Наводаџии фалбаџии
Во старо време имало една многу убава, кротка и вредна мома. Била умна и вешта, питома и праведна. Со гласот свој славеите во гората ги натпејувала, а со играта сите играчи ги надигрувала. Била учена и многу писмена. Читала и пишувала на многу јазици, а творела на својот единствен јазик и своето единствено писмо наследено многу одамна од претците. Свирела на многу инструменти, како никој пред неа, со единствен ритам научен од старите во фамилијата за кој никој друг на светот не знаел.
За неа и за нејзината личотија, за вештините нејзини се раскажувало по светот и многу ергени посакувле токму нивна да биде.
Едно лето пред куќата застанале многу коли полни со стројници. На врата затропале луѓе собрани од цел свет, личната и вредна мома за невеста да ја бараат.
Со денови во куќата се ределе еден по друг, луѓе дојдени за да ја кандисат и момата, ама и нејзината фамилија.
Доаѓале навидаџии и наводаџики и сите сѐ најубаво и најарно само за еден ист зет и за неговата фамилија раскажувале. Од многу фалби устите како од мед им се лепеле.
И сѐ ќе беше арно, секој пофален збор за младожењата што го кажаа ќе вредеше, доколку него пред сите, на ачик ни по толку денови не го покажаа.
А сите само фалби кажуваа и златници и азна ветуваа, ама го криеа како лепросан да ѐ од сите.
Една вечер кога веќе им се смачило што куќата со денови им е сардисана од толку народ, седнале родителите и фамилијата на момата за ова да зборат. Таткото прв почнал и рекол:
- Многу луѓе деновиве во куќава ни влегоа и сите до еден само фалби за младожењата кажаа, ама тој самиот, како што е редот не дојде, а ни кадро свое не испрати. Барем на кадро да му ја видиме личотијата за која толку многу зборуваат.
А зошто треба да се крие тоа што толку се фали?
Белким зошто е чурук и зошто за ништо не го бива.
Тој што е арен не треба да праќа толку народ од далеку да го фали. Самиот на мегдан ќе си излезе.
И не би свршувачка.
Ни момата, ни никој од нејзините не им поверува на собраните наводаџии и наводаџики од цел свет, зошто да беше арен младожењата, немаше сите тие да му требаат за да го оженат.
На крајот излезе токму така како што се посомневаа. Се потврди тоа што го мислеа, ниту тој, а ниту фамилијата негова не чинеа.
Наравоучение: Не им верувај на оние кои нешто и некого премногу ти го фалат, не ќе да е чиста работата, мора нешто да не е како треба.
Убавите и вредни нешта не треба никој да ги фали, а да ги крие пред сите.
Народна приказна
Избор од фб профил на Sladjana Stavreva