На ден 06.02.2013 година се навршија 120 години од смртта на нашиот преродбеник и поет, Григор Прличев. Добитникот на тогашната престижна награда Сердарот, ќе остане запаметен како поборник за воведување на македонскиот народен јазик во училиштата, а со тоа и борец против туѓите асимилаторски култури. Тој мечтае и за осамостојување на црковен план, а тоа најдобро ќе го искаже во плачот за Охридската архиепископија во песната „1762 лето“. За јазикот, но и за проповедта во црквите на туѓ, неразбирлив збор, Прличев ќе рече: А ние бедни, само името го слушаме оти викает светено писание, а што пишит во него, баре хабер немаме. Се пеет, а ние не разбираме, туку стојме како зграгорени, јазик, јазик свој си имавме и го погазивме, сите народи си учат свој јазик, а само ние учиме јазик чужди најм’чен. Децата пеет на училиште и не рзабирает, затова учет без севда и слепи останвет.
На овој ден, во дворот од храмот „Пресвета Богородица – Перивлепта“ во Охрид, каде што се наоѓа Прличевиот гроб, беше извршена Панихида, на која началствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј Игор Никовски и свештеник Љупчо Симиџиески. На Панихидата присуствува повеќе личности од јавниот и културниот живот, како и роднини на поетот. На гробот положи свежо цвеќе и делегација од Општина Охрид, предводена од градоначалникот на Охрид, г-дин Александар Петрески. Нека му е вечен споменот!
Извор: Дебарско- кичевска епархија