Затоа тој зборува и за светотаинско просвештение, односно просветлување преку светите тајни крштение, покајание или исповед и евхаристија, односно светата причесна, со посебна нагласка на последнава света тајна - причесната, преку која се постигнува и врвното просветлување, односно осветување или обожување на човековата личност. Заради достојното причестување свети Климент зборува и за трет вид просвештение, а тоа е преку практиката на добродетелите: братољубие, странољубие (гостопримство), вера, молитва, пост, смирение, милостина, чистота, љубов и други. Тоа е патот на целосното и вистинско просветлување кое води кон осветување и обожување на човекот како крајна задача и цел на неговата егзистенција, бидејќи целта на создавањето на човекот не беше само неговата проста биoлошка егзистенција, туку вечната егзистенција, за која зборува свети Максим Исповедник. Со ваквата просветна програма свети Климент целосно го следи најавтентичното и најздраво православно црковно предание и пракса на најеминентните отци и учители на Црквата.
„ПРОСВЕШТЕНИЕТО ВО ТЕОЛОГИЈАТА НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“