Тропар на светиот
Христов исповедник Харитон
28 септември / 11 октомври
Пустината во срцата на твоите ученици процвета,
о, свети мачениче Харитоне,
исповедниче на живата вера во Христа Бога,
Спасителот по твоите молитви
вода жива за нас постана,
застапи се о, ти цвету пустински миомирисен,
мирот Христов во тебе, да се слее во нашите души.
Тропар на светиот
Божји пророк
Варух
28 септември / 11 октомври
Тагата твоја поради неразумието човечко,
мноштво молитви источи од срце и душа
кон Господа, о, Варух слуго на Севишниот,
очи во темнина на бездна се спуштија,
оплакувајќи ја бедата на човековата суета,
но срце во Бога остана, надеж имајќи
во Силата која простува.
Спомни си сега за нас кои на Господа се надеваме,
по твоите свети молитви спасение да добиеме.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светите
Христови маченици
Марко пастир, Никон, Неон, Илиoдор
и другите со нив
28 септември / 11 октомври
Пастир на овци и ѕверови,
верен на Христа до крај остана,
а Он благодатно милувајќи те
преку тебе мноштво срца човекови скроти:
војници вера во Бога утврдија,
Александар, Алфеј и Зосим со волја цврста
Господа Го следеа на Голгота,
Никон, Неон и Илиодор кон Главата на сите, се присоединија.
Мноштво деца и девственички глас мачителен
кон Небото подигнаа. По нивните свети молитви
и ние повикуваме: Господи почуј и помилуј.
Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче
Православен календар за 11/10/2024
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Преподобен Харитон Исповедник
Угледен и благочестив граѓанин во градот Иконија. Задоен со духот на својата сограѓанка Текла, Харитон јавно го исповедаше името на Христос. Кога почна лутото гонење на христијаните во времето на Аврелијан, Харитон веднаш беше изведен на суд пред хегемонот. Судијата му рече да им се поклони на боговите (т.е. на идолите), на што Харитон му одговори: „Сите ваши богови се бесови, коишто се струполени негде заради гордоста во најкрајната темнина.“ И Светиот Харитон јасно ја објави својата вера во Единиот жив Бог, Создателот на сѐ, во Господ Исус, Спасител на сите луѓе. Тогаш хегемонот нареди и го биеја и го измачуваа телото на Харитон во толкава мера што целото тело му го прекрија со рани, така што целото беше како една рана. После ненавидната смрт на Аврелијан, којашто во тоа време го постигна злосторникот, Харитон беше ослободен од маките и од затворот. Тој тогаш се упати во Ерусалим. На патот го фатија разбојници, од кои по Божја Промисла се ослободи. И не сакаше повеќе да се враќа во Иконија, туку се повлече во Фаранската пустина, каде што основа обител и собра многубројни монаси. Откако ѝ даде типик на оваа обител и сакајќи да ги одбегне човечките пофалби, тој се оддалечи во една друга пустина кон Ерихон, каде повторно со време беше основана друга обител, наречена Харитонова. Најпосле основа и трета обител, наречена Сукиска или на грчки Стара Лавра. Се упокои во длабока старост и се пресели во славата на својот Господ на 28 септември 350 година. Неговите мошти почиваат во неговата прва обител. На Св. Харитон му го припишуваат составот на чинот за монашки потстриг.