МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО ЧЕШКА
КАЛИГРАФСКА ИЗЛОЖБА ВО ПРАГА
03 август 2012 година, Емајски манастир - Прага, Чешка (Пишува: Димитри Кирјаковски) - По повод 1150. годишнината од кодификацијата и воведувањето на глаголското писмо од светите браќа Кирил и Методиј - христијанските мисионери од Солун Македонија, како и 665. годишнината од основањето и изградбата на Емајскиот манастир, Македонската заедница во Чешка во соработка со Бенедиктинскиот монашки ред на католичката црква од Прага поставија изложба на македонски ракописи од македонско-холандскиот калиграф и дизајнер Георги Гоце в. Дуртаноски.
Изложбата е насловена како Inscriptiones Macedoniæ и ја сочинуваат ракопреписи и копии од гравури од карпеста уметност и надгробни споменици пренесени на хартија како и средновековни манускрипти од Македонија или пак поврзани со Македонија и мисијата на светите браќа Кирил и Методиј.
Inscriptiones Macedoniæ е кохезија помеѓу калиграфски ракописи и црковна литература и го претставува деценискиот плод од истражувачката работа на авторот во потрага по милениумската писменост од Македонија, од каде започна работата и придонесот на светите браќа Кирил и Методиј како мост кој денес поврзува над 200 милиони луѓе со културна и духовна сличност.
Со пригодна свеченост и во присуство на претставници од македонските заедници од Чешка, Германија, Полска, Словачка и Австрија, претставници од македонската амбасада во Прага и пријатели на Македонија изложбата беше отворена во историскиот Емајски манастир кој е основан во 1347 година и кој впрочем претставува прв манастир со папски декрет предаден во употреба за служење на православна литургија за потребите на православните верници на овие простори уште во 14. век.
“Голема чест за нас е што оваа хумана мисија за македонската писменост тргнува од Чешката престолнина“, истакна Ѓорѓи Мирчевски, претседател на Македонската заедница во Чешка.
За изложбата и за мисијата на светите браќа Кирил и Методиј говореше д-р Иван Доровски од Катедрата за бохемистика при Масариковиот универзитет од Брно.
Преку видео-бим беше пренесена благословена порака за отворањето на изложбата од поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а изложбата беше пропратена со црковно-македонска православна музика.
Македонската заедница од Чешка како и авторот Георги Гоце в. Дуртаноски упатија несебична благодарност до Емајскиот манастир за широко отворената соработка и за отстапениот простор за поставување на изложбата Inscriptiones Macedoniæ кој јубилеј од кодификацијата на глаголицата ги поврзува Македонија и Чешка токму преку Охридската книжевна школа и Емајскиот манастир кој во почетокот на своето основање имаше своја краснописна школа од која произлегоа голем број на глаголски ракописи кои денес поради својата реткост се основната културна алка преку која се поврзуваат народите на христијанска Европа.
Изложбата Inscriptiones Macedoniæ во Прага ќе биде отворена за посети секој ден од понеделник до сабота од 11.00 - 17.00 часот до 26. август 2012 година во галерискиот простор на Емајскиот манастир на адреса: Emauzsky klaster (Emavs Pragae), Vyšehradská 49/320, 128 00 Praha 2 - Nové Město.
+++
До Емајскиот манастир се стигнува со метро до станицата Karlovo náměstí или со трамвајските линии број 3, 4, 10, 14, 16, 18, 24 до станицата Moráň или станицата Karlovo náměstí. Главниот влез е од Вишеградската улица (Vyšehradské ulice), околу 50 метри надолу во правец на Карловиот плоштад.
За Preminportal
Тодор Петров