Битола, 17 јули (МИА) - Министерството за култура и Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), синоќа во Битола ги промовираа првите 35 тома од едицијата „Македонска книжевност“.
- Ова е капитален зафат за целокупната македонска култура. Проектот ги истакнува континуитетот и дострелите на македонската книжевност од времето на Свети Климент Охридски, па се до денешната современа македонска литература, истакна Раде Силјан претседател на ДПМ, на промоцијата во Националната установа Завод и Музеј-Битола.
Станува збор за колосален проект за македонската литература и култура, кој почна да се реализира пред девет месеци.
- Овој проект е еден од трите во областа на издаваштвото кои ги поддржа Владата на Република Македонија. Првиот е врзан со оваа едиција, вториот започна да се реализира, а се работи за преводи на 500 учебници и третиот проект, односно превод на сите нобеловци на македонски јазик, истакна портпаролот на македонската Влада Ивица Боцевски.
Тој најави дека проектот „Македонска книжевност“ ќе се глобализира.
- Во наредната година овој проект ќе биде преведен на англиски јазик, на шесте официјални јазици на ОН, како и на трите официјални јазици на ЕУ со што македонската литература повеќе нема да биде затворена во школка и ќе се најде во рацете на глобалниот читател, предочи Боцевски.
На промоцијата на првите 35 од вкупно 130 тома на едицијата „Македонска книжевност“ пред книжевната јавност од Битола, но и гости од земјата, се обрати и државниот секретар во Министерството за култура Елизабета Канчевска-Милевска.
- Целта на овој зафат, прв од ваков вид и обем е да се прикажат богатите историски книжевни вредности и да се отворат нови страници од нашата литература. Во проектот беа вклучени осум членови на МАНУ, 20 универзитетски професори, 10 научни работници и 40 писатели, истакна Канчевска-Милевска.
Таа додаде дека проектот „Македонска книжевност“ ја отсликува богатата традиција на македонската книжевност, длабоките корени и континуитетот во различни периоди.
- Творештвото во оваа едиција ќе биде објавено на јазиците на кои што пишуваат авторите, на македонски јазик, на албански, турски, ромски и на влашки јазик. Објавувањето на оваа едиција има и симболика бидејќи тоа се случува во 2008-ма, година на македонскиот јазик и година на јазиците во светот прогласена од ОН, појасни Канчевска-Милевска и најави дека следната година ќе се реализира нов проект за објавување антологии на македонскиот роман, македонската поезија и македонскиот расказ на англиски јазик.
Првиот примерок од едицијата „Македонска книжевност“ што го отпечати издавачката куќа „Микена“ од Битола, му беше врачен на академик Гане Тодоровски.
- Овој гест на Владата дојде во време кога книгата е во криза. Ние како автори го поздравуваме гестот на Владата и ги очекуваме нобеловците на македонски јазик со што литературниот живот уште повеќе ќе заживее, изјави академик Тодоровски на синоќешната промоција во Битола. мт/ва/9:25