртта Свети Јован го одреди својот брат по тело Георгиј за наследник во игуменството на манстирот. Но тој многу тагуваше заради разделбата со неговиот Свет брат и игумен. Тогаш Јован му рече дека ако се удостои со близината Божја на оној свет ќе се моли и тој, Георгиј, да биде земен. Така и стана. По десет месеци се упокои и Георгиј и стана небесен сограѓанин на својот свет брат Св. Јован Лествичник.