Скопје, 13 јануари (МИА) - Оркестарот на театарот Бољшој од Москва во комплетен состав на 18 мај ќе гостува во Метрополис арена во Скопје, во рамки на својата голема европска турнеја. Солист на концертот на светски познатиот ансамбл ќе биде пијанистот Симон Трпчески, соопштија на прес-конференција Министерството за култура и здружението КултурОп.
Оркестарот со околу сто члена ќе го води диригентот Александар Ведерников, главниот уметнички директор на театарот Бољшој. Скопје ќе биде последната дестинација на турнејата, а оркестарот претходно ќе настапи и во Швајцарија, Италија и Бугарија. Се договораат и нови места за настапи, на кои реномираниот ансамбл ќе изведува дела претежно од руски автори.
Македонскиот пијано виртуоз рече дека настанот има историско значење, зашто со многу упорност, желба и ентузијазам се остварила една идеја што на почетокот изгледала како „невозможна мисија“.
- Пред два дена бев во Москва и пред Бољшој театарот, кој го немав видено можеби 18 години. Ми изгледаше како сон да си помислам дека токму со оркестарот на тој театар ќе настапам и тоа, ни помалку ни повеќе туку во својот роден град, истакна Трпчески.
Со диригентот Ведерников тој се запознал во 2000 година на финалето на натпреварот во Лондон, а професионалната соработка ја обновиле минатата година во Џенова. Трпчески откри дека на концертот со Бољшој ќе изведе дела од Сергеј Рахмањинов.
Оваа година тој има повеќе концерти со оркестри од Русија. На 6 јануари Трпчески настапи во Санкт Петербург со Санктпетербуршката филхармонија. Наскоро го очекува деби во Виена како солист со Рускиот национален оркестар, со кој ќе настапи и во Утрехт, Амстердам и Брисел.
- За мене е огромна чест зашто се знае што значи Русија како држава, култура, како традиција и историја. Одговорноста е уште поголема зашто на концертите свирам руски репертоар со руски оркестар. И самиот на одреден начин сум руска пијанистичка школа и среќен сум поради можноста да настапувам со оркестри од земјата од каде што се моите професори по пијано, Романови, рече Трпчески.
- Овој настан уште повеќе ќе го поткрене нивото на македонската музичка култура, со кој на светот ќе му ги покажеме цврстите корени на оваа земја и дека имаме осет за тоа како треба да се прават нештата и да ги освоиме симпатиите на поголемите од нас кои, можеби, докрај не не познаваат, додаде најпознатиот македонски пијанист, чии активности „Дејли телеграф“ ги вброи меѓу најзначајните во 2008 година.
Организатор на настапот на Трпчески со оркестарот на Бољшој во мај е здружението КултурОп. - Пред нас е голема одговорност. Очекуваме дека настанот ќе ја одбележи музичката 2009-та, истакна Тони Цифровски од КултурОп.
Концертот е поддржан од Владата и од Министерството за култура. - Сугурна сум дека настанот ќе биде уште еден триумф на музиката и уметникот кој од жолта дамка едноставно прави сонце. Нашата национална гордост, маестро Трпчески, со својот уметнички талент е дел од Пантеонот на светската пијанистичка интерпретација, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Својата богата историја театарот Бољшој ја почнал во 1776 година, етаблирајќи се во светски центар на музичката култура. Потврда за неговото културно и музичко наследство е тековната 232 сезона и илјадниците туристи што го посетуваат. хс/паг/9:27