Скопје, 4 април 2012 (МИА) - Во Друштвото на писателите на Македонија денеска се одржа поетска средба по повод акцијата за донирање книги на библиотеката во манастирот „Свети Јован Бигорски“.
Послание од средбата испрати поетесата Светлана Христова - Јоциќ, а настапија 28 македонски поети од сите генерации.
- Со денешната средба ја обзнануваме акцијата на ДПМ која ќе трае до 21 мај, кога 20-тина македонски поети ќе настапат во самиот манастир што ќе биде и чинот на примопредавање на книгите. Планираме да подариме на возобновената бибилиотека во манастирот околу 5.000 книги од наши членови, но членовите донираат и книги на познати светски писатели од своите библиотеки за збогатување на библиотеката во „Свети Јован Бигорски“, истакна претседателот на Собранието на ДПМ Веле Смилевски.
Колекцијата на подарените книги ќе биде од областа на книжевната наука и филозофијата, фолклорот, историјата, публицистиката и од белетристиката. бак/са/13:52