ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот Христов
Столпник Симеон
1 септември / 14 септември
Симеоне свети подвижниче,
подвиг пред Господа голем принесе,
надминувајќи ја човечката природа на столб се подигна.
Пастирот Христос преку тебе светилник на столбот постави,
да свети по сите краишта земни,
да се распространува светлината Христова,
преку душа која Нему му е угодна,
по твоите молитви оче свети,
да се соберат сите од Бога создадени,
и да поверуваат во Неговата сила спасителна.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот праведен
Исус Навин
1 септември / 14 септември
Господ беше со тебе, Исусе Навине,
заради праведноста света твоја:
сонцето те послуша, Јордан се раздели,
и земјата ветена во наследство ти припадна,
каде народот Израелски глава потслони.
Радувај се Божји слуго и пред престолот на Вишниот
застапи се, имајќи ги за помошници вишните сили небесни.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
новомаченик Христов
Ангел
1 септември / 14 септември
Твоето исповедништво во Христа,
мачеништво се претвори во ангелски пој
воздигнат кон Небото, о Ангеле свети страдалниче,
Небесата кои прикажуваат за славата Господова
достојнославно го пречекаа подвигот твој за
верата спасоносна и на молитвите твои
ги предадоа оние кои го слават чесниот спомен.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светите
Христови четириесет
девојки подвижнички
и нивниот учител Амун ѓакон
во Тракија Македонска
1 септември / 14 септември
Маченичките тегоби ваши оган ревносен
разгоруваат кај оние кои го чествуваат
светиот ваш спомен о, страдалнички
четириесет подвижнички,
молете се за нас вие кои оган, меч, копја
и лути мачења заедно со Амун искусивте,
преминувајќи во вечното Царство на мирот и утехата.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светите
Христови маченици
Калиста и нејзините браќа
Евод и Ермоген
1 септември / 14 септември
Апостолското слово проповедано ги допре
душите ваши, о, Калисто, Еводе и Ермогене,
и вие натпревар помеѓу себе почнавте
кој повеќе на ближен ќе послужи,
станувајќи не само браќа по тело
туку еден дух во Господа.
Мачеништвото како награда примајќи го
спомнете нѐ пред Бога Живиот достојнославни маченици.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот отец
Мелетиј Нови
Кападокиски
1 септември / 14 септември
Закрепнувањето Господово во подвигот твој свет,
видливо стана по делата, кои облагодатени
ги принесе заради Бога, о, Мелетие чудотворче
на Вишниот, и мноштво народ кон Христа приведе во покајание, и братија кон свети подвизи на верата Православна.
Радувај се Христов послушнику
и за нас моли се Божји човеку.
Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (14.09.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Преподобен Симеон Столпник
Родум Сириец, од родители селани. Во својата осумнаесетта година побегна од родителите и се замонаши. Се предаваше себеси на најтешки подвизи, понекогаш постејќи по четириесет дена. Потоа се предаде на особен подвиг: имено, деноноќно сотеше на столб, во непрестајна молитва. Неговиот столб најпрво беше висок шест лакти, потоа му подигнаа еден од дванаесет, па од дваесет и два, па од триесет и шест, и најпосле столб висок четириесет лакти. Мајка му Марта двапати доаѓаше да го види, но тој не ја примаше, туку од столбот ѝ рече: „Не ме вознемирувај сега, мајко, ако се удостојам ќе се видиме во оној свет.“ Свети Симеон претрпе безбројни напади од демоните, но сите ги победи со молитва кон Бога. Овој светител изврши големи чуда и мнозина болни ги исцели со збор и со молитва. Околу неговиот столб притекнуваше народ од сите страни, богати и сиромашни, цареви и робови.
И тој им помагаш на сите; на некои враќајќи им го телесното здравје, на некои давајќи им утеха и поука, а некои изобличувајќи ги заради нивната еретичка вера. Така ја одврати царицата Евдокија од Евтихиевата ерес и ја приведе кон Православието. Свети Симеон се подвизуваше за време на царевите Теодосиј Помладиот, Маркијан и Лав Велики. Овој прв столпник во христијанството и голем чудотворец поживеа сто и три години и се упокои во Господ на 1 септември, 459 година. Неговите мошти се пренесени во Антиохија, во црквата посветена на неговото име.