Ангелски гласови за духовен вознес
Хорот „Света Злата Мегленска“ е создаден при Македонската православна црква, во Кумановско-полошката епархија во 1996 година, по иницијатива на диригентката Летка Димовска-Полизова, која и денес раководи со него. Името му го дал владиката Кирил. Според убавината на девојките, младоста, ентузијазмот и посветеноста на верата, владиката верувал дека овој хор достојно ќе го носи името на света Злата Мегленска, македонска светица, која живеела во 17 век во Меглен и го дала животот за верата. И не згрешил. Хорот го благослови и тогашниот архиепископ господин господин Гаврил.
- Со создавањето на хорот го остварив мојот сон да направам женски, фестивалски и концертен хор, кој ќе ја претставува македонската духовна музика секаде низ светот. Досега сме имале над 500 настапи во странство, сме освоиле многу награди, а првото гостување беше во 1997 година во Велика Британија, кога освоивме гранпри- вели Димовска-Полизова, која веќе четириесет години се занимава со хорска музика и негување кадри за хорско пеење уште од најмала возраст.
Димовска го почнала музичкото образование во родната Битола, а потоа и на Музичката академија во Скопје. Диригентските знаења ги стекнала од својот професор Петар Сидовски.
Веќе десет години „Света Злата Мегленска“ е дел од прославата на Божиќ во храмот „Свети Климент Охридски“. Од пред две години ги одржувате и божиќните концерти. Се чини, полека се гради една традиција?
- Традицијата на одржување божиќни концерти ја установивме на десетгодишнината од нашето постоење. Од господин господин Стефан побаравме благослов тој концерт да биде традиционален и тој ја даде својата согласност. Вечерта на Божиќ ние ќе го чествуваме големиот христијански празник во црковниот храм, опкружени со нашите прекрасни икони, во атмосфера што облагородува и смирува. Таму а капела ќе ги пееме православните духовни песни посветени на Господ. И овој Божиќ хорот „Света Злата Мегленска“ ќе го одржи својот традиционален божиќен концерт, насловен „Слава Боже“, во црковниот храм „Св. Климент Охридски“. Девојките ќе ја изведат кантатата „Оче наш“ од рускиот композитор Володин, а ќе настапат и детскиот хор „Изворче“ на Запро Запров, камерниот мешан хор од Битола, неколку солисти, рецитатори и мешана група млади солисти. Од годинава манифестацијата прераснува во божиќни свечености, кои почнаа на 20 декември, а ќе траат до 19 јануари.
Благодарение на ентузијастите како вас, повторно ги откриваме бисерите на нашата духовна ризница. Ве нарекуваат ангелски гласови и амбасадори на македонската духовна музика, а вашите концерти врв на уметноста. Како реагирате на овие позитивни критики?
- Ми ласка кога ми велат дека со формирањето на мешаниот хор „Свети Климент Охридски“, а сега и со „Злата Мегленска“, православната хорска музика си го најде своето место кај нас. Но ако нè нарекуваат хор на ангелски гласови, македонски амбасадори, ако пишуваат дека хорот „Света Злата Мегленска“ претставува врв на уметноста, што беше кажано на мултиетничкиот фестивал во Канбера, Австралија, тоа истовремено обврзува, бидејќи сега не смееме да дозволиме да ни падне квалитетот на изведбата. Затоа нашата концертна програма постојано се апдејтува и се проширува. Сакам настапот репертоарски секогаш да биде свеж и за публиката, но и за нас изведувачите. Бидејќи сакајќи да го задоволиме нашиот внатрешен креативен порив, ние и на публиката и даруваме поголемо уживање. Се трудам од себе и од моите девојки да извлечам максимум, а тоа подразбира и задоволна публика.
Вашиот железен, ударен репертоар е сочинет претежно од дела на македонски автори, почнувајќи од Јован Кукузел до нашите современици. Ќе продолжите ли да „копате“ по македонската духовна ризница?
- Да, репертоарот е составен претежно од наши македонски автори - Скаловски, Сотир Голабовски, делата на Коџобашија,Запров, Стојан Стојков, Драган Шуплевски, Драгослав Ортаков, Александар Лековски, но има и композиции од светската литература, пред сè на руските композитори. Тука се и творбите на Јован Кукузел и на други автори од богатата македонска духовна ризница и, секако, и во иднина ќе продолжиме да пребаруваме по неа. Но за да ги пееме тие дела, најпрво треба композициите да ги приспособуваме за женки хор, зашто малку од старите композитори пишувале дела за еднородни хорови.
Настапувате пред различна публика, но слушателите на ист начин ја доживуваат вашата песна. Руси, Шпанци, Австралијци или Јапонци како да ги разбираат зборовите на песните и често плачат слушајќи ве. Како го објаснувате тој феномен?
- Можеби е во прашање начинот на кој работам, на кој им пренесувам пораки на девојките, а тие знаат како тоа да го примат и да го презентираат на вистински начин. Всушност, тоа е заемно давање и примање, испреплетување енергии. Хористките го почитуваат она што јас го правам, мојата пожртвуваност, откажувања, но од друга страна, работејќи со нив, јас чувствувам големо задоволство. Значи, за сето она што го вложувам, награда е она духовно задоволство кога на крајот ќе препознаете дека сето она што сте го доживеале внатрешно, сте и го презентирале на публиката и таа го разбрала на вистинскиот начин.
Се случило ли додека пеете емоциите да преминат во солзи?
Групно плачење ни се случи во Рим, во црквата „Санта Игнацио“, каде што пеел и познатиот оперски пејач Пласидо Доминго. Тоа беше во 1991 година, кога заедно со целиот државен врв и други официјални претставници од Македонија бевме поканети на чествувањето на свети Кирил и Методиј. Е тогаш немаше некој што не плачеше во публиката за време на нашето концертирање, а плачевме и ние. Иако сум сконцентрирана на композицијата, јас ги гледам девојките и кога ќе забележам сјај во нивните очи знам дека има наплив на емоции, кои едноставно мора да излезат од нив, низ песна, но и низ солзи.
Можете ли да издвоите некој од многубројните настапи што никогаш нема да го заборавите?
- Сите настапи имаат по нешто посебно, но сепак ќе го издвојам оној во Мелбурн, Австралија. Се сеќавам таа вечер имавме десет биса, а девојките од „Синтезис“, кои настапуваа по нас, реагираа со зборовите: „Па, мораше ли толку убаво да испеете?“.
Освен десетте години минати со хорот на „Златно славејче“, со кои други детски хорови сте работеле?
- Всушност, јас сум еден од основачите на хорот „Златно славејче“, а работев и со хорчето „Џивџани“, со Детскиот радиохор, архиепископскиот детски хор „Херувими“... Сè уште црпам од кадрите чиј талент сум го препознала уште во детските хорови и затоа апелирам да се негуваат талентите, за да може што побрзо да се надмине стагнацијата во која, не по своја вина, се најде нашето детско, но и хорското пеење воопшто.
Како диригент на „Света Злата Мегленска“ досега сте соработувале со познати оперски имиња. Дали планирате и други слични проекти?
- Досега сме соработувале со многу наши оперски уметници, иако со некои од нив сум работела уште од најмала возраст. На пример, Ана Стаменковска-Дурловски беше голем потенцијал уште како средношколка, а претходно членуваше во „Златно славејче“. Сме соработувале со Борис Трајанов, Благоја Нацовски, Весна Гиновска, Марија Муратовска, Марјан Николовски... Веќе е на повидок еден уникатен проект, што ќе биде големо изненадување за сите.
Во Македонија на молитва
Имате ли некоја неостварена желба што би сакале да ја реалзирате во новата 2009 година на музички план?
- Имам голема желба да организирам интернационален фестивал на духовна музика во Охрид. Веќе аплицирав и се надевам дека ќе успеам да ја реализирам оваа моја дамнешна замисла. Фестивалот би требало да се случи во новата 2009 година, а хорот „Света Злата Мегленска“ ќе биде задолжен за организацијата. Манифестацијата ќе се случува во новоизградениот Климентов универзитет, а ќе се вика, како поинаку, освен „Во Македонија на молитва“.
Првата средба со Тоше
На годинешниот „Еврофест“ пеевте песна за Тоше Проески. Дали го познававте?
- Имав привилегија и огромно задоволство да бидам прва што го слушна неговиот прекрасен глас и стоев пред него додека како дванаесетгодишно момче ја снимаше песничката за „Златно славејче“, со која ја почна кариерата. Сега ми е пред очи глетката кога Тоше влезе во студиото, насмеан од уво до уво, со светнати коси очиња. Се сеќавам, Тоше еднаш ја испеа песната, вториот пат го снимивме и толку беше.
Автор: Марија Таушанска - Нова Македонија