Во Друштвото на писателите на Македонија вчера беа промовирани вториот и третиот том од книгата “По стапките на христијанството во Македонија“ од авторите Вера Стојчева Антиќ и Митрополитот Американско-Канадски г. Методиј Златанов.
Воведна реч одржа протојереј ставрофор Драги Костадиновски кој во името на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан ја поздрави промоцијата на книгата во која преку пишан збор се објавени делата на нашите христијански творци посакувајќи многу други вакви дела во иднина.
Промоцијата на вториот том на книгата ја одржа д-р Илија Велев истакнувајќи ја Македонија како библиска земја која уште во времето на Христа и Богородица се спомнува во Библијата, а апостол Павле од Македонија почнува да го врши покрстувањето на македонскиот и другите народи. Во деветтиот век домородното македонско население придонело за манифестирање на словенската христијанска свест, а Охридската Архиепископија го продолжува трендот на одржување на Христијанството.
“Вториот том на трилогијата “По стапките на христијанството во Македонија“ има пригоден карактер со два циклуси. Едниот се однесува на Синодот на Македонската православна црква и содржи податоци за нашите највисоки првосвештеници и нивни слова, беседи и посланија. Во Македонија низ двомилениумска христијанска традиција се градат многу христијански храмови од верски и политичко-социјални побуди. Во средновековието црквата била главен двигател на општеството. Вниманието во вториот дел од книгата се упатува на повеќе ктиторски потфати во Македонија и во дијаспората. Се наведуваат новите градби, како и реконструкциите на оние од постар датум преку ктиторски, односно донаторски прилози. Оваа книга претставува успешно напишан популарен прирачник кој ја отсликува духовната опстојба на македонскиот христијански народ“, рече Велев.
Научниот советник проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски истакна дека Македонија е земја крстопат и земја на крстот во која се видливи трагите на апостол Павле.
“Веќе два милениуми овој народ го одржува христијанството со градење на духовни храмови. Третиот том на оваа трилогија бележи лични сведоштва за македонската црква која опстојува низ времето во слобода и љубов. Ова е историски запис за новоизградените цркви и манастири, особено оние во Преспа, Струга, Берово, Македонски Брод, но и други. Половина од книгата е посветена на црквите во канадската епархија која е многу битен дел на духовниот живот на нашите иселеници. Денешното време е време на обновен духовен живот. Книгата содржи и дел посветен на Богословијата и Теолошкиот факултет кои го носат името на Свети Климент и бележат 40, односно 30 години од своето постоење“, рече Ѓорѓевски во својата промоција.
Авторот Вера Стојчевска Антиќ рече дека оваа трилогија претставува дел од повеќегодишниот труд за канонизација на македонските светители кој го превзеле со Митрополитот Методиј (Златанов).
“Сметаме со четвртата книга која ќе се појави идната година да го заокружиме овој проект. Со овие четири книги сакаме, во време кога македонската црква е оспорувана особено од соседите, фактографски да покажеме пред светот дека ако нешто има длабоки корени во Македонија, тоа е македонската превославна црква“, рече Стојчевска Антиќ.
Преземено од Нова Македонија
И.Михајловиќ
Посети:{moshits}