Отец Александар Јасиукович, зограф
За да ја разбереме природата на иконата и да можеме да ги читаме нејзините содржини, треба да ја разбереме основата на определената икона. Во овој текст, испитувајќи ги изобразувањата на Воскресението на нашиот Господ, ние ќе го разгледаме изворот на канонското сликање во православната иконографија.
Празникот на Христовото Воскресение стои пред сите други празници на православната Црква. Најголемо внимание е дадено на овој настан, бидејќи ова е крајниот Господов чин во искупителната мисија за целото човештво. Според светиот aпостол Павле: „Ако, пак, Христос не воскреснал, суетна е верата ваша“ (1. Кор. 15, 17). Ова значи дека надежта на следбениците Христови низ вековите би била без вредност за нив – воскресението од мртвите, ветеното Божјо Царство би било непостоечко.
Духовно објаснување
Ниту еден од евангелистите не ни кажува како Христос воскреснал од мртвите. Евангелистите ни кажуваат само за појавувањето на воскреснатиот Господ, тие не го опишуваат самото Воскресение. Свети Матеј најблиску го опишува моментот на Христовото Воскресение, кога ни раскажува за моментот на слегување на ангелот чија што „појава (лице) беше како молња“, кој го отстрани каменот од гробната врата „и седна на него… a стражарите, уплашени од него, трепереа и беа како мртви“ (Мат. 28, 2-4). Овој опис подоцна беше земен од иконографите како предмет за иконата на Воскресението Христово. Автентичната иконографија на Црквата ја покажува духовната страна на Христовото Воскресение, …слегувањето на победникот Господ во пеколот, ослободувањето на Адама и Ева заедно со другите затвореници на пеколот од Стариот Завет, и вистинското сведочење на жените Мироносици дека Исус повеќе не е во гробот, дека Он воскреснал.