Протојереј Андреј Ткачов
Доколку науката неумоливо би го оттргнала човекот од Бога, во светот не би останал ниту еден религиозен научник. И доколку таа иста наука неумолливо не би го притискала човекот кон стравот од Бога и кон Неговиот највисок ум, во светов не би имало ниту еден сериозен научник којшто не би се молел и не би солзел над Евангелието.
Наместо тоа, како во историјата, така и во современоста, набљудуваме две големи групи – мислители и научници. Едната група се состои од оние коишто во храната на ученоста ја додаваат солта на верата, а втората група, пак, од оние коишто вкусуваат од слатките јадења. Тоа се оние на коишто Бог не им е потребен ниту во сопствениот дом – како Помошник, ниту во науката – во вид на хипотеза (види, дијалог помеѓу Лаплас и Наполеон).
Воопшто не е важно во која од овие две групи преовладува броевиот сооднос. Во една таква околност, неколку гласови повеќе или помалку нема да го променат главниот заклучок, дотолку повеќе што двете групи содржат значителна бројка. Главниот заклучок, пак, се состои во тоа што науката нема да нè доведе до верата и во верата нема да нè внесе. Науката може да помогне и да те придвижи час на едната, час на другата страна, но суштината не се состои во тоа. Во човекот има нешто друго, поразлично од умот што прави анализи, каде што, впрочем, се зачнува и зрее самата вера.
Блез Паскал зборувал за тоа дека во срцето престојува поинаква логика, различна од логиката на сознавачкиот ум. Паскал, и самиот необична појава, зборувал за тоа дека Бог му приоѓа на човекот, не како Бог на философите и учените, но како Бог на Аврам, Исак и Јаков.
Луѓето како Паскал се скапоцени. Тие луѓе се потребни макар и за тоа да му го свиткаат мечот од картон на спортистот-атеист, кога тој го поттикнува своето неверие со баналниот убод на фразата: „науката докажа“.
Каква наука? Што докажа таа? Еве, на Паскал не му докажа. И не само што не му докажа, туку Паскал со помош на математичка веројатност ја докажал неопходноста за верата во Христа. Доколку смислата на животот се состои во стремеж кон благосотојба и бегство од страдање, и доколку науката е повикана да ја обезбеди или да го приближи човечкиот идеал за среќа, во тој случај, да се верува во Христа е разумно и неопходно, а да не се верува во Hero – безумно и опасно. Расудете сами.
Да претпоставиме, човекот од вера направил грешка. Што загубил тој човек? Ништо. Тој живеел слично како и останатите луѓе, јадел, пиел, работел, одморал. Тој само се обидувал да го исполни моралниот закон, поради што, сосема логично, бил почитуван од страна на неговото опкружување. Потоа тој си умрел – и тоа е сè. Тоа е во случај доколку тој човек направил грешка. Тој ќе се распадне на праелементите од коишто бил составен, или како што умеел да каже О. Хајам: „Овие грстови песок под нозете наши порано биле зраци што ги пленеле очите ни“.
Но, што пак, доколку тој човек, сепак, е во право и не направил грешка? Во тој случај, него го очекува слава, Царството небесно, заедничарење со ангелите, познанство со најдобрите луѓе на светот, лицегледање на Христа, ликување, мир на душата.
А сега да погледнеме кон нерелигиозниот човек. Со што се здобил минувајќи го животот согласно својот светоглед? Тој не се измачувал себеси со пости и посети на долготрајните богослужби. Гревовите извршени од плотта ги сметал како закон на природата. Тој не сакал да се смири пред Бога, и тоа не му било доволно, тој сакал да се возгордее со славното име на човекот. Но, затоа пак, морал да се смирува пред своите претпоставени и пред околностите на животот. Величествени дела, секако, не правел, а си поживеал сходно своите задоволства. Во име на вистината, и тоа задоволство се покажало непостојано. Болестите и поодминатата возраст, расчекорот помеѓу копнежот и реалноста, семејните конфликти го отруле поголемиот дел од потенцијалната среќа. Но, при сиот свој атеизам, човекот останал тврд. И ете ти сега, тој умрел за да исчезне. Колку ли ќе се изненади кога сето тоа исчезнување ќе му се измолкне, а боите на светот ќе станат уште поблескотни! Со што ли би победил исчезнувајќи? Со ништо. Тој не само што не би победил во споредба со човекот со вера, но дури и во споредба со домашното милениче, тој не само што не би победил, туку сосема е можно и да загуби. А еве и зошто, губејќи (во случај да не е во право) неговиот пораз може да се покаже така голем што не би можел да го поднесе. Поразот ќе биде толку голем што ќе ти дојде да залелекаш од очај и ќе застружиш со заби. А така е и речено: таму ќе биде плач и крцкање со заби.
И така, од двете варијанти „да се верува – да не се верува“, подобро е да се верува. Ништо нема да загубиш, но затоа финалето може да биде спектакуларно. Сосема е сеедно што се обложуваш на рулет со милионски број подарени жетони. Ова го говори наједноставната математичка пресметка.
И спротивно на тоа. Атеистот не победува станувајќи храна на црвите и распадот. Но, кога губи, тогаш колосално губи.
Заклучок: Науката нема да го докаже отсуството на Бога на мускули. Напротив, приврзаниците на
безбожноста не се запознаени со елементарните закони на правилното размислување. Тогаш, нека не се повикуваат повеќе на науката. Во тој случај би зборувале: „Не верувам зашто срцето човечко е бездушно“, или „суетата проголтува“, или „се плашам кон Бога погледот да го подигнам“. Тоа би било чесно, и тоа би значело, чекор поблиску до идното покајание и исповед. А што се однесува до „науката докажа…“ Попрво, би требало да се засрамат. Во Аристотеловата логика не се допуштаат противречности. Со неа, не се ставајте онаму каде што има чудо. На пример, во областа на Евангелието. Таму Девица раѓа Син и останува Девица. Таму Бог се воплотува, мртвите воскреснуваат, пет леба нахрануваат илјадници луѓе. Очигледно, некој друг свет влегол во – овој свет, и законите на другиот свет „притискаат“, меко одвојувајќи ја неизменливоста на животот на којашто сме навикнале. Си живеат така луѓето, си живеат, и нивните животи како паралелни прави не се пресекуваат. Бог на небото, ние на земјата, Евклид е прав: правите линии не се пресекуваат. Одненадеж, при свртување на следниот лист, започнува геометријата на Лобачевски. Hе дека паралелните прави линии се пресекле – Бог се симнал на земјата. Двата света неразделно се соединиле, но и не се слеале. И вообичаените закони на светот започнуваат да отстапуваат, покажувајќи дека „Царот Којшто не е од овој свет“ е тука некаде, во близина.
Постои ли таква наука, којашто смело би ги произнесувала своите мисли наспроти видливиот свет?
Постои. Тоа е математика. Таа е царица на науките. Во нејзините раце еднаш и засекогаш се сите умни нешта коишто нема да ги видиш. Никој од нас не ја видел ниту ќе ја види нулата. „Ништото“ е незамисливо и доловливо. А математиката оперира со нулата со неподнослива леснотија, како домаќинката со игла и конец.
Претстои да се спомне нешто и за бесконечноста, за тоа како започнуваат чудата. Секој математичар на своите палци ќе ви докаже дека во бесконечноста деловите од множествата се еднакви на целината, дека бесконечната права е кружница со бесконечен радиус. Тоа дури и јас би можел да го докажам. И, значи, во науката ни претстои да воведеме еден од атрибутите на Бога – бесконечноста, тука ние веќе сме во состојба да поведеме разговор на јазикот на науката, многу близок до јазикот на верата. Веќе се бришат насмевките од лицата на скептиците, кога се поведува разговор за тоа дека Бог има една природа и три Личности. Да, господа. Аристотел останал зад врата, а ние влегуваме во светилиштето на мисловното созерцание, каде што никој не се воодушевува ниту на Богочовештвото, ниту на вечната девственост, ниту на единството на Троица. Поточно, се воодушевува, но не одрекува, туку созерцува.
И така, пречи ли науката за да се верува? Можно ли е да се убие со кујнски нож? Можно ли е со микроскоп да се кршат ореви? Сето тоа е можно при векторот на животот којшто не се насочил во тој правец. Разумот, како дигитрон, послушно ќе ги пресмета броевите како во безгрешните така и во измамничките шеми. Важно е разумот да биде управуван од срцето, коешто (според Паскал) има своја сопствена логика. И најважно е тоа срце да се моли. Тогаш нема да има страв од ништо. Поточно, ќе има нешто, секогаш ќе има. Но, основите за страв (да се изразиме математички) ќе тежнеат кон нула.
Извадок од книгата: Протојереј Андреј Ткачов, Мисионерски записи