ВЕЧНИОТ МОТИВ ИЛИ НАМЕТЛИВИ ЛИЧНОСТИ
Особено внимание треба да им се посвети на оние луѓе коишто, поради своите психолошки особености, цврсто се фаќаат за надворешната, ритуална страна на секоја црковна манифестација. Станува збор за опсесивно-компулсивен тип на карактерот, или на наметливи личности. Духовните корени на таквите личносни растројства не се толку очигледни, како кај хистероидните типови (славољубие) или кај луѓе изложени на депресии (духовна пасивност, преголемо надевање во сопствените сили со постојано разочарување).
Еве што во врска со тоа пишува германскиот психијатар Ф. Риман: „Сите ние сакаме долг живот, па дури и бесмртност; сите ние бараме нешто бесконечно и чувствуваме големо задоволство кога повторно ќе ги најдеме нештата на коишто сме свикнале, но сме ги изгубиле од некакви причини. Во таа смисла ја разбираме и страста спрема колекционерството: што и да собираме поштенски марки, монети, порцелански предмети со нас управува несвесниот мотив на вечноста, некаква гаранција за бесмртност.“184
Природно, сите ние бараме на нешто (или на некого) да му се поклониме. И ако душата скршнува од патот кон Бога, на Кого единствено треба да Му се поклонуваме и Кој единствено може да ја даде вечноста, душата наоѓа сурогат на земјата.
Обредоверието често е засновано на стремежот на наметливиот тип луѓе да ги оставаат нештата какви што биле. Промените на формите, содржините, напуштањето на усвоените сфаќања се примаат со страв, бидејќи означува уривање на првобитниот образ на светот. „Во врска со тоа ... тие се обидуваат да го најдат или да го воспостават веќе испробаното и провереното. Кога нешто се менува, тие стануваат растроени, неспокојни, се обидуваат да се дистанцираат од промените, да ги намалат или да ги ограничат, а доколку промените се во тек да ги попречат или да ги елиминираат.“185
„При таквите состојби, мненијата, искуството, ставовите, главните правила и навиките се задржуваат со железен стисок на основата на дејствувачкиот принцип и на непроменетото правило сè што е сегашно се претвора во „закон на вечноста“186. За православен човек, кој го дише живототворниот воздух на Црквата, восприемањето на нешто ново, промената на гледиштата поврзана со спознавањето на сопствените грешки не може да биде страшно. Но, наметлив човек е склон да ги прима само оние нешта коишто ги смета како правилни за себе, дистанцирајќи се од останатите. Таквите луѓе сметаат дека се обврзни да веруваат единствено во она што го сметаат за вистинито, а секоја друга мисла за нив е неверојатна.“
„Затоа толку цврсто се држат до принципите и до формулите, и за нив нема ништо пострашно од неопходноста да променат нешто во својата личност. Нивна карактерна црта претставува магичното размислување; заштитата преку правила и забрани и запазување на востановениот поредок им помага да го совладаат стравот.“187
Во врска со ова, треба да се споменат фарисеите, од времето на Спасителот, коишто од опозиционирање и од скрупулозно исполнување на Законот си направиле професија.
Всушност, христијанството, а пред сè православното, претпоставува одреден ризик од кој наметливите личности толку многу се плашат. И. А. Иљин говори во полза на религиозното сомневање во смисла дека сегашното сомневање, по убедувањето дека првичните претстави се лажни, е подготвено да го прифати новото искуство.188
„Кај личности со црти на наметливост секогаш постои опасност да се доведат до апсурд нивните правилни спознанија и гледишта коишто сето она што е реално го претвораат во мртва шема.“189
Современ психијатар во врска со тоа ќе ја наведе следнава жалосна шега: „Еден човек, откако доспеал на небото, здогледал две врати со натписи: „Врата за Царство Небесно“ и „Врата за лекции за Царството Небесно“. Тој размислил и влегол низ втората врата.“190
За опишување на споменатиот тип личност психолозите го користат терминот „ригидност“ (крутост) на одредени негови карактеристки. Тоа се однесува, на пр., на „неподвижноста на телото, на социјалниот стереотип на однесување и на општата тенденција да го следи претходниот пат, кој се покажал несоодветен па дури и апсурден.“191
Секако, во прв ред паѓаат в очи крутоста на мислењето, склоноста да се „заглавува“ на секоја можна тема, неспособноста брзо да се прилагодува. Разговарајќи со таков човек, ќе забележите дека тој, всушност, разговара сам со себе, дека не одговара на вашите прашања и не дава суштински забелешки.
Ќе наведеме одломка од еден разговор во книжарница со православна литература, на кој и самите бевме сведоци.
Жена на возраст од педесетина години, испратена во Москва од својата парохија од една провинција, се обидува меѓу мноштвото книги да ги најде оние што би ì ги дале одговорите на прашањата коишто одамна ја интересираат.
Ја имате ли книгата за Н-ската црква, за нејзината историја? го прашува таа продавачот.
Неочекувано, во разговорот се вклучуваат двајца мажи чија возраст тешко можеше да се утврди. Едниот, со ретка брада, беше облечен во долаг црна пелерина, така што не можеше да се заклучи што е: монах, свештеник или мирјанин. Другиот беше облечен во палто закопчано високо до вратот и имаше долга и широка брада и коса врзана со ластик.
Н-ската црква е еретичка! Комуницирањето со нив е страшен грев! Тоа претставува нарушување на н-тото правило на м-тиот Собор рече човекот во пелерината.
Но, мене ме интересира историјата... се обидува да се оправда жената.
Од тоа до екуменизмот има само еден чекор. Нас нè чека погибел доколку ги предадеме светите заповеди на Вселенските Собори. Антихристот токму тоа и го бара да не правиме разлика меѓу вистинска вера и ерес.
Но јас сакав да направам реферат за час по веронаука...
Трагите на антихристот се насекаде! заканувачки ì се нафрла човекот со брада. Апостолот Петар претскажал: „А во народот имаше и лажни пророци, како што и меѓу вас ќе има лажни учители, коишто ќе внесат погубни ереси, одрекувајќи го Господа, Кој ги откупил.“ Отсекогаш имало многу ереси, но денес отстапувањето добива застрашувачки размери. Бар-кодот е цвеќе во однос на она што нè чека. Наскоро сите ќе добиеме број, без да забележиме...
Обрнете внимание дека нашите „учители“ говорат како нивната собеседничка воопшто да не е присутна, воопшто не одговарајќи ì, не реагирајќи на нејзините реплики. Кај нетрпеливите луѓе општењето со наметливите личности предизвикува раздразливост, зашто им станува јасно дека на собеседникот воопшто не може да се влијае, бидејќи спрема сите „нови факти и поинакви гледишта... тие покажуваат ригидност“.192
„Една од можностите да ì се даде легитимитет на својата агресивност, не манифестирајќи ја спрема надвор, па дури прифаќајќи ја како вредност, за лицата со црти на наметливост претставува соодветен избор на професија. Во тој случај тие добиваат право да се борат со сето она што го сметаат за забрането за самите нив. Така се манифестираат фанатици неумоливи, бескомпромисни и беспоштедни во својата борба во сите сфери, без оглед дали се работи за сфера на правила за хигиената, за потиснување на инстинктите, за запазувањето на моралот или на религиозноста... Тие не ја насочуваат својата агресивност кон самите себе, туку кон надворешни појави и го прават тоа со чиста совест, зашто се убедени дека е тоа нужно.“193
Во Православието таквите луѓе често наоѓаат свој „позив“ во постојаното барање на оние што мислат поинаку, на „еретиците“, „реставраторите“ и сл. Самите тие заземаат позиција којашто вообичаено се нарекува ултраконзервативна, макар што може да се спомене и изразот на св. Григориј Богослов: „претерано православни“.
„Во религијата, тие се склони кон ортодоксност и догматизам, а исто така, соодветно, и кон нетрпеливост спрема другите вероисповедања. Во претставите за Бог кај нив доминира аспект на строг и одмазднички Бог-Отец, Кој, пред сè, поседува квалитети на партијарх којшто бара безусловно послушание и вера. Напоредо со тоа, тие често се суеверни и се придржуваат до магични претстави... Молитвеници и бројаници, коишто им помагаат да се сконцентрираат и да се потсетат, стануваат некаков шаблон, пропис кон кој треба безусловно да се придржуваат. Во својот расказ „Шегобиецот Памфалон“, Николај Лесков ја изобразил таквата наметлива побожност194, спротивна на простодушната и искрена вера на простите луѓе.“195
Очигледно е дека опсесивните личности се нечувствителни спрема расположението на заедницата во која се наоѓаат, спрема состојбата и личните доживувања на собеседникот. Склоноста да се фокусира вниманието на периферни (второстепени) појави се реализира кај нив со видливо напрегање на волјата, насочена на избрани аспекти коишто се совпаѓаат со нивните претстави. Но, за жал, тие се склони да го изоставуваат токму она што еден човек го разликува од друг, една ситуација од друга. Не забележувајќи ги цртите коишто на некоја појава ì овозможуваат неповторливост, тие рескираат да се опкружат со малодушен свет на стереотипни настани.
Нивните претстави за Бог и за Црквата може да бидат исклучително „умни“ и детални, а познавањето на Уставот и, воопшто, на обредната страна впечатливо. Но животот на духот не може да тлее во темнината на забрани. „Носители на бирократската побожност, таквите луѓе главно настапуваат ПРОТИВ сè и сешто, и ретко се борат ЗА што и да е.“196
Духовна основа на опишаната појава е стравот пред безграничната слобода, дадена на човекот, своеобразна бојазливост од отворени духовни простори. Бог за нив е строг учител, кој бара исполнување на сите услови и прописи (типично фарисејство!). Енергијата на стравот, акумулирајќи се, се трансформира во агресија. Опсесивниот човек „ги критикува другите, пренесувајќи ги врз нив личното неспокојство и се обидува да ги исправи“.197
Нашиот јунак сака да си поставува рокови и да дава ветувања, како да се обидува да направи зделка со Бога. Роковите се поставуваат крајно свесно и слободно: „До Пасха ќе ја научам напамет првата катизма“. Да се истоштуваат со учењето напамет, постојано да мислат на ветувањето, постојано да се вознемирени тоа е сосема во нивен стил. Притоа може да се забележи извртување на насоченоста на волјата. Откако ветил дека ќе научи десетици страни црковнословенски текст, таквиот човек не ја насочува волјата на реалзирање на ветеното, туку на самиот себе, зашто тој е интересен единствено на самиот себеси.
Ако хистероидната личност се карактеризира со „нагласување“ на емоционалните црти на човекот, шизоидната со мисловните, тогаш наметливата личност се карактеризира со претеран развој и неправилна насоченост на волевиот принцип. Опсесивно-компулсивниот тип живее во состојба на постојана напнатост на волјата. Откако брзо усвоил што му доликува на еден верник, тој секој миг самиот се принудува да чувствува и да мисли „онака како што е потребно“. За таа цел тој вложува максимални усилби, фактички ги „сублимира“ своите внатрешни стравови, но притоа создава само илузија на праведност.
Психолозите забележуваат дека опсесивните личности како да играат избрана улога (поточно, се присилуваат да го прават тоа), претставувајќи се де како „работлив“ маж, де како маж кој „сака“, де како „верник на молитвено правило“, де како „поклоник“. Притоа, тие самите си наредуваат да се однесуваат така како што треба да изгледа човек на работа, дома, на патување по светите места, воплотувајќи ги многубројните детали на ликот. Притоа со гордост ви обрнуваат внимание дека постојано се принудуваат да прават нешто, бидејќи во Црквата добиле множество директиви. Ако свештеникот на таквиот парохијанин му наложи одредено правило, тоа ќе биде исполнувано до најмали детали, а компулсивно акцентирачкиот тип уште и ќе ја собере сета информација за зададената тема. А ако му се остави слобода на избор, ќе исчезне чувството, неопходно за него, на надворешно принудување, на обврска. Зашто, за прифаќање дури и на најпросто решение, на наметлив човек му е потребен цврст принцип.
Склоноста спрема „расудувањето“ и спрема самопреиспитувањето исто така е честа црта на нивниот карактер, при што тие самопреиспитувања немаат ништо заедничко со вистинското покајание, зашто освен самообвинувањето, покајанието задолжително треба да се соедини со верата во неискажливата милост Божја, со омразата спрема гревот и со цврстата желба за поправање. Опсесивната личност, пак, повеќе ја интересираат околностите и мотивите при реализирањето на сопствените постапки, чувства и мисли. Сето тоа раѓа особен тип исповед: на свештеникот му се сервираат многубројни подробности, и од него се бара да ги преживува и да ги анализира сите детали на сторениот грев и сите чувства што се јавуваат притоа. Но, на исповедта главното треба да биде покајанието, а подробностите на гревот не би требале да се репродуцираат дури ни во умот, зашто тоа му штети како на оној што се исповеда, така и на духовникот.
Догматизмот и несигурноста во себе се две страни на еден медал, зашто „догматизмот се појавува за да ги совлада сомневањето и неувереноста, и да ги компензира“.198 „Човек со синдром на наметливост постојано се стреми да се осигури и да се заштити себеси. Затоа тој толку цврсто се држи до принципите и до формулите, и за него нема ништо пострашно од неопходноста да промени нешто во својата личност. Негова специфична карактерна црта претставува магичното размислување: заштитата преку правила и забрани и запазување на востановениот поредок му помага да го совлада стравот. Навиката по стопати да проверува дали вратата е заклучена, до бесконечност да ја повторува молитвата, да ги брои автомобилите на улицата или многукратно да го осмислува зборот пред да го направи следниот чекор, му дава чувство дека може, во крајна линија, да проживее неколку часа без страв.“
Продолжува)
ОГЛЕДИ ОД СОВРЕМЕНА ЦРКОВНА ПСИХОЛОГИЈА
А. С, Бочаров, А. В. Чернишев
Издавач : Преминпортал
(Превел од руски: Михајловиќ С. Драган)
ПРЕДГОВОР
Да се каже дека живееме во сложено време значи ништо да не се каже. Според зборовите на блажениот Августин, ние сме времиња. Имено, од нас зависи какво ќе биде нашето време. Но, сепак, не можеме а да не забележиме дека односот на Црквата спрема современиот свет е мошне сложен. Макар што е модерно во информативните медиуми грубо да се напаѓа Православието, гледиштата на нашите сонародници, макар што самите тие не се секогаш свесни за тоа, сепак се свртени кон Православната Црква. И макар што христијаните не се секогаш издигнати на доволно високо ниво, „Исус Христос е ист вчера, и денес и во веки“ (Евреите 13:8), а Црквата била и ќе биде Столб и Тврдина на Вистината (1 Тимотеј 3:15).
Повод за пишување на оваа книга е пријателството со еден виден човек кој во почетокот на својот црковен живот ја поминал „школата“ на служење како „младостарец“. Тој се заинтересирал за анализата на односот на луѓето, коишто пристапуваат кон Црквата, спрема многубројните феномени со коишто се среќаваат на тој пат. Резултатот на извршената анализа е мало психолошко истражување коешто ги одразува „сломовите на душата“ на современите православни верници. Ние се обидовме да ја истакнеме мислата дека Црквата е чиста и непорочна, и дека не треба да се поистоветуваат гревовите и проблемите на нејзините членови со некакво „разградување“ на Црквата. Затоа не треба да нè чуди што во гледиштата изнесени во оваа книга има толку многу описи на негативните карактеристики на луѓето коишто пристапуваат кон Црквата. Тоа воопшто не е проблем на самото Православие. Црквата е мајка, лекар, духовна тврдина кон која прибегнуваат оние што имаат потреба од исцелување. За луѓе со суштински проблеми и со аномалии во душевната сфера, само Православната Црква може да им даде сè што е неопходно за духот, без оглед на многубројните слабости на нејзините членови.
Гледано од страна, луѓе со различни отклонувања многу почесто се среќаваат во православната средина отколку во другите христијански конфесии. Таквото тврдење е само делумно точно. Зашто, каде на друго место ќе сретнеш толку многу духовно здрави луѓе? Каде на друго место сме виделе да се пројавува дејствувањето на вистинските благодатни дарови? Истовремено, се чувствува потреба да се постави прашањето: а каде на друго место треба да појде болниот, ако не во болница? „Денес во светот има мошне многу душевно болни луѓе. И особено многу ги има во Црквата“ смета протојерејот Владимир Воробјов.
Но, на оваа појава може да се гледа и од друг аспект. Се работи за тоа дека семожните патопсихолошки феномени се во разногласие со духот на Православието и јасно се видливи на неговиот фон. Навистина, карактеристично за Православната Црква е што таа јасно ги расветлува недостатоците и дисхармоничните црти на личноста. Како здрава средина, Православието не може да поддржува и да одгледува во себе каква и да е патологија.
За нас е очигледно дека Православието во целост го запазило вистинското Христово учење и дека претставува најздраво општество. Затоа, имено, во него и никаде на друго место јасно се забележуваат сите човечки слабости, меѓу кои и душевните, од кои произлегуваат пороците и телесните страдања (психосоматика).
И уште една теориска премиса од која тргнавме. Разгледувајќи ги акцентуациите и, воопшто, аномалиите на личностите, можеме да истакнеме два важни момента.
Како прво, сите тие се развиваат врз основа на одредени гревовни страсти, растат според мерата на нивното продлабочување и се намалуваат според мерата на борбата со нив.
Како второ, сите аномални црти имаат механизми на заштита од нападите на совеста и на чувството за покајание. А таа заштита не може лесно да се совлада. Тука спаѓаат сублимацијата, истиснувањето, проекцијата нешта коишто не ги разбираме во смисла на фројдовската психоанализа, туку како психопатолошки механизми коишто овозможуваат да ја избегнеме духовната работа.
И така, Православната Црква ја има полнотата на благодатта којашто го храни човековиот дух. Меѓутоа, работите се посложени кога е во прашање организацијата на душевниот живот, зашто таа сфера директно зависи од оние луѓе коишто ја сочинуваат заедницата, парохијата, од личноста на духовникот.
Во процесот на пишувањето, оваа книга стана поопширна одошто планиравме. Во неа ги додадовме поглавјата за алкохолизмот и за психологијата на болеста. За жал, денес кај нас има многу малку целосни, завршени трудови од областа на православната психологија. Затоа и нашиот труд, кој ни најмалку не претендира на сеопфатност и на непогрешност, ги повикува читателите на размислување, па дури и на полемика.
Кратките поглавја „Ако заминуваш заминувај“, „Пијанството и алкохолизмот“, „Гласот на песимистот“, „Психологија и психопатологија на духовното раководство“ и „Некои аномалии на личноста од гледна точка на православната психологија“, коишто влегоа во оваа книга, се посветени на анализата на дисхармоничните црти на личноста, со цел да се помогне во понатамошниот избор на правилен пат и на правилни средства за исправање на состојбите.
Описите на растројствата на личноста ги наведуваме како според одделните симптоми, така и според крупните синдроми, користејќи ги термините „хистероиден“, „параноиден“ или „депресивен“ тип на карактерот. Но, во практиката ретко се среќаваат апсолутно чисти типови. Најчесто во секој од нас, во чудни комбинации, се помешани аномалните и вредните својства, така што можеме да воскликнеме заедно со св. Теофан Затворник: „Еве ред во гревовната сфера! Секој грешник е целиот во неа, но главно се фаќа за еден грев!“Не треба да се заборави и на заострените црти на карактерот кои се резултат на одредени ситуации. Така, научник што работи на нова статија може со месеци да остане заглавен во својата тема, претставувајќи на тој начин упорна личност. Човек што претрпел тежок губиток може долго време да пројавува црти на депресивна личност, и сл.
Прашањето за тоа што се смета за норма, а што за патологија, секогаш било мошне сложено. Методолошкиот арсенал на православниот психолог е збогатен со такви јасни аскетски поими како што се грев, страст, гревовни навики и сл. Тоа знаење го става во поповолна положба во споредба со световните научници, коишто не ги разграничиле нормата и патологијата. Да се потсетиме дека во современото општество постои тенденција психичкото растројство да се смета како некаква варијанта на нормата, со тоа што таа не е применлива на доминантен општествен стереотип.
Уште една премиса од којашто тргнавме. Еден од важните поими во Православието е преобразбата не претворањето, туку одухотворувањето, возвишувањето, облагородувањето на сè што е природно, на сите нешта што се во човекот, меѓу другото и на неговите душевни сили. Ова пресудно влијаело врз утврдувањето на насловот на книгата.
Како автори, не направивме ниту најмал обид да ги класифицираме аномалиите користејќи се со веќе познати термини и поими. Не си го поставивме како цел ниту описот на сите можни патокарактеролошки феномени. Темите на нашите поглавја се ограничени на проблемите на патопсихологијата во контекстот на православниот поглед на душевниот живот на човекот. Тоа се нафрлени анализи на портрети на аномалните, невротичните, акцентуираните „стилови“ на егзистирање во ентериерот на црковниот начин на живеење, напишани со перото на православен психолог.
Меѓу задачите на оваа книга е и утврдувањето како се формираат одредени акцентуирани карактери, како личностите со таков карактер дејствуваат во условите што владеат во црковната заедница, со какви тешкотии се среќаваат, кои се патиштата на хармонизацијата на личноста и на преобразувањето на душата.
Во сферата на нашето интересирање најчесто влегуваа акцентуирани личности . Ние се обидувавме да ја разгледаме врската на акцентуацијата со гревовните навики, не заборавајќи дека и „здравиот“ човек може да биде голем грешник, без притоа да покажува знаци на растревоженост или грижа на совеста. Од друга страна, човек со сериозно нарушено психичко здравје може да биде значително почист и подлабок од т.н. просечен, „нормален“ човек.
Авторите воопшто не претендираат на оригиналност и на систематичност на излагањето. Оваа книга попрво претставува збирка огледи, обединети во една општа идеја. Освен тоа, ние намерно не го упростувавме материјалот, зашто за длабоките појави најдобро може да се зборува на јазикот на професионалниот психолог. Се смета дека е полезно секој човек, којшто се интересира за православната психологија, да влезе во светот на најдобрите достигнувања на психолошката наука. Од друга страна, сите психолошки феномени се разгледуваат во книгава од гледна точка на православната антропологија, затоа во текстот има толку многу повикувања на богословски текстови. Соодветно, оваа книга е наменета за луѓе коишто размислуваат и творат.
+++
а. Антипсихијатриска струја во 60-70-тите години во Западна Европа и во САД, а во почетокот на 90-тите години и во Русија.
б. Поимот „стил на личноста“ е авторски термин на современиот психотерапевт Д. Шапиро.
ц.Термин предложен од страна на германскиот психијатар Karin Leonhard.
Друго:
А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: АКО ЗАМИНУВАШ - ЗАМИНУВАЈ
http://preminportal.com.mk/content/view/5879/54/
А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: Психологија и психопатологија духовното раководство
А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: МОТИВОТ НА ДЕПРЕСИЈА