Влегуваме со возбуда за да го почувствуваме пулсот на праисторијата заспана на дното од езерото. На триесеттина метри од брегот долу под водата владее „живата" тишина во чудесна кохезија со здивот на бронзеното време. Наоколу зелена вегетација од ниски бујни растенија свиени и полегнати од тежината на многубројните мали листови. Наместа празни полиња од наталожена песочна прашина помешана со пепел и ситни јагленчиња како и покрупни јагленосани парчиња од дрво. Насекаде низ вегетацијата назираат дрвени колци и подебели стебла закачени во дното. На некои им се гледаат годовите, а другите се издигнуваат повисоко и се завиени со зелени тревки и многубројни школки кои од колците создале чудесни скулптури. Претпоставуваме дека на целиот простор има околу четири илјади дрвени колци кои се неми сведоци на дамнешната езерска цивилизација. Меѓу нив и насекаде по дното „семејна атмосфера": многубројни цели и испокршени керамички садови со различни форми, некои полни со песок, кал и пепел и грутчиња јаглен, по рабовите „украсени" со школки, потоа разновидни мазни камења и камени секирки, кременчиња и други предмети... Долго патувавме низ времето, околу три илјади години, откако во занесот ќе ја пробиевме опната на нашата димензија. Врвулица од луѓе испечени од сонцето, облечени со елеци од крзна, жени со разголени гради и кожни мокасини, лаеж на кучиња, рикање на добиток, свиреж од рог, џагор... Стоевме на една полјана како стаписана скулптура со наслов „СУШТЕСТВА ОД ИДНИНАТА". Една црнокоса девојка со препалена кожа помина покрај нас, малку подзастана и му намигна на суштеството Рико, а потоа со весела насмевка продолжи по цветната патека. Овој се возбуди и тргна кон неа. Таа одеднаш погледна наназад изненадена. Рико повторно се стаписа, само очите му беа широко разрогачени.
Така секојдневно патувавме во бронзеното време.
Повторното враќање во денешниот подводен езерски штимунг беше како враќање на новороденче во мајчина утроба. Повторно „живата тишина" пет метри под нивото на езерото. Околу само здив и шепот на археолошките остатоци, невини мали рипчиња во видокругот на пластичните нуркачки маски и густежот на планктонските орди. Повремено темна силуета на елегантна јагула.
Излегувавме на брегот со посебно чувство за минливоста на животот. Седнувавме збунети на нашиот праг изграден од бетон во крајот на вториот милениум од Христовата ера. Последниот пат на бетонот еден од нас недостасуваше. Рико.
(Запис од подводните истражувања во Заливот на Коските на Охридското Езеро, 1998)
Вапо