логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


 

men.jpg

ПОВТОРНО ЗЕЛКА СВРТЕНА СО КОРЕН УГОРЕ?
 


Оној што самиот не знае, а се обврзува да поучува други, е измамник, и своите следбенци ги турка во јама на погибел според зборовите Господови: „Ако слепец води слепец, и двајцата ќе паднат во јама".

Преподобен Симеон Нов Богослов

Stefan.zaBozik1.jpg


Жежок јулски ден, сонцето е пред залезот. Завршува вечерната богослужба во еден обичен работен ден. Младиот свештеник, благословувајќи ги од амвонот малубројните парохијани, со пријатно чувство на исполент долг влегува во олтарот и почнува полека да се пресоблекува. Во срцето ѕвонливо пее радоста. До неодамна, тој беше обичен млад човек, танчер во една музичка група. Пред неколку години за прв пат влезе во Црквата. Сега тој е повикан да ги поучува другите, да ги обраќа заблудените, да им помага на луѓето во различни тешки ситуации. За тоа, тој му е мошне благодарен на Бога...
Неговите светли мисли неочекувано ги прекина врескав глас: „Оче, да не заспа? Време е да ја затвориме црквата!“
„Тоа беше олтарникот  Тимотеј, старец на седумдесетина години. Веќе дваесет години служи во храмот, секаде го пика носот и ужива да дава совети. Ете и сега, гледате, поучува, попречува во созерцувањето. Но јас веќе не сум оној Јура на кого сте можеле да му наредите да донесе вода за перење на подот, и кој постојано мораше да слуша поуки. Јас сум сега  отец Георгиј, и човек спрема мене треба соодветно да се однесува. Се разбира, не заради мене самиот. Јас многу добро знам дека примањето почести значи собирање гревови. Но, треба да се почитува мојот чин. Така пишувале и светите отци. Еве, на пример, св. Теофан Затворник, или... Но, еве и Олег, макар што сме врсници, по моето ракополагање продолжува премногу слободно да разговара со мене. И не ми ја целива раката, макар што тоа го налагаат правилата. Треба да му се каже, дека сега спрема мене треба поинаку да се однесува...“

Оф! Колку често на сличен начин размислува млад свештеник без доволно духовно искуство. И колку често таквите размислувања и однесувањето што им соодветствува води кон она што се нарекува „младостарчество“. Таквиот пастир веќе стои на работ на духовна прелест, чија анализа излегува од рамките на оваа книга.
Но, дури и на еден обичен психолог, а да не зборуваме за духовно искусни луѓе, не може да му се провлечат грешки типични за дадената ситуација.
Пред сè, се мешаат поимите што се однесуваат на свештеничкиот чин и на личноста на свештеникот. На нивото на умот, тука е сè јасно. Но на нивото на душевното расположение, се поставуваат прашањата: дали ми ја целиваат раката како на носител на свештенички чин или, пак, на чинот што го носам? Но, дури и ако е во прашање чинот  па, нели тоа е мој чин? А ако не мојата, тогаш нечија друга рака ќе мора да се целива. Или, друго прашање: ако мене ме навредуваат во текот на „служењето“, треба ли да се борам за честа на свештеничката облека или да се воздржувам? Треба ли да се разобличи вооченото зло со свештенички авторитет, или да се забошоти заради човечка попустливост? Пред овие тешки прашања може да се збуни секој човек. Врз основа на тоа како се разрешуваат таквите прашања, зависи понатамошната служба на младиот пастир. Сета негова ревност и сиот негов жар може да се претворат во борба со сенка, за што предупредува и апостол Павле (1 Коринтјаните 9:26).
Истиот тој голем проповедник на христијанството, апостол Павле, во своето послание до Филипјаните се радува што христијаните, коишто од него го примиле поучувањето во верата, повторно почнале да се грижат за него. Но разликата меѓу таа чиста радост и занесот на младиот свештеник кој гледа како околу него се туркаат луѓе што сакаат со нешто да му угодат  е голема. Божествениот апостол пишува дека тој необично многу се зарадувал во Господа (Филипјаните 4:10), бидејќи, грижејќи се за него, тие луѓе стекнувале духовни плодови. Самиот тој, пак, вели: „...се научив да бидам задоволен со она што го имам; знам да живеам и во скудност, знам да живеам и во изобилство; научен сум на сè и секако, и сит да бидам, и глад да трпам“ (Филипјаните 4:11-12). Младиот пастир, неподготвен ниту духовно ниту душевно , може да го прифати добивањето свештенички чин како стекнување на речиси сите дарови на Светиот Дух. Особените благодатни утешенија, кои се случуваат во почетниот период по ракополагањето, се примаат како лично достоинство.
„Ете, сега можам да лекувам и крава, и волчица, и кучка, и пајак“  извикува душата, подготвена на сите што доаѓаат при неа да им го дели „разумното, доброто, вечното“.
Почнувајќи да поучува, тој, секако, се потпира на искуството од книгите, стекнато во текот на 34 години интензивно проучување на светите отци. Притоа, тој ги чита, пред сè, оние книги коишто реално се применливи во животот дури по неколку години внимателен христијански живот, и тоа раководен од искусен духовник.  Можно е да не се согласиме со таквиот категоричен став. Но, очигледно е дека е потребен разумен пристап при читањето.147 По „голтањето“ на книгите за висините на духовниот подвиг, јазикот постојано ги повторува зборовите „смирение“, „свето послушание“, „благодатни дарови“, „духоносни старци“ и сл.  Младото срце се топи од напливот на „благодатта“, односно, поточно кажано, од емоциите зачинети со славољубие. Се исполнува предупредувањето на Спасителот за каколот, кој расте среде житото (Матеј 13:24-30). Сите романтични раскази за послушанието и за старците сака да ги примени на себе, при што за себе задолжително ја задржува улогата на старецот. Како и да е, во сите времиња бројот на оние што сакаат да се смират многукратно го надминува бројот на оние што се подготвени да се смират.
Но, да се вратиме кај луѓето коишто се приклонуваат кон таквите „водачи“. Секој свештеник знае колку кај нас има жени со неисцрпна енергија. Тие госпоѓи се секогаш подготвени да слушаат беседи на религиозни теми, постојано доаѓаат да ги анализираат своите проблеми, долго и скрупулозно се исповедаат. Тие постојано бараат утеха во духовните прегратки на саканиот (колку опасно!) духовник.
Синдромот на „жени-мироносици“ детално е опишан во книгата на протојерејот Владимир Воробјов „Покајание, исповед, духовно раководство“. Авторот укажува дека таквите жени бараат, пред сè, духовна топлина, добро расположение, внимание. Најчесто тоа се немажени или разведени жени, или жени чии мажи се алкохоличари  со еден збор, се работи за несреќни луѓе со несреден живот.
Свештеникот Борис Нечипоров забележува дека „една од најкарактеристичните негативни црти на денешната жена е психолошката бездомност“.148 Односно, има кров над глава, но нема дом. Често за таквата состојба е виновна самата жена којашто не успеала (или не сакала) да стане извор на домашна топлина и пријатност. „Жена којашто самата „не е во себе“  очигледно дека не може да има дом. Жената треба да го стекнува домот паралелно со враќањето во себе, во светињата на својата душа“.149
Во секој случај, на овие „бездомници“ во почетокот им е потребно обично внимание, топол човечки однос. Но, стремежот духовникот да се користи како постојан утешител, го кочи духовниот раст и ја задржува личноста во емоционално-сетилната сфера.
Да си претставиме ситуација во која таквите жени, коишто можат да имаат и хистероидни црти на карактерот, се постојано во друштво на еден „младостарец“. А ако тој има и висока става, пријатен глас, ако е елоквентен и ако има други привлечни квалитети – борбата може да биде мошне тешка.  
Внатрешниот стремеж кон „духовното“ раководство од страна на таков свештеник наидува на поддршка на цела група енергични парохијанки. Тоа уште повеќе го замрачува духовниот поглед на пастирот. „Оф, отец Г.!“ се слуша од сите страни. Свештеникот почнува да ги забележува внимателните, проучувачките, понекогаш и восхитувачките погледи. Одговорноста расте, и тој веќе не може нормално да мине низ храмот, да се врти лево-десно. Потребна е особена елеганција, бавност во движењето. Тој мора да внимава на себе, долго време да ги вежба движењата пред огледало. 
И, се разбира, подрасникот е веќе стар. Потребен е нов, побогат, од убаво платно, зашто  луеѓето гледаат. Или, пак, обратно, ќе облечам постара раса, со крпеници, нека видат дека не сум среброљубец, дека се смирувам!
Пет-шест години работа со себе во слична насока води до создавање оформен лик на „блескав духовен раководител“, кој ја познава психологијата, но и јазикот на движењето на телото , физиогномиката  и системот на Станиславски.  „Сега можам да се зафатам и со духовно раководење... “
Особено внимателно се проучува светоотечката литература, и тоа пред сè од сферата на монаштвото: за смирението, за потчинувањето на волјата на старецот. Оние што не се согласуваат со системот на раководење во заедницата ги обвинуваат за непознавање на делата на отците и за низок духовен развој.
А што е со нашите верни духовни чеда? Нивната приврзаност прераснува во зависност. Секој збор и секој гест на саканиот духовен отец внимателно се апсорбираат, се анализираат, им се дава особена смисла. Впрочем, понекогаш сето тоа „почитување“ му се укажува дури и на човек без свештенички чин, очигледно како „аванс“.
Бевме сведоци како едно момче, коешто неколку дена извршуваше обврски на црковно лице, почнаа љубезно да го поздравуваат и да му укажуваат други знаци на внимание, тивко дошепнувајќи си: „Скоро ќе го ракоположат!“
Друг случај. Во текот на едно сеноќно бдение, едно детенце, оставено за миг без контрола, влезе во олтарот. „Кога ќе порасне, ќе стане батјушка“  се пренесе придушен шепот меѓу малубројните парохијани, главо на пензионерска возраст. Свештеникот кој служеше на бдението во врска со тоа забележа: „Не е момче, туку девојче!“ „Значи, ќе стане монахиња...!“  не попуштаа старите.
Литературата за послушание, за духовно раководење и за прозорливост преоѓа од рака во рака. Главна тема за разговори стануваат раскази за современите и за древните старци. Секоја духовна ќерка наоѓа изговор да започне личен, индивидуален разговор со отецот, да биде што е можно поблиску до него.
Така незабележливо се нарушува втората заповед од Декалогот: „Не прави за себе идол“. Човек, колку и да е свет, не треба да го заклонува со себе ликот на Христос.
„Нашиот народ, некогаш побожен и верен на Господа, ја изгубил способноста да ги разликува духовите, ги изгубил моралните ориентири“  со горчина забележува неговата светост Патријархот Московски и на сета Русија Алексиј II.150
Раката откажува при обидот да се опишат неморалните ужаси, на коишто бевме сведоци, во односите меѓу таквите пастири и нивната паства. Култот на личноста во одделни парохии може да добие форма на тоталитарна секта во рамките на Православната Црква. Таму црното се нарекува бело, демоните се прикажуваат како ангели. За да го елиминираме сомневањето во претерувањето и во форсирањето на ужасот, ќе ги цитираме зборовите на еден жив сведок. Нему му успеало да се ослободи од влијанието на еден угледен „младостарец“ со натчовечки усилби на неколку свештеници, меѓу кои имало и духовници.
Еве само едно од неговите признанија: „Мојата вера во духовникот беше толку голема, што на само една негова заповед бев подготвен да извршам не само неморален чин, туку и престап, мислејќи дека со тоа ја исполнувам службата спрема Бога. Тој свештеник, пак, гледајќи и поддржувајќи ја мојата ревност, ме користеше за свои лични потреби“.
Понатаму, ќе го цитираме извадокот од делото на епископот Варнава (Бељаев), кој добро ги илустрира нашите размислувања.
„...Ѓаволот го одвлекува вниманието уште подалеку од цртата на која тоа мора да застане, имено, од  личноста на духовниот отец. И сето тоа под изговор дека се бара благодат. Поволност за непријателот е околноста дека благодатта, во дадениот случај, е неодвоива од личноста, зашто преку неа се пројавува и се излева врз оние што се околу неа.
И еве, таа благодат почнуваат да ја откриваат секаде и во сè и, наоѓајќи ја, веќе не се интересираат за неа, туку за телесниот орган преку кој ја примаат. Јас не го негирам фактот дека, навистина, кај светиите целото тело е благодатно, но вниманието на почетниците не треба да се задржува на надворешниот изглед на подвижникот. Навистина, очите на прозорливите се полни со небесен оган, но да се гледа бесрамно во нив, да се „зјапа“ во нив, е дрскост. Од нивните раце, за верниците, при благословување извираат чудотворни струи, но притоа некои обрнуваат преголемо внимание на формата на рацете на оној што благословува. А тоа, исто така, е грев.
Ако, пак, почитуваниот учител, макар и со чин на духовник, не е духоносна личност, гревот е уште поголем, зашто ништо не му попречува да се развива. Тогаш, по кратко време, сè станува „привлечно“: гласот (при возгласите), начинот на чекорењето, манирите, обраќањето. Создадениот лик, на крајот, го засенува вистинското лице на духовниот отец. Оние што не веруваат во „светоста“ на нашиот избраник, почнуваат да го мразат; на оној, пак, кого што старецот го привлекува кон себе, му љубоморат и му завидуваат. Ако постои можност да се потисне таквиот човек, на секаков начин се трудат да го искористат тоа, а на новодојдените не им дозволуваат да се доближат до духовникот. Ако, пак, во црквата не ја сретнат почитуваната личност, заминуваат, заборавајќи дури и да се прекрстат.
Но зарем благодатта ја снемало од храмот, зарем Христос заминал од него? Како да не ги споменеме зборовите на апостол Павле: „Сите си го бараат своето, а не она на Исуса Христа“ (Филипјаните 2:21). Тажно звучат зборовите: „Сите си го бараат своето“... За секое нешто што се однесува до Христос, нив им е потребен „батјушка“ или владика!...“151
„Во исклучителни случаи нездравиот однос спрема својот духовник добива застрашувачки димензии, поради што е потребно најстрого внимавање на своите постапки и промена во однесувањето. Зашто, да правиш скандал при средба со духовништво коешто излегува од храмот, да се обидуваш да им одгринзеш прст (како што една психопатка, ќе си дозволам да ги наречам така тие несреќници, се обидела да му го направи тоа на о. Јован Кронштатски), да искинеш дел од свештеничката облека „за спомен“, да „собираш траги“  и сл.,  на такви нешта Светото Писмо не нè учи. Напротив, од Евангелето дознаваме дека жените, коишто оделе по Христос, дури и да биле во голема мака, викале по Него дури откако ќе ги одминал (Матеј 15:23), гледале на Господа но оддалеку (Матеј 27:55), а ако сакале да се допрат до Него, го правеле тоа само допирајќи го крајот на Неговата облека (Матеј 9:20).“152
Не многу одамна, во Москва беше отворен Центар за рехабилитација на жртвите на тоталитарните секти. Се слушнаа предлози и за отворање сличен центар за жртвите на тоталитарните црковни општини и на лажните духовни отци во Православната Црква. Зад оваа жална шега стојат стотици жртви, коишто речиси целосно ја изгубиле довербата спрема свештенството или, пак, сосема ја напуштиле Црквата. Некои, пак, макар што не го напуштиле Православието, постојано се измачуваат поради недовербата и сомничавоста спрема луѓето, паѓаат во песимизам и депресија.
Според мислењето на А. Л. Дворкин, „младостарчеството“ и тоталитаризмот внатре во Православието се „периферни појави, осудени од свештеноначалството“.153 Ние не го споделуваме ваквиот оптимизам, зашто напливот на лажноблажените, лажните „духовни мајки“ и „младостарци“ е толку голем што таа појава сосема оправдано може да се нарече општа тенденција во современиот духовен живот.
Не треба да се сомневаме во тоа дека нашите современици ги изгубиле духовните ориентири. Луѓето, сметајќи го секое гатање и баење  за духовност, лесно стануваат членови на тоталитарните црковни заедници. Притоа, тоа може да бидат не само мунити или саентолози, туку и наши домородни „блажени“ и „старчиња“. Опишаните  од истиот автор А. Дворкин  етапи на потчинување на сознанието се практично универзални, и во различни варијанти се применуваат и во заедниците на „старците“.
Упростено, овие етапи изгледаат вака:
1. Откажување од сето свое минато. Луѓето се убедуваат дека пред да го запознаат старецот (или сличен на него), не го познавале вистинското Православие, неговите тајни и длабочини.
2. Раздвојување на човечката свест и волја. Се разбира, на ова не подлегнуваат сите. Пречката за оваа етапа се нашата вистинска вера и трезвеноста. Па сепак, дел од луѓето, примајќи го Евангелието, ја исполнуваат волјата на „отецот“, којашто понекогаш е дијаметрално спротивна на учењето на Црквата.
3. Култ на личност на својот учител, фанатична приврзаност кон него [христијанството  тоа е тој (или таа)].
На овие три „кита“ се држи секоја тоталитарна организација. Денешните лажни старци и лажни јуродиви користат современи технологии за да се „врти“ нивното име. Тие влијаат на наивните трагачи по објектот на своето поклонение, преку достигнувањата на психологијата и на социологијата, на електрониката, а понекогаш и со окултни методи.
Навистина, „во нашиот паднат свет нема таква светиња којашто злобата не би можела да ја открши од храмот и да ја искористи како камен за калдрма, за разурнување на Црквата.“154
Станувајќи член на заедницата на чие чело се наоѓа лажен старец, човекот прави неколку мошне сериозни чекори, нарушувајќи ги механизмите на духовната и на психолошката самозаштита, вградени во него. Како прво, тој се принесува себеси како жртва на духовниот раководител, и тоа го прави, пред сè, преку откажувањето од анализата на настаните што се случуваат, особено од дејствувањето на раководителот: „Сега сите нешта ги разрешува старецот. Тој определува што е добро а што лошо. Благословува како да постапувам и од што да се воздржувам.“ Како што укажавме погоре, сето тоа се покрива со маската на „светото послушание“ и „отсекување на волјата“.
За некого оваа етапа е особено тешка, зашто и разумот и срцето дошепнуваат: „нешто тука не е како што треба!“ Тогаш човекот почнува самиот себеси да се присилува, да се убедува (ова особено е карактеристично за опсесивно-компулсивните личности). За други, ситуацијата на отсуство на критичка анализа на збиднувањата е одамна позната и дури пожелна. Депресивните, дефанзивните и хистероидните личности ќе ја предводат колоната.
Како второ, за љубов на заедницата се жртвува индивидуалноста. Не гревовноста, како што тоа се случувало во манастирите, ракводени од искусни духоносни старци, туку токму индивидуалноста. Според суштината на нештата, заедницата на лажниот старец не е обична толпа којашто живее според свои закони и која, пред сè, го обезличува човекот.155 Сметаме дека нема ниту еден православен христијанин кој би сакал да ги види луѓето во прегратките на измамници, наместо при нозете на Спасителот.
Неопходноста секој што чекори по патот на спасението да има духовен раководител, била истакнувана од многумина отци на Црквата. „Но за Христос да ти испрати таков отец, треба да го бараш со огнена молитва и со покајан дух.“156 Гледајќи го искривувањето на поимањето на духовното раководство, св. Игнатиј Брјанчањинов ги предупредувал пастирите и паствата: „Поради намалувањето на бројот на благодатните раководители и зголемувањето на бројот на лажните учители, измамени од демонска прелест, коишто и самите го влечат сиот свет во таа измама, нужно е да се живее смирено. Бој се од лицемерието прво во самиот себе, а потоа во другите: бој се, имено, затоа што тоа со тек на времето е способно секого да го зарази при најмало отклонување во насока на лекомислено однесување“.157
Смирен и искусен пастир, испратен од Бога, секогаш, а особено во нашето време, е дар што не треба да го составуваме во нашите фантазии и да го создаваме со свои раце, проектирајќи ги своите идеални претстави на првиот што ќе го сретнеме.
Сепак би сакале да го завршиме овој оглед со оптимистичка нота, цитирајќи ги зборовите на Неговата светост Патријархот Московски и на сета Русија Алексиј II, коишто влеваат надеж и коишто имаат длабока смисла:
„Православниот руски народ е истоштен од барањето вистински добри духовни пастири. Нив, веруваме, ги има многу и денес, но ниту оддалеку не толку многу колку што би сакал православниот руски народ, и колку што се потребни за доброто и за процутот на нашата Православна Црква. Затоа, се молам тука заедно со оние коишто со тек на времето ќе станат пастири (слово искажано во Ленинградската Духовна Академија), коишто сега се подготвуваат да станат пастири, рускиот народ со особена љубов гледа на нив како на идната надеж на Црквата, како на идни пастири на кои им е туѓо соблазието коешто неодамна, како ураган, навлезе во нашата Црква, соблазие коешто обзеде голем број наши пастири...
Православниот руски народ умее мошне суптилно да го препознае и да го цени вистинскиот пастир. Него не го соблазнуваат и не го доведуваат во заблуда скапоцените камења коишто блескаат на митрите и на крстовите на голем број денешни свештеници; тој сака да ги види пастирите украсени со сјајот на духовните квалитети, сака да го види сјајот на душите на пастирите; тој сака да го види пастирот како човек со високи духовни достоинства; рускиот народ сака да види пастир-отец кој со својата љубов се приклонува кон потребите на паствата; тој доаѓа при свештеник и сака од него да слушне спасително слово: како да ја спаси својата душа, како да го насочи својот живот за да ја привлече благодатта Господова, како да ги надмине животните тешкотии, како да се справи со своите грижи, слабости, болести, како да се пази од паѓање во грев.“

 

(Продолжува)


ОГЛЕДИ ОД СОВРЕМЕНА  ЦРКОВНА ПСИХОЛОГИЈА

А. С, Бочаров, А. В. Чернишев

 Издавач : Преминпортал

(Превел од руски: Михајловиќ С. Драган)

 

ПРЕДГОВОР

Да се каже дека живееме во сложено време значи  ништо да не се каже. Според зборовите на блажениот Августин, ние сме времиња. Имено, од нас зависи какво ќе биде нашето време. Но, сепак, не можеме а да не забележиме дека односот на Црквата спрема современиот свет е мошне сложен. Макар што е модерно во информативните медиуми грубо да се напаѓа Православието, гледиштата на нашите сонародници, макар што самите тие не се секогаш свесни за тоа, сепак се свртени кон Православната Црква. И макар што христијаните не се секогаш издигнати на доволно високо ниво, „Исус Христос е ист вчера, и денес и во веки“ (Евреите 13:8), а Црквата била и ќе биде Столб и Тврдина на Вистината (1 Тимотеј 3:15).

Повод за пишување на оваа книга е пријателството со еден виден човек кој во почетокот на својот црковен живот ја поминал „школата“ на служење како „младостарец“. Тој се заинтересирал за анализата на односот на луѓето, коишто пристапуваат кон Црквата, спрема многубројните феномени со коишто се среќаваат на тој пат. Резултатот на извршената анализа е мало психолошко истражување коешто ги одразува „сломовите на душата“ на современите православни верници. Ние се обидовме да ја истакнеме мислата дека Црквата е чиста и непорочна, и дека не треба да се поистоветуваат гревовите и проблемите на нејзините членови со некакво „разградување“ на Црквата. Затоа не треба да нè чуди што во гледиштата изнесени во оваа книга има толку многу описи на негативните карактеристики на луѓето коишто пристапуваат кон Црквата. Тоа воопшто не е проблем на самото Православие. Црквата е мајка, лекар, духовна тврдина кон која прибегнуваат оние што имаат потреба од исцелување. За луѓе со суштински проблеми и со аномалии во душевната сфера, само Православната Црква може да им даде сè што е неопходно за духот, без оглед на многубројните слабости на нејзините членови.

Гледано од страна, луѓе со различни отклонувања многу почесто се среќаваат во православната средина отколку во другите христијански конфесии. Таквото тврдење е само делумно точно. Зашто, каде на друго место ќе сретнеш толку многу духовно здрави луѓе? Каде на друго место сме виделе да се пројавува дејствувањето на вистинските благодатни дарови? Истовремено, се чувствува потреба да се постави прашањето: а каде на друго место треба да појде болниот, ако не во болница? „Денес во светот има мошне многу душевно болни луѓе. И особено многу ги има во Црквата“  смета протојерејот Владимир Воробјов.

Но, на оваа појава може да се гледа и од друг аспект. Се работи за тоа дека семожните патопсихолошки феномени се во разногласие со духот на Православието и јасно се видливи на неговиот фон. Навистина, карактеристично за Православната Црква е што таа јасно ги расветлува недостатоците и дисхармоничните црти на личноста. Како здрава средина, Православието не може да поддржува и да одгледува во себе каква и да е патологија.
За нас е очигледно дека Православието во целост го запазило вистинското Христово учење и дека претставува најздраво општество. Затоа, имено, во него  и никаде на друго место  јасно се забележуваат сите човечки слабости, меѓу кои и душевните, од кои произлегуваат пороците и телесните страдања (психосоматика).

И уште една теориска премиса од која тргнавме. Разгледувајќи ги акцентуациите и, воопшто, аномалиите на личностите, можеме да истакнеме два важни момента.
Како прво, сите тие се развиваат врз основа на одредени гревовни страсти, растат според мерата на нивното продлабочување и се намалуваат според мерата на борбата со нив.
Како второ, сите аномални црти имаат механизми на заштита од нападите на совеста и на чувството за покајание. А таа заштита не може лесно да се совлада. Тука спаѓаат сублимацијата, истиснувањето, проекцијата  нешта коишто не ги разбираме во смисла на фројдовската психоанализа, туку како психопатолошки механизми коишто овозможуваат да ја избегнеме духовната работа.

И така, Православната Црква ја има полнотата на благодатта којашто го храни човековиот дух. Меѓутоа, работите се посложени кога е во прашање организацијата на душевниот живот, зашто таа сфера директно зависи од оние луѓе коишто ја сочинуваат заедницата, парохијата, од личноста на духовникот.

Во процесот на пишувањето, оваа книга стана поопширна одошто планиравме. Во неа ги додадовме поглавјата за алкохолизмот и за психологијата на болеста. За жал, денес кај нас има многу малку целосни, завршени трудови од областа на православната психологија. Затоа и нашиот труд, кој ни најмалку не претендира на сеопфатност и на непогрешност, ги повикува читателите на размислување, па дури и на полемика.
Кратките поглавја „Ако заминуваш  заминувај“, „Пијанството и алкохолизмот“, „Гласот на песимистот“, „Психологија и психопатологија на духовното раководство“ и „Некои аномалии на личноста од гледна точка на православната психологија“, коишто влегоа во оваа книга, се посветени на анализата на дисхармоничните црти на личноста, со цел да се помогне во понатамошниот избор на правилен пат и на правилни средства за исправање на состојбите.

Описите на растројствата на личноста ги наведуваме како според одделните симптоми, така и според крупните синдроми, користејќи ги термините „хистероиден“, „параноиден“ или „депресивен“ тип на карактерот. Но, во практиката ретко се среќаваат апсолутно чисти типови. Најчесто во секој од нас, во чудни комбинации, се помешани аномалните и вредните својства, така што можеме да воскликнеме заедно со св. Теофан Затворник: „Еве ред во гревовната сфера! Секој грешник е целиот во неа, но главно се фаќа за еден грев!“Не треба да се заборави и на заострените црти на карактерот кои се резултат на одредени ситуации. Така, научник што работи на нова статија може со месеци да остане заглавен во својата тема, претставувајќи на тој начин упорна личност. Човек што претрпел тежок губиток може долго време да пројавува црти на депресивна личност, и сл.
Прашањето за тоа што се смета за норма, а што за патологија, секогаш било мошне сложено. Методолошкиот арсенал на православниот психолог е збогатен со такви јасни аскетски поими како што се грев, страст, гревовни навики и сл. Тоа знаење го става во поповолна положба во споредба со световните научници, коишто не ги разграничиле нормата и патологијата. Да се потсетиме дека во современото општество постои тенденција психичкото растројство да се смета како некаква варијанта на нормата, со тоа што таа не е применлива на доминантен општествен стереотип. 

Уште една премиса од којашто тргнавме. Еден од важните поими во Православието е преобразбата  не претворањето, туку одухотворувањето, возвишувањето, облагородувањето на сè што е природно, на сите нешта што се во човекот, меѓу другото и на неговите душевни сили. Ова пресудно влијаело врз утврдувањето на насловот на книгата.

Како автори, не направивме ниту најмал обид да ги класифицираме аномалиите користејќи се со веќе познати термини и поими. Не си го поставивме како цел ниту описот на сите можни патокарактеролошки феномени. Темите на нашите поглавја се ограничени на проблемите на патопсихологијата во контекстот на православниот поглед на душевниот живот на човекот. Тоа се нафрлени анализи на портрети на аномалните, невротичните, акцентуираните „стилови“  на егзистирање во ентериерот на црковниот начин на живеење, напишани со перото на православен психолог.

Меѓу задачите на оваа книга е и утврдувањето како се формираат одредени акцентуирани карактери, како личностите со таков карактер дејствуваат во условите што владеат во црковната заедница, со какви тешкотии се среќаваат, кои се патиштата на хармонизацијата на личноста и на преобразувањето на душата.

Во сферата на нашето интересирање најчесто влегуваа акцентуирани личности . Ние се обидувавме да ја разгледаме врската на акцентуацијата со гревовните навики, не заборавајќи дека и „здравиот“ човек може да биде голем грешник, без притоа да покажува знаци на растревоженост или грижа на совеста. Од друга страна, човек со сериозно нарушено психичко здравје може да биде значително почист и подлабок од т.н. просечен, „нормален“ човек.

Авторите воопшто не претендираат на оригиналност и на систематичност на излагањето. Оваа книга попрво претставува збирка огледи, обединети во една општа идеја. Освен тоа, ние намерно не го упростувавме материјалот, зашто за длабоките појави најдобро може да се зборува на јазикот на професионалниот психолог. Се смета дека е полезно секој човек, којшто се интересира за православната психологија, да влезе во светот на најдобрите достигнувања на психолошката наука. Од друга страна, сите психолошки феномени се разгледуваат во книгава од гледна точка на православната антропологија, затоа во текстот има толку многу повикувања на богословски текстови. Соодветно, оваа книга е наменета за луѓе коишто размислуваат и творат.

 +++

 а. Антипсихијатриска струја во 60-70-тите години во Западна Европа и во САД, а во почетокот на 90-тите години и во Русија.
 б. Поимот „стил на личноста“ е авторски термин на современиот психотерапевт Д. Шапиро.
ц.Термин предложен од страна на германскиот психијатар Karin Leonhard.


Друго:

apostol.Timotej.jpg

А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: АКО ЗАМИНУВАШ - ЗАМИНУВАЈ

apostol.Timotej.jpg

http://preminportal.com.mk/content/view/5879/54/

apostol.Timotej.jpg

А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: Психологија и психопатологија духовното раководство

А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: МОТИВОТ НА ДЕПРЕСИЈА

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Септември 25, 2024
Zivko.Grozdanoski3

Интервју со Живко Грозданоски: ДПМ може да дејствува гласно, сложно и независно

Ми се чини дека надворешните предизвици, како на пример отсуството на соработка со некои членови (на Управниот одбор) на ДПМ, некои обиди за саботажа итн. (сè се тоа нешта што веројатно секогаш ќе ги има); па сега слабиот рејтинг на ДПМ меѓу членството и во…
Август 29, 2024
TviTER231

„РАДОСТА НЕ ДОАЃА САМА, ТАА МОЖЕ ДА ЈА ЗАСЕНИ ТАГАТА“ Академик Ќулавкова добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП

Пред 35 години, август 1989-та, ми беше доделена првата награда за најдобра поетска книга на годината, напишана на македонски јазик, ‘Браќа Миладиновци’. Тоа беше мојата книга ‘Жедби’, со поднаслов ‘Престапни песни’. Во неа, во шест циклуси, опеав неколку…

По премиерата на новиот филм „The Walk“ во Њујорк на двојната кандидатка за Оскар - Тамара Котевска

Ное 14, 2023 Филм, Театар 2020
Tamara.Kotevska
Работејќи од нејзините разговори со Асил и другите деца бегалци, режисерката направи…

„ПОЕЗИЈА ОД МАКЕДОНИЈА“ и „Версвил“

Авг 19, 2023 Литература 2537
TVIT762
Реномираното меѓународно списание за поезија „Версвил“, својот најнов број во целост го…

Беседи

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

А и зошто Господ, пред почетокот на Преображението ги избира најглавните од апостолскиот лик и ги возведува со Себе на гората? Секако, за да им покаже нешто големо и таинствено....

« »

Најново од култура

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная