логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


СЛОВО 6

Monasi.pokloni.jpg


За љубовта


ГЛАВА 1


Како што во однос на ова видливово си се одрекол од надворешниот човек и си го разделил и растурил имотот, така треба да се одречеш и од она на што од порано си свикнал. И ако си ја изучувал плотската мудрост, или материјалните знаења, откажи се и од тоа. Ако си се потпирал на плотската правда, отстапи од тоа, смири се и понижи се. Зашто на таков начин ќе можеш да се научиш на „безумството на проповедта” (1. Кор. 1, 21), а со тоа ќе ја пронајдеш вистинската мудрост, којашто не се состои од убави зборови, туку е во силата на крстот, којашто вистински ја поседуваат оние што се удостоиле да ја стекнат. Затоа што крстот Христов, вели Павле, „е за Јудејците соблазна, а за Елините големо безумство... а за нас, кои се спасуваме, сила Божја” и Божја премудрост (1. Кор. 1, 18 и 23).

ГЛАВА 2

Макар и да вкусиш од небесното и да станеш заедничар на онаа мудрост, и веќе да имаш длабок мир во својата душа ‡ и во тој случај не се превознесувај и немој да се надеваш на себе, како веќе да си ја достигнал и сфатил целата вистина, за да не ти се случи и тебе да чуеш: „Презаситени сте веќе, се збогативте веќе и се зацаривте без нас; камо да се бевте зацариле, та и ние да царуваме со вас” (1. Кор. 4, 8). Напротив, дури и да си вкусил од христијанството, мисли за себе како да не си се ни допрел до него. И тоа во тебе нека не биде површна мисла, туку нешто трајно насадено и зацврстено во твојот ум.

ГЛАВА 3

Како што богатољубивиот, и да собере милиони денари, не е задоволен со тоа, туку неговата желба станува уште поненаситна, или како што оној, кому му го одзеле слаткото пиење пред да се насити со него, станува уште пожеден, така и вкусувањето на Божјата сладост е над секоја наситка. Напротив, колку повеќе човек се збогатува со ова богатство, толку посиромашен се претставува. Таквите христијани самите не ја ценат многу својата душа, туку живеат пред Бога во крајно понижување и се сметаат за слуги на секој човек. За таквата душа, поради нејзиното смирение, Господ многу се радува и почива во неа. Значи, ако човекот и има нешто, да не мисли дека нешто значи или има, затоа што вообразеноста е гнасна пред Господа. Таа и во почетокот го истерала човекот од рајот, кога тој, кога чул: „ќе станете како богови” (1. Мој. 3, 5), лековерно í се предал на таа суетна (празна) надеж. Познај како твојот Бог, Цар и Син Божји „Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга” (Филип. 2, 7), како осиромаши, како беше помешан со нечестити луѓе, како пострада. А ако е Тој Бог, ти ли мислиш високо за себе и се дуеш, човек составен од крв и плот, земја и пепел и ‡ оф! ‡ немаш дел во ништо добро? Ако си разумен, и за самото тоа што си го добил од Бога уште повеќе речи: Тоа не ми припаѓа мене, го имам зашто сум го добил од друг и кога ќе посака Тој, без сомнение ќе ми го земе тоа што ми го дал. На тој начин, сè што е добро припишувај Му на Господа, а лошото на својата слабост.

ГЛАВА 4

Под онаа ризница, за којашто зборува апостолот дека „ја носиме во глинени садови” (2. Кор. 4, 7), подразбирај ја осветувачката сила на Духот, што апостолот се удостоил да ја прими, наоѓајќи се сè уште во плот. Зашто тој на едно друго место вели и: „Кој за нас стана премудрост од Бога, и правда, и осветување, и откуп” (1. Кор. 1, 30). Кој ја стекнал и ја носи во себе оваа небесна ризница на Духот, тој може да ја изврши секоја правда што ја бараат заповедите и да ги исполнува сите заповеди не само чисто и беспрекорно, туку дури и без труд и исцрпување, што претходно без труд немало никаква можност да се направи. Затоа што, и кога би сакал човекот, не може на вистински начин да одгледа еден духовен плод пред да настапи заедничењето со благиот Дух. Меѓутоа, секој што чекори со трпение и вера, постојано да се принудува и пламено да Го моли Христа да ја стекне оваа небесна ризница. И тогаш во Него и преку Него ќе може да ја изврши секоја правда чисто и совршено, а додавам, и без тешкотија и безбедно.

ГЛАВА 5

Оние што во себе го имаат божественото богатство на Духот, кога им соопштуваат на други духовни зборови, им го предаваат она што го извадиле од својата сопствена ризница. А тие, што не го собрале ова богатство во ризниците на срцето, од коешто богатство истекува добротата на божествените мисли, тајни и превозвишени зборови, тие, откако набрале неколку цветови од Писмата на двата завета, ги носат на врвот од својот јазик, или, пак, откако ги слушале духовните луѓе, се фалат со нивното учење како да е нивно, присвојувајќи си го туѓото. И тие на другите им обезбедуваат лесна наслада со она што им предаваат, а самите по беседата излегуваат налик на сиромавите луѓе, затоа што секој нивен збор некако се враќа кај сопственикот, од когошто е позајмен, а тие самите не стекнале сопствена ризница, па да можат отпрвин самите да се веселат преку неа, а потоа и на другите да им ја предадат за нивна полза. Значи, потребно е првин да испросиме од Бога да го добиеме ова вистинско богатство, а тогаш лесно ќе можеме да им бидеме од полза и на другите и да им предаваме духовни и таинствени учења. Зашто благоста Божја благоволила да престојува во секој кој верува. Господ вели: „Кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам” (Јован 14, 21). И на едно друго место: Јас „и Мојот Отец... ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме” (23).

ГЛАВА 6

Духот на најразлични начини управува со оние што се удостоиле да станат чеда Божји и во себе Го имаат Христа, Кој ги просветува, и нив благодатта ги грее во скришните места на нивното срце. Но најдобро е да покажеме некоја од видливите световни наслади, за да ги споредиме божествените утехи што благодатта ги произведува во душата. Зашто тие што се удостоиле за овие утехи понекогаш се веселат како да се на царска вечера и се радуваат со неопислива и неискажлива радост, де се насладуваат духовно, како невестата со младоженецот, де како бесплотни ангели чувствуваат еден полет и лекост на телото, толку што дури сметаат дека веќе не се облечени во тело. Понекогаш ќе се развеселат, како да пиеле нешто, и се опиваат со неописливата опиеност од духовните тајни. Понекогаш, пак, плачејќи и тажејќи, со солзи се молат за спасението на сите луѓе, затоа што, горејќи од божествената духовна љубов кон сите луѓе, го восприемаат на себе плачот на целиот Адам. А понекогаш, наоѓајќи се во наслада на духот, што не може со зборови да се опише, се разгоруваат со таква љубов, така што, кога би било можно, секој човек со болка во срцето би го засолниле во својата прегратка, без да прават никаква разлика меѓу лошиот и добриот. Понекогаш толку се понижуваат себе си, што не можат ни да си замислат човек подолу од нив, туку сметаат за себе дека се последни од сите. Де ги апсорбира неискажливата радост на Духот, де како некој силен човек, облечен во потполна царска воена опрема, кој излегол во бој и ги натерал непријателите во бегство, и тие, оградувајќи се со духовните оружја, излегуваат против невидливите непријатели и ги згазуваат под своите нозе. Другпат ги опколува една голема тишина и мир и обземени се од некоја чудна наслада. А другпат преку разбирањето, божествената мудрост и неиспитливото знаење на Духот, по благодатта Христова, се умудруваат во тоа што никаков јазик не може да го искаже. А има и време кога ќе ги видиш дека, како што изгледа, по ништо не се разликуваат од кој било човек. Така божествената благодат, којашто на најразлични начини се менува во нив и се пројавува најразлично, сака да ја воспитува и вежба душата, со цел да Му ја претстави на небесниот Дух совршена, непорочна и најчиста.

ГЛАВА 7

Наброените овде дејства на Духот ги наоѓаме кај оние што се наоѓаат на високите степени и се многу блиску до совршенството. Овие разновидни утехи на благодатта во нив ги произведува Духот, иако различно, сепак непрекинато, така што по едно дејство на Духот следува друго. Кога човекот ќе го достигне совршенството на Духот, откако потполно се очистил од сите страсти и преку неискажливото општење потполно се соединил со Духот Утешител, кога самата душа, како да е споена со Духот, ќе се удостои да стане тој Дух, тогаш сè што е во неа станува светлина, сè ‡ радост, сè ‡ спокојство, сè ‡ веселост, сè ‡ љубов, сè ‡ милосрдие, сè ‡ благост, сè ‡ добрина, и таа како да потонува во силата на добродетелта на благиот Дух, слично на камен во морската длабочина, од сите страни обиколен со вода. Така, кога во сè ќе се соединат со Божјиот Дух, таквите стануваат слични на самиот Христос, имајќи ги во себе неминливите добродетели на Духот и пред сите покажувајќи такви плодови. Духот ги направил внатрешно непорочни и чисти, затоа невозможно е тие надвор од себе да раѓаат плодови на порокот. Напротив, во нив постојано и во сè блескаат плодовите на Духот. Така изгледа постигнувањето на духовното совршенство, „полнотата Христова”, до којашто апостолот нè советува дека треба да се трудиме да стигнеме, велејќи: „За да се исполните со сета полнота” Христова (Ефес. 3, 19); и уште: „додека сите не стигнеме... до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство” (4, 13).

ГЛАВА 8

Понекогаш срцето на човекот, само што тој ќе клекне на колена, се исполнува со божествената делотворност, душата, како што веќе беше објаснето, се весели со Господа, како невеста што му се радува на младоженецот. За ова зборува големиот Исаија: „Како што младоженецот се радува на невестата, така ќе ти се радува тебе твојот Бог” (Иса. 62, 5). Исто така, се случува таквиот човек да биде зафатен цели денови и само на час да се сврти кон молитвата, и тогаш му се случува на внатрешниот човек да биде издигнат преку молитвата и обземен од бесконечната длабочина на оној век, и тој сеќава едно такво неискажливо задоволство, што неговиот ум, кој е издигнат и лебди, паѓа во занес, и тој со мислите заборава на ова земно мудрување. Неговите помисли, според кажаното, се преполнети и, како некој да ги заробил, ги одведува од кај него во безграничното и недостижното, зашто во тој час на човекот му се случува, по неговата молитва, заедно со молитвата да отиде и душата.

ГЛАВА 9

А на оној што поставува прашање: Има ли во човекот доволно сили постојано да престојува во таква состојба? ‡ треба да му се одговори следново: Нема време, ниту час, а благодатта да не престојува и да не биде вкоренета во човекот, и во оној, каде што таа престојува, станува како нешто природно и неодвоиво од него. Иако е една, таа на различни начини, како што í е угодно, домостројува во човекот во негова полза. Во него огнот се разгорува понекогаш посилно, а понекогаш послабо, и светлината понекогаш засветлива во поголема мера, а понекогаш се намалува и бледнее, несомнено во согласност со божествениот план. И макар што светилото гори незгасливо, сепак, понекогаш гори со поголем сјај, и тогаш човекот празнува, како да се наоѓа во поголемо спокојство на Божјата љубов, а понекогаш и самата светлина што се јавува во срцето ñ ги отвора вратите на една уште повнатрешна светлина, така што човекот, сиот апсорбиран од онаа сладост и созерцание, се најдува надвор од себе и за светот изгледа чуден и нездрав поради новите восхитувачки содржини на љубовта и задоволството, поради длабочината на тајните за кои се удостоил. И неретко се случува во тоа време човек да стигне до совршената мера и станува слободен од секој грев и беспрекорен. А по ова благодатта некако се намалува и врз човекот паѓа покривката на противничката сила.

ГЛАВА 10

Вака расудувај за дејството на благодатта: замисли си дека совршенството е да се искачиш до дванаесеттата скала. И таа мера понекогаш е достапна. Но благодатта повторно почнува да дејствува послабо и тој што слегол за една скала, останува, така да се рече, на единаесеттата. Нему му се откриени оние чудеса и човекот ги дознал преку опитот. И кога тоа на тој начин би продолжувало постојано, тогаш би било невозможно тој да го земе на себе домостроителството и товарот на словото. Не би можел ни да слуша, ни да зборува за нешто, или не би можел да земе на себе да се грижи за што и да било, дури и за кратко време, туку само би лежел, стутулен во некој ќош, обземен од занесот, лебдејќи во височините и наоѓајќи се во длабок мир. Според тоа, совршената мера на човекот не му се ни дава за да има време да се занимава со грижа за браќата и служење на словото.

ГЛАВА 11

Слушајќи го словото за царството и доведени до солзи, да не почнеме да се задржуваме на овие свои солзи и да не бидеме задоволни ниту со слушањето, како луѓе што добро слушнале, ниту со своите очи, како луѓе што добро виделе, затоа што постојат други уши, други очи и други солзи, исто како и друго разбирање и друга душа, т. е. божествениот и небесен Дух, Кој слуша и плаче, се моли и познава, и навистина ја твори волјата Божја. Зашто Господ и на апостолите им рекол, ветувајќи им го највисокиот дар на Духот: Доаѓам. „А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сè” (Јован 14, 26); и уште: „Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите. А кога ќе дојде Он, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина” (16, 12). Он ќе се моли, Он и ќе плаче. „Не знаеме за што да се помолиме, како што треба”, вели божествениот апостол, „туку Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување” (Рим. 8, 26), затоа што само Духот ја знае Божјата волја. Речено е: „Божјото не го знае никој, освен Божјиот Дух” (1. Кор. 2, 11). На денот на Педесетницата, кога, според ветувањето, слегол Утешителот и силата на благиот Дух се вселила во душите на апостолите, од нив целосно била симната покривката на гревот, страстите биле направени неактивни, во нив се отвориле очите на срцето. И тогаш, исполнети од премудроста и доведени преку Духот во совршенството, преку истиот оној Дух, Кој во нивните души станал Господар и Цар, се научиле да ја исполнуваат Божјата волја и од Него биле раководени во секоја вистина. Според тоа, кога и нам ни се случува, слушајќи го Божјото слово, да почнеме да плачеме, со несомнена вера да Го молиме Христа и при нас, кои вистински се надеваме, да дојде Духот, Кој слуша и се моли во согласност со Неговата волја.

ГЛАВА 12

Претстави си ја работата на овој начин: некаква сила, слична на еден многу фин воздух, лежи врз лесниот ум и го покрива. И покрај тоа што светилото, како што е речено, постојано гори и свети, сепак, врз оваа светлина како да е ставена некаква покривка. Па според тоа, таквиот човек не може да негира дека сè уште е несовршен и не е сосема слободен од гревот. Можно е, пак, да се рече дека тој е и слободен и неслободен. Но тоа, конечно, не се случува без Бога, туку во согласност со Божјиот план. И понекогаш онаа преграда се разорува и разрушува, а понекогаш не се разорува сосема. И таквата молитвена состојба не е секогаш еднаква, туку се случува понекогаш благодатта повеќе да се разгорува и да утешува и да смирува, а понекогаш таа станува помалку светла и послаба, според тоа како самата благодат домостројува со ова во полза на човекот. Впрочем, некогаш сум ја достигнувал совршената мера, сум го искусувал и доживувал оној век, па сепак, сè уште не сум видел ниту еден христијанин совршен или потполно слободен. Иако некој се успокојува во благодатта, станува заедничар на тајни и откровенија, достига до тоа да сеќава голема благодатна сладост, сепак, и во него, исто така, престојува гревот. Таквите, поради преизобилната благодат и светлината што заблескала во нив, а јас ќе кажам, поради неопитност, мислеле дека се совршени и слободни. Но јас, како што реков, сè уште не сум видел ниту еден потполно слободен човек. Бидејќи и мене некогаш ми се случувало делумно да ја достигнам, како што е речено, онаа мера. Научен од опитот, знам каков е совршениот човек.

ГЛАВА 13

Кога слушаш за општењето на младоженецот и невестата, за хоровите, празнувањата, не си претставувај ништо материјално или земно, затоа што овие слики се користат во релација, само како пример. Со оглед на тоа што сево ова е неискажливо духовно и невидливо за плотските очи, а станува поимливо за верната и света душа, и самото општење со Светиот Дух и небесните ризници, и хоровите и празнувањата на светите ангели се видливи само за оној, што го доживеал ова, а непосветениот воопшто не може ни во умот тоа да си го претстави, затоа за ова слушај со побожност, додека и самиот, по верата, не се удостоиш да достигнеш едно такво видение ‡ и тогаш опитно ќе увидиш, со очите на душата, какви богатства уште овде можат да придобијат христијанските души. Зашто во воскресението и самото тело ќе може да учествува во таквите богатства и да ги види, и некако да ги поседува, а тоа е кога и телото ќе стане духовно.

ГЛАВА 14

Убавините на душата и добрите плодови, како: молитвата, љубовта, верата, бдеењето, постот, и другите добродетелни потфати, кога ќе бидат во единство и општење со Духот, тогаш и самите, како темјан ставен на оган, ќе испуштат изобилно благоухание, па и нам ќе ни биде веќе лесно да живееме во согласност со Божјата волја, затоа што без Духот Свет, како што е кажано претходно, никој не може да ја разбере Божјата волја. Зашто како што жената која стапила во брак со мажот, пред нивното здружување, се раководи според своето сопствено расположение и постапува како што сака, а кога ќе се соедини со него, тогаш престанува да обрнува внимание на себе и почнува да живее целосно под неговото раководство, така и душата, иако има своја сопствена волја, свои сопствени закони и свои сопствени дела, штом ќе стане достојна да се соедини со Небесниот маж ‡ Христа, се потчинува на законот на Мажот, и веќе не ја следи својата волја, туку волјата на нејзиниот младоженец ‡ Христос.

ГЛАВА 15

Под брачна облека подразбирај ја благодатта на Светиот Дух. Оној што не станал достоен да се облече во неа, нема да биде учесник во небесниот брак и на духовната вечера. Да се потрудиме и погрижиме да вкусиме од ова духовно и божествено вино и да се опиеме со оваа трезвена опиеност, па како што оние што се напиле вино до ситост стануваат говорливи, и ние, преисполнети од ова духовно вино, да почнеме да ги кажуваме божествените тајни. Зашто Давид вели: „И чашата твоја ме напојува со блаженство” (Псал. 22, 5).

ГЛАВА 16

Сиромашна по дух е душата што си ги знае своите рани, ја познава и темнината на страстите што ја опкружува и постојано од Господа проси ослободување, вложува и труд, но не се радува на никакво земно богатство, а се потпира само на прекрасниот Лекар и на Неговото лекување. А како оваа изнаранета душа да стане убава, благовидна, достојно да живее заедно со Христа? ‡ Само кога таа ќе обрне внимание на тоа како каква е создадена во почетокот, и ако јасно ги познае своите рани и својата беда. Ако таа не се насладува со раните и крастите на страстите што ги има на себе, ако не ги оправдува своите грешки, тогаш Господ ќе ја превиди нејзината безличност, ќе дојде, ќе ја излечи и исцели и ќе í ја поврати бестрасноста и непропадливата убавина. Доволно е само таа, како што е речено, да не влегува волно во општење со она што го бараат страстите и да не се согласува со тоа што тие го раѓаат, туку со сите сили да повикува кон Господа, а од Неговиот благ Дух да се удостои за ослободување од сите страсти. Значи, блажена е оваа душа. Но тешко на душата што нема да ги сознае своите рани и, поради големата и неизмерна порочност, не ни мисли дека има некаков порок ‡ неа не ја посетува и не ја лекува добриот Лекар, затоа што таа, мислејќи дека е неповредена и здрава, не се ни грижи за своите рани. „Здравите немаат нужда од лекар”, речено е, „а болните” (Мат. 9, 12).

ГЛАВА 17

Сите кои, раководејќи се од огнената љубов кон добродетелта, опитно и осетливо стекнале знаење за небесните тајни на Духот, се навистина блажени и достојни за восхит, и поради животот, и поради натприродната наслада, и нивното живеалиште е на небесата. Тие се над сите други луѓе ‡ и еве еден очигледен доказ за тоа. Кој од силните, мудрите или разумните луѓе, уште додека бил на земјата, се издигнувал на небото и таму извршувал духовни дела, ја созерцувал убавината на духот? А овде некој, според надворешниот изглед, беден човек, крајно беден и понижен, па дури можеби и воопшто непознат за ближните, го наведнува доземи лицето свое пред Господа и, воден по патот од Духот, се искачува на небото и со несомнена увереност во својата душа се насладува со тамошните чудеса, таму дејствува, таму му е живеалиштето, според зборовите на божествениот апостол. Зашто речено е: „Нашето живеалиште е на небесата” (Филип. 3, 20); и уште: „Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат” (1. Кор. 2, 9). А потоа додава: „А нам, пак, ни го откри тоа... преку Својот Дух„ (10). Тие се навистина мудрите и силни луѓе; тие ‡ благородните и благоразумните луѓе.

ГЛАВА 18

Впрочем, расудувајќи за светите, не само според оние небесните, туку и според сегашните нивни дарови, не ќе ти е тешко да заклучиш дека се тие над сите луѓе. За тоа размислувај вака. Некогаш, вавилонскиот цар Навуходоносор ги собрал сите народи што му биле потчинети, за да се поклонат на неговиот кип. Тоа, пак, според премудриот Бжоји план послужило на сите да им стане позната добродетелта на момчињата и сите познале дека вистинскиот Бог, Кој живее на небесата, е Еден. Трите момчиња, кои притоа биле заробени и лишени од слобода, имале пред царот таква смелост, кога сите со голем страв му се поклонувале на изделканиот лик и никако не смееле да не се покорат, туку се влечеле по земјата како безгласни животни, не само да не се согласат да постапат како другите, туку и ‡ не сакајќи да остане непозната нивната побожност, не поднесувајќи таа да остане сокриена ‡ пред сите да кажат: „Нема да им служиме на твоите богови и на златниот идол што си го поставил нема да му се поклониме” (Дан. 3, 18). И иако за казна биле фрлени во огнена печка, сепак, таа над нив не го покажала своето дејство, туку некако како да ја покажала својата побожност пред нив, и ги запазила да не им се случи никакво зло. Па така сите, и самиот цар, преку нив Го познале вистинскиот Бог. Тие ги восхитиле не само оние што престојувале на земјата, туку и небесните суштества. А божествениот апостол ни покажува дека жителите на небото не се далеку кога светите ги прават своите доблесни подвизи, туку гледаат на нив. Зашто вели: „Станавме призор... на ангелите и на луѓето” (1. Кор. 4, 9). Нешто слично можеш да видиш во примерот на Илија. Тој сам надминал многу луѓе со симнувањето на небесниот оган. И Мојсеј го совладал целиот Египет и фараонот мачител. Истото ќе го забележиш и во примерот на Лот, Ное и многу други. Тие, очигледно, не биле многу почитувани меѓу луѓето, но надминале многу знаменити и силни луѓе.

ГЛАВА 19

За секоја видлива ствар е својствено, ако не í дојде на помош од страна некоја друга природа, сама по себе да биде неактивна и неустроена, затоа што неискажливата Божја премудрост преку видливите ствари ни покажува тајни и слики дека човечката природа сама по себе не може да ја покаже совршената убавина на добродетелите и духовното благолепие на светињата, ако не í содејствува Божјата рака. На пример, ако земјата биде оставена самата на себе, ако земјоделците не се погрижат да ја обработат, а исто така и ако дождовите и сонцето не го приложат своето содејство, таа не чини за ништо и најмалку од сè е способна да роди плод. А и секој дом има потреба од сончевата светлина, којашто нема иста природа со домот, но без која тој би бил мрачен и непогоден за живеење. А ќе забележиш и многу други нешта за кои може да се каже нешто слично. Исто така, и човечката природа сама по себе не е моќна да раѓа совршени плодови на добродетелите, туку потребен í е духовниот Земјоделец на нашите души, т. е. Духот Христов, Кој е навистина необичен за нашата природа, затоа што ние сме твар, а Тој не е создаден. И Тој, со Своето искуство обработувајќи ги срцата, мислам на верните, кои потполно волно Му се предале на овој Работник, ги подготвува да родат совршени плодови на Духот и со Својата светлина го осветлува домот на нашата душа, помрачен од страстите.

ГЛАВА 20

На христијаните им претстои двојна борба и битка. Како прво, со нештата што се видливи со овие очи, затоа што тие ја надразнуваат, поттикнуваат и повикуваат душата да се приврзува за нив и да се насладува со нив. И како второ ‡ со началствата и властите на страшниот владетел на светот.

ГЛАВА 21

Славата што ја имал Мојсеј на лицето била слика на вистинската слава на сесветиот Дух. Како што таму никој не можел да гледа во лицето на Мојсеј, така и сега темнината на страстите не ја поднесува оваа слава, што ја осветлува христијанската душа, туку бега, гонета од нејзините зраци.

ГЛАВА 22

Правдољубецот и богољубецот ‡ којшто вкусил од небесната сладост, во чијашто душа е всадена благодатта и кој целосно се предал на она што го сака благодатта ‡ намразил сè во овој век, зашто се наоѓа над сè што е во светот. Ќе кажеш ли злато или сребро, почести или слава, или пофалби ‡ со ништо такво тој не може да биде уловен, зашто преку опит дознал за едно друго богатство, друга чест, друга слава, ја храни душата со неминливото задоволство, има осет и потполна увереност за заедницата на Духот.

ГЛАВА 23

Тој толку многу се разликува од луѓето во разбирањето, знаењето и расудувањето, колку што разумниот овчар се разликува од неразумните овци, зашто нему му е достапен еден друг Дух, друг ум, друго разбирање и друга мудрост, различна од мудроста на овој свет. Речено е: „Мудрост, пак, проповедаме меѓу совршените, но не мудрост од овој век, ниту, пак, онаа на преодните господари од овој свет, туку ја проповедаме Божјата премудрост, тајна сокриена” (1. Кор. 2, 6-7). Според тоа, таквиот, како што е кажано, во сè се разликува од сите луѓе кои го имаат духот на светот, и од разумните и од мудрите, и според напишаното, „испитува сè” (1. Кор. 2, 15). Тој за секого знае од каде е земено она што го зборува тој, на што тој се задржува и каде се наоѓа, а него никој од оние што го имаат духот на светот не може да го познае и сфати, туку само оној кој го има истиот Дух на Божеството, според зборовите на божественот апостол: „Толкувајќи го она што е духовно на духовни луѓе. Душевниот човек не го прима она, што е од Божјиот Дух: за него тоа е безумство... Духовниот, пак, човек, испитува сè, а него никој не го испитува” (1. Кор. 2, 13-15).

ГЛАВА 24

А овој сесвет Дух невозможно е да се добие поинаку, освен ако човек, откако ќе се тргне од сè што е во овој век, се посвети на барањето на љубовта Христова, па умот, ослободен од сите грижи за материјалното, да биде устремен само кон оваа цел, па на тој начин да се удостои да биде во еден Дух со Христа, како што зборува апостолот: „Кој се соединува со Господа, еден дух е со Него” (1. Кор. 6, 17). А душата потполно приврзана и пристрасна кон нешто во овој век, на пример, кон богатството или славата, или кон световното пријателство, не може да ја одбегне и надмине темнината на лукавите сили.

ГЛАВА 25

Правдољубивите и богољубивите души не можат да поднесат ни најмалечко ослабнување во љубовта кон Господа, туку сè приковувајќи, и тоа потполно, за крстот Негов, стануваат свесни за чувството на духовно напредување што се појавува во нив. Затоа ранетите од оваа љубов и оние кои, така да се каже, се гладни за правдата на добродетелите и за озарувањето од благиот Дух, иако се достојни за божествените тајни, иако стануваат причесници на небесната веселба и благодатта, не стануваат самоуверени и не мислат дека значат нешто, туку колку повеќе се удостојуваат за духовни дарови, толку понезаситно и посилно го бараат небесното, и колку повеќе во себе го сеќаваат духовното напредување, толку погладно го сакаат причестувањето со овие дарови. И богати духовно, колку што зависи од нив, изгледаат како бедни луѓе, во согласност со божественото Писмо. Зашто речено е: „Оние што ме јадат ‡ погладни ќе бидат, а оние што ме пијат ‡ пожедни за мене ќе бидат” (Мудр. Сир. 24, 23).

ГЛАВА 26

Таквите души се удостојуваат за слобода од страстите во сите работи и во совршенството добиваат озарување од божествениот Дух и заедничење со Него во полнотата на благодатта. А мрзеливите души, кои не вложуваат труд, и не се грижат, додека се уште во телото, преку постојано трпение и великодушност, не делумно, туку потполно, овде да ја примат светињата на срцето, не се надеваат на тоа со сето свое чувство и потполно уверено да стапат во заедничење со Духот Утешител, а преку Него да се ослободат од штетните страсти, ако и се удостојат за божествената благодат, ограбени од порокот, ја напуштаат секоја грижа за себе, сметајќи дека веќе ја добиле благодатта, се утешуваат со неа и се насладуваат со духовна сладост. Оттаму, мошне се склони кон вообразеност, немаат скрушено срце, мислите не им се смирени, не чувствуваат жед, не се стремат кон совршената мера на бестрастието, туку се задоволни со оваа малечка утеха од благодатта, и напредуваат во превознесувањето, а не во смирението, а понекогаш многу бргу се лишуваат и од онаа благодат за која се удостоиле. Зашто душата којашто е навистина богољубива, како што покажа словото, и да извршила илјадници праведни дела, и да го истоштила телото со строги бдеења, и да се удостоила за различни дарови од Духот, откровенија и тајни, толку е скромна, како сè уште да не ни почнала да живее по Бога и како да не стекнала ништо добро, затоа што е приврзана и незаситно расположена кон љубовта Христова.

ГЛАВА 27

Никој не може да дојде во оваа мера одеднаш и лесно, туку мерата на совршеното бестрастие може да се достигне само по многу напори и подвизи, по повеќегодишно ревнување, по испитување и различни искушенија. Човекот, искрен во секој свој труд и во истоштувањето на себе си, кој смирено ги поднесува сите искушенија во коишто го воведува злобата, се удостојува најпосле за големи почести, духовни дарови и божествено богатство само на овој начин. И потоа станува наследник на небесното царство.

ГЛАВА 28

А душата што ја нема споменатата строгост во животот и во своето срце сè уште не ја осетила светињата, да плаче и горко да проси од Господа да се удостои за ова богатство и за оваа делотворност на Духот, што се пројавува во умот преку неискажливи созерцанија. Како што, според црковниот закон, оние што се нашло дека направиле некои плотски гревови, свештениците првин ги одлачуваат, а потоа, кога ќе го покажат своето покајание во доволна мера, ги примаат во општење, а оние што живееле беспрекорно и чисто се издигнуваат до свештенството, биле луѓе што стојат надвор, па се воведуваат внатре во олтарот и примаат чин за да свештенодејствуваат и претстојат пред Господа: така да расудуваме и за таинственото заедничење со Духот, за коешто апостолот рекол: „Благодатта на нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога и Отецот и заедништвото на Светиот Дух” (2. Кор. 13, 13). А ќе видиш дека и овде се запазува последователноста. Зашто божествената Троица се вселува во душата, којашто, во содејство со божествената благодат, се чува себе си чиста, но се вселува не каква што е Сама по Себе ‡ затоа што ниедна твар не може да ја опфати ‡ туку според тоа колку е човекот способен да Ја прими. А штом човекот малку ќе се отклони од животот согласен со Божјата волја и ќе Го нажали божествениот Дух ‡ неговиот ум отпаѓа и се одлачува од духовната веселост, затоа што во него се намалува божествената благодат, љубов и секое благо дејство на Духот, а самиот тој се предава на маки и искушенија и на лукавите духови, сè додека душата повторно не почне да оди право, благоугодувајќи Му на Духот. Потоа, кога ќе го покаже своето покајание преку секое исповедање и смирение, на крајот одново се удостојува за благодатната посета, и во поголема мера, за разлика од порано, ја добива небесната веселост. А ако душата со ништо не Го нажали Духот, туку живее благоугодно, борејќи се против сите лукави помисли и постојано прилепувајќи се кон Господа, тогаш таа, справедливо и сразмерно на ова, напредува, се удостојува за неискажливи дарови, оди од слава во слава, од едно успокојување кон најсовршеното успокојување, а потоа, кога ќе ја достигне совршената мера на христијанството, ќе им се придружи на совршените делатели и беспрекорни свештенослужители Христови во вечното Христово царство.

ГЛАВА 29

Во сево ова што е видливо гледај слики и сенки на она што е сокриено: во видливиот храм слика на храмот на срцето, во свештеникот слика на вистинскиот свештеник на Христовата благодат, итн. Како што во оваа видлива црква, ако отпрвин нема читања, псалмопеења и друго од последованијата на црковното служење, свештеникот не може да ја извршува самата божествена тајна на телото и крвта Христова, исто така, ако биде исполнето и сето црковно правило, но свештеникот не ја изврши таинствената евхаристија и нема приопштување кон телото Христово, тоа, според црковниот устав, значи дека свештенодејството не е довршено и служењето на тајната е фалично: така разбери го и христијанинот. Ако тој напреднал во постот, бдеењето, псалмопеењето, во секој подвиг и во секоја добродетел, но на жртвеникот на неговото срце сè уште не е извршено, преку благодатта, таинственото дејство на Духот, со целосна осетност и духовно спокојство, тогаш, значи, сето тоа чинопоследование на подвижништвото не е завршено и е речиси бесполезно, затоа што човекот нема духовна радост, којашто на таинствен начин се раѓа во срцето.

ГЛАВА 30

Прекрасна работа е постот, прекрасна работа е бдението, а исто така прекрасни работи се подвижништвото и животот во одвоеност, и тоа се почетоци на богољубивиот живот. Но потполно е неразумно човек цврсто да се потпира само на дела слични на овие. Понекогаш се случува да имаме некое учество во благодатта, но истовремено и притаениот во нас порок, како што веќе зборувавме за тоа, подготвува лукавство, доброволно отстапува, не дејствува како обично, а напротив, го навлекува човекот да мисли дека неговиот ум ја достигнал чистотата и преку тоа го доведува до вообразба дека станал совршен, а потоа разбојнички го напаѓа човекот и го срушува во земниот пекол. Луѓето што дваесеттина години биле разбојници или војници обично знаат како да им поставуваат стапици на непријателите, се кријат, смислено прават заседи, им доаѓаат на непријателите од зад грб и, ненадејно опколувајќи ги, ги убиваат. Колку повеќе гревот, кој е на светлина веќе илјадници години, и чија најважна работа е да ги погубува душите, умее смислено да поставува такви заседи во скришноста на срцето, способен е привремено да се притаи, да не дејствува, за да ја навлече душата да си вообрази дека станала совршена. А темелот на христијанството е овој: ако некој ги исполни сите дела на правдата, да не се задржува на нив, да не се надева многу на нив и да не мисли дека направил нешто големо; ако некој стане заедничар на благодатта, да не мисли дека ја достигнал целта и дека се наситил, туку и тогаш да биде гладен и жеден, да плаче и пролева солзи, и целото негово срце да биде скрушено.

ГЛАВА 31

Вака претставувајте си ја духовната состојба. Замислете си некоја царска палата. Во неа има разни дворови, неколку тремови и други надворешни простории. Потоа, како што е вообичаено, следуваат внатрешните згради, во кои обично се чува порфирата и се наоѓаат ризниците. А по нив доаѓа уште повнатрешната зграда, со сите удобства, каде што престојува царот. И како што оној што влегол во надворешните дворови и живеалишта се лаже ако мисли дека стигнал до внатрешните згради, така бива и во духовното. Ако некои се борат со својот стомак и со сонот, постојано престојувајќи во псалмопеење и молитви, тие не треба да мислат дека стасале до крајот и до почивката. А зошто? ‡ Затоа што сè уште се наоѓаат во тремот и во дворовите, а не таму каде што се чува порфирата и каде што се царските ризници. Ако се удостојат за некоја духовна благодат ‡ и со ова исто така да не се мамат, мислејќи дека стигнале до крајот. Според тоа, треба да се испитува: Си ја пронашол ли ризницата во овој глинен (слаб) сад? Си се облекол ли во порфирата на Духот? Си го видел ли Царот и си се успокоил ли? Зашто замисли си уште, дека душата има одредена длабочина и многу членови, дека гревот, кој влегол во неа, ги зафаќа сите елементи и помисли на срцето, а потоа, кога човекот ја побарал благодатта на Духот, таа доаѓа и зафаќа можеби пар членови на душата. И неопитниот, утешувајќи се со оваа благодат, доаѓа на мисла дека благодатта ги зафатила сите членови на душата и дека гревот е целосно искоренет, меѓутоа, не знае дека гревот сè уште владее со поголемиот дел од душата. Зашто, како што многупати беше објаснето, можно е и благодатта непрестајно да дејствува, како окото во телото, а присутен да биде и порокот, што го ограбува умот. Според тоа, оној што не умее да расуди, тој мисли за себе високо, како да стекнал веќе нешто големо и се осилува како божем да стигнал веќе до крајниот степен на очистувањето. Но уште многу работи се потребни за вистината да му го потврди тоа. Зашто, како што покажа претходното слово, и тоа е една од стапиците на сатаната ‡ некогаш доброволно да отстапува и да ги прекратува своите вообичаени дејства, со цел кај подвижниците да поттикне вообразеност дека станале совршени. Оној што сади лозје, не го собира и плодот истовремено со садењето. И оној што посева семиња во земјата, не жнее во истиот час. И што? Зар новороденчето веднаш стигнува до зрелоста? Погледни на Исуса. Христос, Кој е Син Божји и Бог, од каква слава слегол и до какви страдања, до каков срам и крст! И за ова Свое смирение повторно е издигнат и седнал од десната страна на Отецот! А лукавата змија, откако првин во Адам ја посеала желбата да стане бог, до каков срам го довела преку оваа вообразеност! Значи, имај го ова во умот, огради се колку што можеш и грижи се секогаш да се смируваш и да имаш скрушено срце.

 

Превод: отец Игор Калпаковски

Св. Макариј Велики : СЛОВО 1, За чувањето на срцето

Св. Макариј Велики : СЛОВО 2 - За духовното совршенство 

Св. Макариј Велики : СЛОВО 3 - За молитвата

Св. Макариј Велики : СЛОВО 4 - За трпението и расудувањето

Св. Макариј Велики : СЛОВО 5 - За издигнувањето на умот

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная