Коефициент на духовна интелигенција (втор дел)
(11.03.2015 09:51)
Коефициент на духовна интелигенција (втор дел)
Во претходната беседа ви реков дека наместо постепеното совладување (една по една) на точките преку кои се надминува секое искушение – процес што е карактеристичен за почетниците во православниот духовен живот, можеме да се обидеме веднаш – на пократок начин, преку молитвата, да ја пренасочиме енергијата кон Бог и умот да профункционира во својата примарна функција. Знаеме веќе дека само ваквото дејствување на умот, преку содејство на Божјата енергија (благодат), ја преобразува неговата енергија – во што и се состои нашето спасение. Уште рековме дека преку времето, поминато во чиста молитва, што ќе ни биде потребно да ја надминеме бурната внатрешна состојба (помисли, чувства) после слученото искушение, можеме емпириски да го измериме и коефициентот на нашата духовна интелигенција; можно е и научно истражување, како и табеларен приказ.
Што е всушност коефициент на духовна интелигенција? Коефициент на духовна интелигенција е нашата способност – преобразена од Божјата благодат, а стекната преку долготраен подвиг и од него произлезен опит, правилно и брзо да го надминеме секое искушение што ни се испречува пред нашиот раст додека не стигнеме до единство во верата и познавање на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство (Ефес. 4, 13). Практично, тоа значи дека со една мисла поминуваме низ сите останати точки (прифаќање, благодарење, самоосудување и смиреност), бидејќи нашиот ум и нашата душа преку досегашниот подвиг ги имаат веќе усвоено, и веднаш преоѓаме на четвртата точка – усрдно и концентрирано (чисто од други помисли) кажување во себе (или наглас) на молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот“ или „помилуј нѐ“.
Исто така, нагласив дека краткиот начин што го опишав не е и не може да функционира како обична психо-ментална техника (од типот на некои безлични медитации), туку овој подвиг мора да се заснова на личносниот однос со Личниот Бог, внатре во Црквата – преку Нејзините Свети Тајни, и да води кон негово продлабочување преку постојано покајание (преумување).
Претходнава опомена ја нагласивме затоа што погореопишаниот начин може да заличи на некаква психо-ментална техника, во очите на неопитните, главно од две причини: прво, брзината со која ја изговараме молитвата зависи од интензитетот на помислите преку кои демонот нѐ напаѓа – така што, на почеток, молитвата најчестo ја кажуваме забрзано, а по потреба и наглас, па дури потоа ја нормализираме; и второ, умот не смее да биде расеан, туку неопходно е неговата енергија максимално да е концентрирана во зборовите на молитвата, кои треба јасно да се изговараат – посебно кога ги изговараме внатре во себе, во нашето срце.
Како што веќе предупредивме, овој начин на молитва може некому да му заличи на некаква медитативна техника – но не е. Не е исто, главно, од две причини: прво, Му се обраќаме на единствениот вистински Бог – Синот Божји, Богочовекот Исус Христос, кон Кого и ја насочуваме енергијата на нашиот ум (која никој и ништо друго создадено не може да ја преобрази); и второ, молитвениот подвиг мора секогаш да е во покајание и плач – пред сѐ како внатрешно чувство; кое го следи целиот наш жив однос со Живиот Бог, како со збор така и на дело.
Нагласивме, молитвениот подвиг да ни биде во покајание и плач, ама покајание и плач во слободата и љубовта на децата Божји, не на наемниците или робовите. Тие, и да се обидат, не можат да имаат вистинско покајание и плач, како што може да имаат децата Божји – кои ништо не бараат освен својот Небесен Отец.
Митрополит Струмички Наум
Коефициент на духовна интелигенција (трет дел) (12.03.2015 00:14)
Коефициентот на духовна интелигенција го дефиниравме (накратко) како наша способност правилно и брзо да го надминеме секое искушение што се јавува како пречка за нашиот духовен раст. Практично, тоа значи дека со една мисла поминуваме низ сите останати точки (прифаќање, благодарење, самоосудување и смиреност), бидејќи нашиот ум и нашата душа преку досегашниот подвиг ги имаат веќе усвоено, и веднаш преоѓаме на преостанатата точка – усрдно и концентрирано (чисто од други помисли) кажување во себе (или наглас) на молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот“ или „помилуј нѐ“; сѐ додека не ја стабилизираме нашата духовна состојба и со добро не одговориме на искушението.
Ова е општа дефиниција. Зборот способност во себе содржи повеќе други добродетели (доблести), како што се: смирението, трпението, истрајноста, духовното знаење, слободата, како и некои други – од кои најважна е љубовта. Од љубовната молитвена заедница со Бог, внатре во нашето срце, произлегува и нашето познание и опитно знаење на Бог. Тоа е она знаење за кое светиот Апостол Павле вели: Затоа сметам дека и сè друго е штета спрема преважното познавање на Христа Исуса, мојот Господ, поради Кого се одреков од сè, и се сметам за отпад, само за да Го придобијам Христа (Филип. 3, 😎. Зошто? Затоа што познанието на Бог ни носи спасение, а само световното знаење, па колку и големо да е тоа – не.
Тука да се потсетиме дека потполно различни се и патиштата преку кои се стекнуваме со едното и со другото знаење. Духовното знаење се стекнува преку примарната функција на умот – кога неговата создадена енергија се соединува со несоздадената Божествена енергија (светлина), додека световното знаење се стекнува преку секундарната функција на умот (која ја нарекуваме и разум) – кога енергијата на умот се соединува со создаденото (со тварта). Уште сме рекле дека најкорисно и за Црквата и за светот е кога имаме носители и на двете знаења истовремено; и духовни отци кои во висок степен се и световно образовани (особено во соодветни, блиски области од науката), како и научници кои би биле просветлени – така што многу работи би им биле појасни, кога би се ослободиле од оковите на материјалното. Да, од една перспектива гледа орелот на небото, а од друга петелот во кокошарникот.
Забележувате дека речиси цело време се задржавме на терминот духовно знаење (познание). Го направивме тоа затоа што тој термин е најблизок, па дури и го подразбира терминот коефициент на духовна интелигенција. Еве уште неколку објаснувања за ова духовно знаење. Прво, треба да знаеме дека кога говориме за духовното знаење или за коефициентот на духовна интелигенција, пред сѐ, говориме за знаењето што го добиваме на вториот степен од духовниот развој – просветлувањето. Ова знаење е самостојно, за разлика од истиот коефициент на оние што се наоѓаат на првиот степен – очистување на срцето од страстите; тие се здобиваат со ова знаење само ако го стават својот ум во процес на исцеление (преку послушание кон својот духовен отец). Второ, ова е клучно знаење кое треба да го има духовниот отец, зашто со него ги раководи своите духовни чеда. И трето, во ова знаење спаѓа и предзнаењето, предвидувањето, прорекувањето (пророштвото) и некои други „ситници“ со кои Бог ја покажува Својата љубов кон Своите деца.
Еве ви еден совет од предзнаењето: сѐ што сега ви се чини дека е против вас, на крај ќе излезе во ваша полза, само вие одете си по Патот и не враќајте на злото со зло, туку со добро.
Митрополит Струмички Наум
Друго:
Коефициент на духовна интелигенција (прв дел)