Одлична изведба, овации од публиката и од реномираниот „Филхармонија оркестар“ и задолжителен бис имаше на концертите во Бејзинсток и во Лондон, со кои нашиот светски познат пијанист ја заврши концертната 2008 година велат од „КултурОп“. Тој настапи како солист на „Филхармонија оркестарот“ од Лондон во изведбата на Концертот бр. 3 за пијано и оркестар од Рахманинов и уште еднаш покажа дека е миленик на лондонската публика.
- Салата „Ројал фестивал“ има особено значење за мене зашто тука беше финалето од натпреварот во 2000 година и секој настап во неа има нова димензија. Уште поважно е што настапив со таква икона каква што е Владимир Ашкенази и тоа во изведбата на Концертот бр. 3 за пијано и оркестар од Рахманинов - едно од најкомплицираните дела во пијанистичката литература.
Атмосферата и соработката со еден таков голем човек и музичар направи да се почувствувам релаксирано, а особено кога зад себе се има таков фантастичен оркестар каков што е „Филхармонија оркестарот“. Комбинацијата од одлични музичари е несомнен предизвик за солистот. Сметам дека и распродадениот концерт и фантастичната реакција на публиката си го кажаа своето и морав да отсвирам и бис - рече Трпчески. Убавите зборови за нашиот пијанист не ги штедеше ниту легендарниот пијанист и диригент Ашкенази, кој вторпат соработува со нашиот музичар. Тој истакна:
- Свиреше екстремно добро и одлично го разбира тоа што го свири. Тој е на толку високо ниво што сум сигурен дека уште ќе напредува. Ќе открива и други нешта, но во моментов нема што да се каже, едноставно е на многу високо ниво.
Како предигра на лондонскиот концерт, „Филхармонија оркестарот“ со Ашкенази и Трпчески ја изведе програмата и во саботата во преполната сала „Енвил“ во Бејзинсток. Истата слика на одушевената публика нашиот пијанист ја награди со изведбата на „На Струга дуќан да имам“ во аранжман на Панде Шахов, кој во моментов работи во Велика Британија и присуствуваше на концертот.
Посети: {moshits}