ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светите Христови
четиринаесет илјади
Витлеемски младенци
29 декември / 11 јануари
Нема непријателот љубов во себе,
затоа што самољубието во него е длабочина неизмерлива,
о Господи прибери ги Твоите младенци од сите векови,
и насади ги во Твоите градини како кринови расцветани,
како садови во кои се мијат рацете на простувањето.
Тропар на светиот
Христов игумен
Маркел
29 декември / 11 јануари
Кога светлината на очите твои дозна,
преподобен оче Маркеле,
дека не спие Оној Кој го чува Израилот,
побрза славословие на Бога да принесеш,
преку сите денови на твојот живот,
а Он Вистинскиот не ги отфрли твоите повици,
и ги запази оние, кои се застапени во твоите молитви.
Затоа и ние припаѓаме денес пред тебе и те чествуваме,
како Божји угодник, и молител на нашите души.
*Игумен на обителта незаспивливи
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот отец Теофил плачлив
11/01/2021
Глас 2
Дарот даруван ти од Христа Бога,
преку молитвите на Марко великиот,
те умудри да го чекаш денот Господов,
о, Теофиле свети, и твоето покајание
не беше изненадено од времето кое одминува.
Моли се и за нас солзен саду кој врлини собра,
и душа излекува со благодатта Христова.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот отец Марко пештерник
11/01/2021
Глас 8
Верата твоја чудесна Марко свети подвижниче,
Господ ја зали со миомирисна простота,
од каде блаженство изнедри кое и мртви воскреснува
и души обременети утешува, о, достојнославен затворениче.
Застапи се за нас ти чие видело далечини не познава,
по твоите молитви да стигнеме до Христа Бога,
избегнувајќи ги митарствата.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот отец Тадеј
11/01/2024
Глас 1
Радувај се свет исповедниче,
и пак радувај се Тадее оче наш преподобен,
кој награда за подвигот духовен доби:
за Христа и Вистината да пострадаш удостоен беше.
За нас сега моли се по твоите молитви благодат да
добиеме и секогаш Христови да останеме.
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Православен календар за 11/01/2024
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Житие: Светите четиринаест илјади младенци маченици во Витлеем
Бидејќи мудреците од Исток не се вратија од Витлеем во Ерусалим за да му јават на Ирод за новородениот Цар, туку на заповед од ангел по друг пат заминаа за својата татковина, царот Ирод се разјари како лута ѕверка и нареди да се убијат сите деца на возраст до две години во Витлеем и во сета витлеемска околија. Оваа страшна царска заповед беше извршена буквално. Неговите војници некои деца ги убија со меч, други ги разбиваа врз камења, трети ги гмечеа со нозе, четврти со рацете ги задавија. И се крена плач и лелек на мајките до небесата; пискот и горко плачење, „Рахил плаче за своите деца и не сака да се утеши за нив, зашто ги нема“ , како што е и пророкувано (Еремија 31, 15; Матеј 2, 18). Ова злосторство над многубројните невини деца се изврши една година по раѓањето на Исус Христос, на 29 декември. За ова време Ирод трагаше за да Го пронајде Божествениот Малденец. Го бараше од Захарија син му Јован, се разбира за да го убие, зашто мислеше дека Јован е тој нов Цар. Па бидејќи Захарија не го даде Јован, по наредба на Ирод самиот Захарија го убија во храмот. Ќе го убиеја и Св. Симеон Богопримец, ако после Сретение не се упокоеше во Господа. Откако ги уби витлеемските деца Ирод се наврте на еврејските старешини коишто му толкуваа каде треба да се роди Месијата. Го уби првосвештеникот Иркан и други седумдесет старци од Синедрионот. Така зло завршија и оние коишто се согласуваа со Ирод дека новиот Цар Младенец треба да биде убиен. Потоа ги уби своите - брат му, сестра му и жена му и тројцата свои синови. Најпосле и него го постигна Божја казна: почна сиот да се тресе, нозете му потекоа, долниот дел од телото му загнои, а од гнојот потекоа црви, носот му се затвори и од него се ширеше неподнослива смрдеа. Пред да издивне се сети дека во затворот има многумина Евреи коишто би се израдувале на неговата смрт, па заради тоа нареди сите да ги убијат. Така ја испушти својата нечовечна душа овој грозен владетел и им ја предаде во вечна сопственост на демоните.