Човековото срце е длабоко; како да се дознае што се случува во него, а уште повеќе, што во него треба да се случува во одредени ситуации? Секој има свој карактер, свое расположение, свои страсти, тежнеења, навики. Секој, значи, треба да има свој развој на внатрешното самопоправање; еден за сите невозможно е да се утврди.
Самопоправањето не доаѓа од ладните заклучоци, туку од живото и ревносно делување кое се одвива длабоко во срцето. Христијанството е тајна не само во својата основа, туку и во дополнувањата. Постапката на неговото образование во срцето е слична на патот низ скриен и долг подземен тунел. Оној што ќе реши да стапне на тој пат ќе рече: еве го патот – и тој веќе врви по него. „Значи, кој може да се спаси“, ќе рече некој, откако ќе ги воочи тешкотиите на самопоправањето? – Ќе одговориме со зборовите на Спасителот: „за луѓето ова е невозможно, но за Бог сѐ е возможно“.
- Оној што решил да живее христијански живот преку Светите Тајни добива благодат од Светиот Дух Кој просветлува, укрепува и теши. Живеејќи со него, таа го води за време на опасното туѓинување на земјата, на најпремудар начин. И кој може да се надева дека сам ќе го поправи своето срце? – Зарем во ова свето дело некој може да очекува успех од помошта на човек и неговите постапки? Чујте што вели Господ: „Ќе ве поросам со чиста вода и вие ќе се очистите од сите ваши сквернавења, и од сите ваши идоли ќе ве исчистам. Ќе ви дадам ново срце, нов дух ќе ви дадам. Ќе Го внесам во вас Мојот Дух и ќе направам да одите по Моите заповеди и да ги пазите и да ги исполнувате Моите повелби (Езек. 36, 25-27). Сѐ е од Господ. Нему да Му се предадеме, на Неговото благодатно дејство, за од нас Тој да направи, како уметник и создател – добри и чесни садови – многу добри созданија.
- Од своја страна, ние можеме само да Му ја покажеме искрената желба за самопоправање и вистинската подготвеност да се покориме на Неговите барања. Што се случува со оној што ќе биде посетен од Господовата благодат, како таа го води по патот на очистувањето и состојбата на чистота и непорочност, – тоа Спасителот го покажа во параболата со блудниот син.
Свети Теофан Затворник
Извор: МПЦ-ОА