На денот кога Светата православна црква го празнува споменот на Св. Атанасиј Велики, Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на Епископот Велички г. Јосиф отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на овој светител во Неготино. На Литургијата сослужуваа повеќе свештенослужители од епархијата, а молитвено голем број верници од градот го чествуваа својот закрилник. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Агатангел, Епископот Јосиф и свештениците извршија водосвет и ги благословија славските колачи.
Свети Атанасиј Велики, архиепископ Алесандриски 31/01/2013
Роден во Александрија 296 година. Од детството наклонет кон духовниот призив. Беше ѓакон кај архиепископот Александар и го придружуваше својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напиша Симболот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, Св. Атанасиј беше избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не беше цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот беше гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеа: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Беше принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватни куќи, по пустини. На двапати бегаше во Рим. Дури пред смртта едно време проживеа мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубеше. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како Св. Атанасиј. Но неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одеше кај Свети Антониј, кого го почитуваше како свој духовен отец. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во Своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година.
ЕПИСКОП ВЕЛИЧКИ
ЈОСИФ
Благочестиви христијани[1],
Светата православна црква определила на денешниов ден да се празнува еден од најголемите светители на Православието – светиот Атанасиј Велики. Не случајно му го дадовме овој епитет, затоа што неколкумина од светителите се удостоиле кон нивното име да се прилепи и терминот Велики – со кој се означува и заслужноста, и духовната големина и делото. Така, покрај свети Атанасиј, како велики отци на Црквата се именуваат уште и свети Василиј, преподобните Антониј, Теодосиј, Макариј, Ефтимиј и други. Така се нарекува денешниот славеник, затоа што тој е еден од најголемите бранители на светата православна вера од нападите на еретиците, кои со своите учења сакале да го изменат верувањето, да ја изменат вистината. Свети Атанасиј е меѓу најзаслужните богослови, особено заради неговиот придонес во формулирањето на догмата, односно учењето за Света Троица. Уште на релативно млада возраст, како ѓакон на Александрискиот епископ Александар, учествувал на Првиот вселенски собор во Никеја (325 година), каде што со својата ревност, но и со своите широки познавања, не само од теологијата, но и од античката филозофија, го изобличил учењето на еретикот Ариј, кој се обидел да внесе голем раздор меѓу православните, со своето тврдење дека Синот Божји е создание, а не еднаков на Отецот, како што исповедаат православните до денес. Свети Атанасиј го победил Ариј во спорот и неговото погрешно проповедање било отфрлено, а официјалното учење на Православната црква за односот меѓу Отецот и Синот, кој се дефинира со зборот омоусиос – или едносуштен (една суштина, една природа), до кое се дошло, меѓу другото, и благодарение на свети Атанасиј, се распространило на знаење по сите места на светот. Откако се видело делото, но и интелектот и што е најважно верата и ревноста на свети Атанасиј, тој веднаш, на својата 29 година, бил ракоположен за епископ. Владичествувал 40 година, а сиот живот го поминал во постојани прогони од сектата на аријаните, но не отстапил од вистината и затоа Господ го овенчал и со Царство небесно, но и со голем спомен, украсувајќи го во историјата со епитетот Велики. Овој голем светител го составил првото официјално пишано исповедание на верата, и врз основа на него е подоцна утврден Символот на верата, или познато уште како Верују, што денес се чита на секоја света Литургија.
Возљубени христијани,
Ќе се запрашате зошто ви кажував толку за свети Атанасиј? Затоа што, претставувајќи ви ја неговата личност и неговото дело, сакам да посочам за што тој живеел и како живеел, и согласно на тоа, како ние треба да го следиме, и какви примери треба да земаме од него. За жал, по некои краишта на Македонија, на денешниов ден се практикуваат чинови, обреди и обичаи кои не само што се срам за верата во која сме се крстиле, не само што се потценување на личноста што ја славиме – светиот Атанасиј, туку се и друговерни – исламски и пагански. Затоа упатуваме апел, на сите што на овој ден принесуваат курбани, односно крвни жртви, колат животни, се помачкуваат и попрскуваат со крв, и што е најстрашно тоа го прават по дворовите на црквите и во име на православното верување, дека такви обичаи, дека такво верување не постои во Православната црква, и кој го прави тоа, покажува дека не е православен. Ние во Црквата принесуваме само бескрвни жртви, како свеќите, лебот, виното, пченицата итн., а последната крвна жртва беше Самиот Христос, Кој за нас се распна на Крстот. Не е воопшто проблем што на овој ден се подготвува храна, и тоа некако се утврдило како традиција, но убаво е таа храна да ја подготвуваме и да ја делиме на сиромашните, на детските домови, на болниците и затворите – ова да го даваме во име на свети Атанасиј, а за своја полза, и духовна и телесна.
Во оваа прилика сакам особено да му се заблагодарам на Неговото високопреосвештенство, митрополитот Повардарски г. Агатангел, за поканата, еве, заедно со вас да учествуваме на денешново заедничко торжество. Голема е радоста за Македонската православна црква кога се гледаат даровите на заедништвото – односно на соработката меѓу верниците и надлежниот архиереј. Повардарската епархија последните неколку години се издигна и на духовен и на материјален план. Се градат нови цркви и манастири, се возобновуваат и старите, се печатат книги за верата, се издржуваат народните кујни за сиромасите, митрополитот ги посетува и помага болните, особено децата и се грижи за сеопштото здраво живеење на својата паства, поддржувајќи ги проектите на еколошките друштва итн. - но таквите дела се случуваат само доколку се почитува надлежниот архиереј и се ценат неговите дела, но и доколку и тој сведочи и работи како што треба, што овде, на оваа територија во Повардарието, е очигледно. Се радува и торжествува и целата Црква, доколку, еве, некаде, како овде, се прават богоугодни и родољубиви дела.
Светата Литургија нека е на здравје и спасени и за многу години празникот. Амин.
[1] Беседа за празникот на свети Атанасиј Велики, изречена на 31. 1. 2013 година, во храмот „Свети Атанасиј Велики“ во Неготино.
Повеќе: