[youtube height="350" width="600" align="none"]https://www.youtube.com/watch?v=QEZ6cf2bhzQ[/youtube]
Тропар глас 6.
Ти се воплоти во пештера тајно, но небото Те објави на сите, Спасителу, како уста употребувајќи ја sвездата, и таа Ти ги приведе мудреците кои со вера Ти се поклонија. Со нив и нас помилуј не.
А кога се наврши времето, Бог Го испрати Синот Свој Единороден (Гал. 4, 4) за да се спаси човечкиот род. И кога се исполнија девет месеци од благовеста којашто архангелот Гавриил Ѝ ја јави на Пресветата Дева во Назарет велејќи: „Радувај се, благодатна..., еве ќе родиш и ќе зачнеш син“ - во тоа време излезе заповед од кесарот Август да се попише сиот народ во римското царство. Сходно на таа заповед требаше секој да отиде во својот град и таму да се запише. Праведниот Јосиф со Пресветата Дева појде во Витлеем, градот Давидов, зашто обајцата беа од царското колено Давидово. А бидејќи во тој малечок град заради пописот се стекна многу народ, па Јосиф и Марија не можеа да најдат ноќевалиште во ниедна куќа, се засолнија во една овчарска пештера, каде што пастирите ги затвараа своите овци. Во таа пештера, ноќта меѓу саботата и неделата на 25 декември, Пресветата Дева Го роди Спасителот на светот, Господ Исус Христос.
Откако Го роди без болка, како што и Го зачна без грев, од Светиот Дух а не од човек, таа самата Го пови во ленени пелени, Му се поклони како на Бог и Го положи во јасли. Потоа пријде и праведниот Јосиф, и тој Му се поклони како на Божествен плод на девствена утроба. Тогаш дојдоа и пастирите од полето, упатени од Божјиот ангел и Му се поклонија како на Месија и Спасител, воскликнувајќи: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“ (Лука 2). Во тоа време пристигнаа тројцата мудреци од Исток, водени со чудесна ѕвезда, со своите дарови: злато, ливан и измирна. Тие на Младенецот Му се поклонија како на Цар над царевите и Го даруваа со своите дарови (Матеј 2). Така дојде во светот Оној Чиешто доаѓање беше пророкувано од Прорците, Којшто се роди онака како што беше пророкувано: од Пречиста Дева, во градот Витлеем, од коленото Давидово по тело, во време кога немаше веќе во Ерусалим цар од родот Јудин, туку царуваше Ирод туѓинецот. После сето мнозинство на Неговите предобрази и наговестувања, на пратениците и благовесниците, Пророците и праведниците, мудреците и царевите, најпосле се јави Он, Господарот на светот и Царот над царевите, за да го изврши делото на човечкото спасение, коешто не можеа да го извршат Неговите слуги. Нему Му припаѓа вечната слава. Амин. ( од Врскиот календар на МПЦ)
pp