Евангелие и поука за 17/01/2025
Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Марко 9:33-41
33. И дојде во Капернаум; и кога беше дома, ги праша: „Што размислувавте меѓу себе патем?”
34. Тие молчеа, зашто патем се препираа помеѓу себе, кој е поголем.
35. Па, како седна, ги повика дванаесетте и им рече: „Која сака да биде прв, нека биде последен од сите, и на сите – слуга!”
36. И кога зеде едно дете, го постави меѓу нив, го прегрна и им рече:
37. Кој прими едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Мене Ме прима, туку Оној, Кој Ме пратил.
38. Тогаш Јован Му одговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој во Твое име изгонува бесови, а не врви по нас; и му забранивме, оти не оди по нас.”
39. А Исус рече: „Не бранете му, зашто никој, што прави чудо во Мое име, не ќе може наскоро да говори зло за Мене.
40. Зашто, кој не е против вас, тој е со вас.
41. И кој ве напои со чаша вода во Мое име, дека сте Христови, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.
Апостол на денот: Послание на светиот апостол Павле до Евреите 11:8;11:11-16
8. Со вера Авраам, бидејќи повикан, послуша да појде до местото, што сакаше да го добие во наследство, и тргна, не знаејќи, каде оди.
11. Преку верата и самата Сара – бидејќи неплодна, доби сила да зачне и, покрај возраста нејзина, роди, оти Го сметаше за верен Оној, Кој беше ветил,
12. И поради тоа од еден, и при тоа застарел, се родија толку многу, колку што се ѕвездите на небото, и колку што е безбројниот песок на морскиот брег.
13. Сите тие умреа со вера, не добивајќи ги ветувањата, а само оддалеку ги видоа и се уверија, и ги поздравија признавајќи дека се гости и придојдени.
14. Бидејќи оние, што така зборуваат, покажуваат дека бараат татковина.
15. И ако ја беа имале на ум онаа татковина, од која беа излегле, ќе имаа време да се вратат.
16. Но сега сакаат подобра, односно небесна; затоа и Бог не се срами за нив да се наречува нивен Бог; бидејќи им приготвил град.
Поука на денот: Свети Симеон Нов Богослов
Оној којшто многу страда во срцето свое кога го срамотат и го нажалуваат, од ова нека познае дека внатре во себе ја носи древната змија. Според тоа, ако трпи молчејќи или ако одговори со многу смирение, ќе ја расслаби и ќе ја направи немоќна онаа змија.
Ако, пак, одговара со горчина и ако зборува дрско, ќе и овозможи да излее отров во неговото срце и миговно да ја разјаде неговата внатрешност, така што оваа змија од ден на ден станувајќи со тоа се посилна, ќе ги направи свој плен доброто расположение и силата на неговата несреќна душа, и тогаш таквиот човек ќе почне да живее за гревот и наполно ќе умре за праведноста.