Концертите на Трпчески - неверојатно искуство
Не стивнуваат возбудата и реакциите по концертите што македонскиот пијанист Симон Трпчески во минатата недела ги одржа во Чикаго, градот во кој секојдневно има презентации на културни програми од земјите во светот. Дневниот весник „Чикаго сан-тајмс“ објави критика во која го истакнува авторитетот на Трпчески во изведбата на едно толку изведувано дело како што е Концертот број 1 за пијано и оркестар од Чајковски. Критичарот ја подвлекува и одличната соработка на нашиот пијанист со диригентот Лудовик Морло од Франција. За успешната изведба зборува и одлуката на Симфонискиот оркестар на Чикаго, Концертот со Трпчески да го стави на својата официјална интернет-страница.
Музичари од Симфонискиот оркестар на Чикаго со кој настапи Трпчески велат дека би сакале повторно да им се случи тоа неверојатно искуство со светски познатиот пијанист. Од оркестарот велат дека билетите за концертите биле распродадени пред еден месец, а чинеа до 200 долари. Салата чиј капацитет е 3.500 седишта на сите три концерти беше полна. Деновите на македонската култура во САД на првата дестинација, Чикаго, донесоа нов импулс и во културното живеење на Македонците од дијаспората. Велат дека никој не предизвикал толку голем интерес и внимание како овие концерти. Порачуваат дека им требаат повеќе вакви културни манифестации.Македонскиот конзул во Чикаго, Јовица Палашевски, вели дека е среќен што Деновите на македонската култура предизвикаа толкав интерес.
- Симон Трпчески е светско име и затоа беше предизвик да се работи за беспрекорна организација и подготвување услови за настапот да го добие вниманието што го заслужува.
Во Чикаго има 51 конзул и 30 почесни конзули, па токму затоа, објаснува Палашевски, е исклучително важно да работиме на збогатување на културните активности кои треба да бидат примамливи и за помладата генерација Македонци родени во САД. Затоа ќе ја збогатуваме македонската културна понуда.
Деновите на македонската култура од Чикаго патуваат за Њујорк каде што вечерва во Македонскиот културно-информативен центар ќе биде отворена изложба на современото македонско сликарство. Американската публика ќе ги види делата на познатите македонски уметници Томе Аџиевски, Јован Шумковски, Жанета Вангели, Антони Мазневски, Станко Павлевски, Благоја Маневски и Решат Амети. За три дена во Њујорк ќе почне и Фестивалот на македонскиот филм.
Лилјана Грџо Дамовска- Дневник