11.05.2012, 17:23
Фондацијата „Трифун Костовски“ одбележа 14 години постоење
Во МАНУ беше прикажан филмот „Портрет на акад. Петар Хр. Илиевски“ и промовирана книгата „Македонија во делата на странските патописци - 1905 -1908“ од Александар Матковски
Фондацијата „Трифун Костовски“ вчера одбележа 14 години од своето основање во Македонската академија на науките и уметностите со проекција на филмот „Портрет на акад. Петар Хр. Илиевски“ (живот и дело) и со промоција на книгата „Македонија во делата на странските патописци - 1905 -1908“ подготвена од Александар Матковски.
За значењето и за најновите проекти на Фондацијата, говореше претседателот на Управниот одбор Томе Серафимовски, информирајќи дека истата, во соработка со телевизија Телма почна со серијата „Филмски портрети на академици“ каде што спаѓа и споменатиот филм за академик Петар Хр. Илиевски, истакнат класичен филолог и универзитетски професор. Веќе бил изработен и филм за животот и делото на академик Ѓорѓи. Д. Ефремов, поранешниот раководител на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија.
„Изминатиов период е силна потврда дека поддршката на науката и уметноста е најблагодарниот начин на оддолжување кон традицијата, духовните вредности и иднината на сопствениот народ и земја. Мојата првична идеја да дадам скромен придонес во оваа насока, резултираше со богата и вредна активност на МАНУ изразена во бројни уметнички дела, монографии и студии и проекти“, рече бизнисменот Трифун Костовски, кој изрази надеж дека во овие, како што ги нарече „исклучително тешки економски и социјални времиња ќе јакне свесноста дека без развој на науката и уметноста нема ниту вистинска слобода, ниту вистинска демократија“.
„Република Македонија на светската мапа на духовни и културни вредности не смее да биде препознавана само низ историски придобивки и наследство“, потенцираше меѓу другото Костовски.
Книгата патописи „Македонија во делата на странските патописци (1905 - 1908)“ е дел од истражувачката актива на академик Александар Матковски, на чија подготовка со дешифрирање на белешките и на преводите оставени во негов ракопис работеле и Поликсена Матковска и Лилјана Угриновска. Ја промовираше академик Витомир Митевски посочувајќи дека истата се фокусира на Македонија непосредно по Илинденското востание, а содржи шест патописни репортажи или извештаи од различни автори, од новинари и дописници од западните весници и списанија кои во тој период доаѓале во Македонија и внимателно го бележеле она што го виделе лично, или пак им било дозволено од властите да го видат.
„Наша предност е што сега, од една временска дистанца и стекнато искуство можеме полесно да ги согледаме последиците што произлегуваат од некои меѓународни стереотипи што ни се наметнуваат. Можеме подобро да ги препознаеме опасностите што не демнат доколку некритички прифаќаме да се однесуваме според увезените политички модели кои имаат погубно влијание за нашата иднина“, рече меѓу другото Митевски. Во музичкиот дел настапи Хорот Злата Мегленска со дела од Ристо Аврамовски, Тодор Скаловски и Запро Запров. (К.Б.)