ФАРИСЕЈ
(во два дела)
Брат! Внимателно да проникнeме во Евангелието, да се загледаме во
карактерот на Господа Спасителот наш Иисус Христос. Ние ќе видиме, дека
тој никогаш не се соблазнувал на грешниците, без разлика колку биле
тешки нивните гревови. Исто така нема ниеден пример во целото Евангелие
каде што светите апостоли се соблазнуваат на некого. Спротивно,
фарисеите се соблазнуваат постојано, се соблазнуваат дури на Самиот
Сесовршен и вочовечен Бог; се соблазнуваат дотолку, поради што го
осудуваат како престапник и го предаваат на срамотна смрт; Го распнуваат
Спасетелот на крст посреде два разбојника! Од сево ова природно
излегува заклучокот дека соблазнувањето е голем недостаток на душата,
дека тоа е својство на фарисејот. Треба внимателно да гледаме во срцето и
со духовно расудување нацрпено од Евангелието да го умртвиме во него
чувството на соблазна од ближните.
Евангелието е – свештена и сесвета книга! Како што во чистите води се
отпечатува сонцето, така во Евангелието е изобразен Христос. Оној што
сака да го види Христа, нека ги очисти умот и срцето со покајание! Тогаш
тој ќе Го види во Евангелието, Христа вистинскиот Бог како Спасител на
паднатите луѓе; ќе види во Евангелието, какви својства треба да има
ученикот на Иисуса , којшто е повикан да се научи на кротост и смиреност
од Самиот Господ. Во таквите Богоподражателни добродетели тој ќе го
најде блажениот покој на својата душа.
ПРВ ДЕЛ
Влегол еднаш Господ во домот на Матеј митарот, претворајќи го од митар
во апостол, седнал воплотениот Бог на трпеза заедно со грешници.
Фарисеите гледајќи го тоа се соблазниле. Зошто, му велеле тие на
учениците Иисусови, зошто со митари и грешници вашиот Учител јаде и пие?
(Мт. 9:11).
Најпрвин кажете, фарисеи, зошто тие луѓе ги нарекувате грешници? Не ќе
беше ли подобро ако ги наречевте ксметлии или блажени, Ангели или
Херувими, бидејќи Бог благоволи да седне заедно со нив? Не ќе беше ли
подобро и сами да кажевте: „ И ние сме грешници! Прими нè и нас
милосрдни Исусе покрај нозете Твои. Овие грешници, Срцезналче и
вистински Судијо, Ти си ги удостоил со чест, одминувајќи не нас Ти седна
со нив. По сè изгледа нашите гревови, пред Тебе, се поголеми од
нивните. Ти со нив седиш, а нам барем дозволи ни да припаднеме кон
Твоите нозе.“
Го нема светото благоухание- смирението кај мрачните праведници, кои се
богати со праведноста на паднатата човечка природа, праведноста лажлива,
праведноста бесовска. Тие дрско го осудуваат Господа, ги осудуваат и
примените од Него грешници, кои по таков начин стануваат вистински
праведници, - го отфрлаат Господа, велејќи: вашиот Учител. Давајќи до
знаење дека не го признаваат Него за свој Учител.
Одговорот на Господа е – одговор за основата на скриениот недостаток на
фарисеите. Овој одговор во себе содржи страшно осудување и отфрлање на
секоја привидна човечка праведност која е соединета со осудување на
ближниот. Не им треба, рекол Господ, лекар на здравите, туку на болните.
Одете научете се, што значи, милост сакам а не жртва. Не дојдов да ги
повикам праведниците, ами грешниците на покајание (Мт. 9: 12- 13).
Подготви: о. Нил
Друго:
Св. Игнатиј Брјанчанинов -ФАРИСЕЈ (2)