логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


СЛОВО 4


За трпението и расудувањето


ГЛАВА 1


Оние што сакаат да му се покоруваат на Божјото слово и да раѓаат добри плодови, ги имаат следниве белези: воздишка, тажење, прониклив поглед, тихување, наведната глава, молитва, молчење, останување на едно место, плач полн болка, болка во срцето за побожноста, и дела: бдеење, пост, воздржување, кротост, великодушност, непрекината молитва, поучување во божествените Писма, вера, смирение, братољубие, покорност, труд, злострадање, љубов, благост, чесност, и целата светлина, т. е. Господа. Белези, пак, на оние што не творат плодови на животот се следниве: очајување, занесување, поглед што лута, невнимателност, ропот, тапост (тешко разбирање), а делата нивни: прејадување, гнев, раздразливост, склоност кон осудување, надменост, ненавремено зборување, неверие, непостојаност, заборавност, збрканост, лихварство, љубов кон парите (среброљубие), завист, препреденост, презир, празно зборување, ненавремено смеење, ќудливост, и сета темнина, т. е. сатаната.

ГЛАВА 2

Според Божјиот план, лукавиот не е веднаш испратен во геената што ја наследил, туку е оставен за да го искушува и испитува човекот, за, и без да сака, светите, преку трпението, да ги прави поправедни и да биде за нив виновник за поголема слава, а за себе, преку својата упорност во злото и измислиците против светите, да си подготви поправедна казна; „та... гревот”, како што вели божествениот апостол, „да стане премногу грешен” (Рим. 7, 13).

ГЛАВА 3

Непријателот, откако го измамил Адам и на тој начин завладеал со него, му ја одзел и власта, и самиот се поставил за кнез на овој век. А во почетокот за кнез на овој век и господар на сè што е видливо Господ го поставил човекот. Ни огнот не го горел, ни водата не го потопувала, ни ѕверот не му наштетувал, ни отровното животно не можело на него да го покаже своето дејство. Но откако í дал простор на измамата, тој своето началство му го предал на оној кој го измамил. Затоа жреците и маѓепсниците (и бајачите и гатачите) преку дејството на противничката сила, со Божја дозвола, се покажуваат како чудотворци, имаат власт над отровните животни, смело влегуваат во оган и во вода, како Јаниј и Јамвриј, коишто му се противеа на Мојсеј (2. Тим. 3, 8), и како Симон, кој се натпреварувал со првоврховниот Петар.

ГЛАВА 4

Мислам дека непријателот, кога на лицето на Мојсеј ја видел блескавата слава, налик на првата слава на Адам, не малку бил поразен, извлекувајќи од ова заклучок дека неговото царство пропаднало. Ништо не ни попречува со ова да го поврземе и исказот на апостолот: „Смртта, пак, царува од Адама та дури до Мојсеја и над оние што не погрешија” (Рим. 5, 14). Зашто, според моето мислење, прославеното лице на Мојсеј во себе го сочувува образот и подобието на првиот човек, создаден со рацете Божји. И смртта, т. е. виновникот за смртта ѓаволот, како што тогаш, гледајќи го ова, веќе сфаќал дека пропаѓа неговото царство, така и навистина му се случило тоа од Господа. Зашто вистинските христијани уште сега се облекуваат во оваа слава и преку неа внатре во себе смртта ја прават неактивна, а исто така и срамните страсти, кои веќе немаат никаква сила над нив, кога духовната слава осетно и со сета несомненост ќе заблеска во нивните души.

ГЛАВА 5

Кога непријателот го измамил Адама преку жената, како преку нешто слично на него, му ја одзел и славата во која бил облечен. На тој начин, човекот се покажал гол и ја узнал својата безличност, којашто претходно не ја гледал, зашто неговата мисла се насладувала со небесните убавини. Зашто по престапот неговите помисли станале земни и почнале да ползат долу, а едноставното и добро мудрување во него се помешало со плотското и порочно мудрување. А за тоа дека рајот бил затворен и на еден херувим му било заповедено со огнен меч да му забранува на човекот да влегува во него, веруваме дека навистина и видливо се случило така како што е напишано, а истовремено наоѓаме дека ова на таинствен начин се случува во секоја душа. Зашто срцето се обвиткува со покривката на темнината (под темнина го подразбирам огнот на световниот дух), и таа покривка не му дозволува ниту на умот да застане пред Бога, ниту на душата, по нејзина сопствена волја, да се моли, да верува или да Го љуби Господа. Но и покрај сето тоа, срцето повторно е учител за оние коишто искрено Му се предале на Господа и тоа како кога непрестајно престојуваат во молитвата, така и кога засилено ќе навалат на непријателот што се бори против нив.

ГЛАВА 6

Кнезот на овој век е жезло на вразумувањето и бич кој ги ранува младите по дух. И, како што беше кажано и претходно, преку овие маки и искушенија, тој ним им подготвува голема слава и поголема чест, затоа што, како последица на тие нешта, луѓето стануваат посовршени, а тој за себе си подготвува поголема и потешка казна. Зашто, општо зборувајќи, преку него се гради некој мошне голем домострој (економија) и, како што е некаде кажано, лукавото недраговолно му содејствува на доброто, затоа што за душите кои се добри и имаат добра волја и она што е привидно мачно на крајот се претвора во добро, а такво значење има и кажаното од апостолот: „На оние што Го љубат Бога... сè им врви добро” (Рим. 8, 28).

ГЛАВА 7

Ова жезло на вразумувањето е оставено токму затоа, за преку него оние што го издржале испитувањето, слично на садови печени во разгорена печка, да излезат почисти, а оние што не го издржале да се покажат јасно како трошни, зашто не го поднеле печењето во огнот. Впрочем, ѓаволот, како слуга и твар на Владиката, не искушува колку што сака и не наведува маки во колкава што сака мера, туку колку што му дозволува Владиката. Бог точно знае каква е состојбата на сите, колку сили има секој човек, па според тоа, според силата, го допушта искушувањето, како што размислува за ова и апостолот, зашто вели: „верен е Бог, Кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да трпите” (1. Кор. 10, 13).

ГЛАВА 8

Оној што бара и тропа на вратата и истрајува до крајот во прозбата, според Господовото слово, ќе го добие она што го бара. Доволно е само да има смелост непрестајно и упорно да го бара ова и со мислата и устата, и да не ослабнува неговото телесно служење, да не се сврзува себе си со световните работи и да не се насладува од штетните страсти. Зашто не лаже Оној што рекол: „Сè, што и да побарате во молитва со вера, ќе добиете” (Мат. 21, 22). А оние што тврдат дека ако некој изврши сè што е заповедено, ама не ја добие очекуваната благодат, тоа значи дека во овој век тој нема да има никаква полза, слабо ја знаат работата, и тоа што го зборуваат не е согласно со божествените Писма, затоа што во Бога нема неправда и ако сме го исполниле тоа што треба, тогаш и Тој ќе го исполни тоа што е од Него. Ти само грижи се, во времето кога твојата душа ќе се одврзува од ова бедно тело, да се покаже дека се подвизуваш, напредуваш, го очекуваш ветувањето, дека си цврст, верен и бараш на разумен начин. И ти велам, биди уверен дека со радост ќе си заминеш, ќе имаш смелост и ќе се покаже дека си достоен за царството. И таквиот (ова го велам во слабоста своја со вера и срдечност) веќе се наоѓа во заедница со Бога. Како што „секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое” (Мат. 5, 28) и, макар што не го осквернил телото, подеднакво е обвинет за прељуба, така секој што со своето срце се одвратил од лукавиот и со својата желба се прилепил за Господа, т. е. преку својата истрајност и богољубивото расположение, тој е веќе во заедница со Бога и од тој миг од Бога добива голем дар ‡ неотстапно престојување во молитвата со добра желба и добродетелен живот. Ако и подавањето чаша студена вода не останува ненаградено, уште повеќе Бог им го подарува ветеното на оние што Му се предале и што просат дење и ноќе.

ГЛАВА 9

На оние кои збунето прашуваат: А што? Зар нема да има ниту еден ден во кој нема да чувствувам омраза кон братот или нема да забележам во себе нешто лукаво, на што понекогаш му се предавам дури и неволно? ‡ треба да им се каже следново: Сиот подвиг, сета ревност кај човекот е во тоа да им се противи на лукавиот и лукавите помисли. Но невозможно е темнината на страстите и смртта, скриена во плотското мудрување, да не роди, тајно или јавно, некаков свој плод, т. е. некаков порок. Исто како што раната на телото, сè додека не се излечи потполно, не е можно барем малку да не ја покрие гној, дури и при најголема грижа за раната, кога не е заборавено ништо што е потребно таа да се излечи, а раната којашто не е никако третирана понекогаш доведува до трулење и пропаѓање на целото тело, така претстави си ги и душевните страсти. И при најголема грижа, нивниот внатрешен оган продолжува да тлее. Меѓутоа, ако долготрајно се трудиме околу нив, по благодатта и во содејство со Христа, тие сосема се исцелуваат. Зашто постои некоја скриена нечистота и некоја преполна темнина на страстите, којашто преку Адамовиот престап проникнала во сета човечка природа, и покрај чистата природа на човекот, и ги замрачува и осквернува истовремено и телото и душата. Но како што железото се очистува со негово вжештување и ковење, или златото, помешано со бакар и железо, само преку оган се одвојува, исто така и душата, вжештена преку пречистите страдања на Спасителот и скрушувана преку благиот Дух, се очистува од секоја страст и од секој грев.

ГЛАВА 10

Како што повеќе светилки, наполнети со истото масло и запалени со истиот оган, често не даваат еднаков сјај на огнот, така и даровите, според разликата во добрите дела, имаат и различна светлина од благиот Дух. Или како што во еден град со многу жители, сите што живеат во него јадат ист леб и пијат иста вода, но едни се возрасни мажи, други бебиња, трети деца или старци, и меѓу нив има голема несличност и разлика; или како што пченицата посеана на едно поле раѓа различни класови, кои потоа се собираат на едно исто гумно и се ставаат во еден ист амбар: така треба да сфатиш дека и при воскресението на мртвите воскреснатите ќе бидат прославени и ќе се одликуваат со различна слава, според големината на заслугите, според нивното заедничење со Божјиот Дух, Кој престојува во нив уште овде. А тоа и значи она: „Ѕвезда од ѕвезда по болскотот се разликува” (1. Кор. 15, 41).

ГЛАВА 11

Предмет на грижа на човекот нека биде само ова: откако ќе се прероди преку Духот Свет, да се отрезни (освести) од гревот што живее во него. Зашто и она преродување преку Духот Свет во одредена мера го има образот на совршенството во видот и во членовите, но не во силите, умот или храброста. Зашто оној што станал зрел човек и ја достигнал мерата на возраста, обично го остава она што í е својствено на младоста. И токму тоа го означува кажаното од апостолот: „Ако се пророштва, ќе престанат; ако се јазици ‡ ќе замолкнат” (1. Кор. 13, 8). Како што на оној што станал зрел човек не му се згодни ниту јадењата, ниту зборовите соодветни за детето, туку на истиве веќе гледа со незадоволство, затоа што влегол во еден друг облик на животот, така оној што израснува до совршенството на евангелските добродетели и својата младешка возраст ја издигнува до совршенството: кога станал маж, вели божествениот апостол, го оставил детинското (1. Кор. 13, 11).

ГЛАВА 12

Како што рековме, роденото по Дух во извесна смисла е совршено, како што и бебето го нарекуваме совршено ако ги има сите органи и членови. Притоа, Бог не го дава Духот и не ја дава благодатта за човекот да паѓа во гревови, туку луѓето самите стануваат виновници за своите лоши дела, не раководејќи се од благодатта, па затоа и фаќајќи се на мамките на злото. А човекот може да се лизне и на своите сопствени природни помисли ако е неработлив или небрежен, или ако се раководи од високото мислење за себе. Зашто, чуј што вели Павле: „За да не се превознесувам... во телото ми се даде трн, ангел сатанин” (2. Кор. 12, 7). Гледаш дека и оние што стигнале до такви степени, потребно е да бидат внимателни. Освен тоа, кога човекот самиот не би му дал повод на сатаната, тогаш сатаната не би загосподарил насилно над него. Според тоа, ова самото (т. е. духовното раѓање, коешто не е во човекот проследено со духовен живот, односно со добри дел ‡ заб. на прев.) не не прибројува ниту кон Христовиот дел, ниту кон делот на противникот, туку на Христовиот дел ќе му припадне оној што до крајот останал верен на благодатта, а оној што не е таков, макар и да се родил преку Духот, т. е. макар и да станал заедничар на Духот Свет, под негова власт ќе биде дали ќе ја следи волјата на сатаната. А кога Господ и сатаната би ги земале луѓето под своја власт насилно; тогаш човекот самиот не би бил виновен за тоа што паѓа во геената или го задобива царството.

ГЛАВА 13

Љубителот на добродетелта треба да се погрижи да се здобие со голема моќ за расудување, за да не се мами при разликувањето на доброто и злото и да не влегува во испитување на разновидните стапици на лукавиот, кој свикнал многумина да ги мами со помош на пријатни претстави, во крајна линија, да сфати дека она што не е штетно за ништо ‡ е полезно. Според тоа, не í се подавај лесномислено и брзо на сопствената измама по сугестија на духовните сили, па макар тоа биле и самите небесни ангели, туку реагирај пополека, сè испитувајќи внимателно и усвојувајќи го она што е убаво, а отфрлајќи го лукавото. Зашто дејствата на благодатта се очигледни и гревот не може да ги произведе, па макар на себе да земе и маска на добро. Ако, според зборовите на апостолот, сатаната умее да се претвора во „ангел на светлината” (2. Кор. 11, 14), за да прелаже некого, макар и да прикажува светли виденија, не може, како што е речено, да произведе добро дејство. И токму тоа е неговиот белег. Тој не може да произведе ниту љубов кон Бога или ближниот, ниту кротост, ниту смирение, ниту радост, ниту спокојство, ниту добар ред на помислите, ниту омраза кон светот, ниту духовен мир, ниту желба за небесните плодови, ниту може да ги смири страстите и сластољубието ‡ сево ова јасно се препознава како производ на благодатта. Зашто речено е: „Плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот и останатите нешта” (Гал. 5, 22). А, пред сè, сатаната е способен и моќен да ја сугерира надуеноста и вообразеноста. Значи, според дејствувањето распознавај ја духовната светлина што ќе заблеска во твојата душа, дали е таа од Бога или од сатаната. Впрочем, на самата душа, ако има моќ на здраво расудување, преку духовното чувство брзо í станува јасна оваа разлика. Како што оцетот и виното се наизглед исти, но јазикот, преку сетилото за вкус, ги разликува својствата на едното и на другото, така и душата, преку духовното сетило и преку ефектот, може да направи разлика помеѓу дарот на Духот и туѓата мечта.

ГЛАВА 14

Пред сè, душата треба да има предвид и да набљудува да не биде уловена, па макар и на кратко време, од силата на противникот. Како што животното, кога и само еден од неговите членови ќе се фати во мрежа, целото ја губи слободата и паѓа во рацете на ловците; истото обично í се случува и на душата во однос на непријателите. И ова јасно го прикажува пророкот, кога вели: „Подготвија стапица за нозете мои; и се обидоа да ја измамат душата моја” (Псал. 56, 6).

ГЛАВА 15

Оној што има намера, одејќи по тесниот пат, да влезе во домот на силниот и да му ги грабне садовите, не треба да се задоволува само со телесното здравје, туку треба да се зацврсти и со благиот Дух, имајќи го во сеќавањето оној што рекол: „Телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо” (1. Кор. 15, 50). А како треба да се зацврстуваме преку Духот? Треба да го послушаме апостолот, кој вели дека премудроста Божја луѓето ја сметаат за „безумство” (1. Кор. 1, 23). И пророкот вели: „Го видов Синот човечки и „Он беше презрен и понизен меѓу луѓето” (Иса. 53, 3). Според тоа, оној што сака да стане син Божји, пред сè, потребно е, слично на Господа, да се смири, да трпи кога го сметаат за безумен и го презираат, да не го одвраќа лицето свое од ударите, да не ја брка славата ниту убавината на овој век, ниту нешто слично, да нема каде главата да ја потслони, да поднесува навреди и понижувања, да биде од сите презрен и погазен, да ги пресретнува отворените и потајните напади и да се бори против нив со умот. И тогаш самиот Божји Син, Кој рекол: „Ќе се вселам” во вас „и ќе одам меѓу” вас (2. Кор. 6, 16), ќе му се открие на неговото срце, и тој ќе добие сила и моќ да го врзе силниот и да му ги грабне садовите, да згазне на аспида и василиск, на змија и скорпија.

ГЛАВА 16

Не е мал подвигот да се победи смртта. Зашто речено е: „Царството Божјо е во вас внатре” (Лука 17, 21). А на некој начин се покажува дека е внатре во нас и оној кој војува со нас и нè заробува. Затоа, никако да не ослабнува душата сè додека не го убие оној што ја заробува. И тогаш ќе биде отстранета секоја болка, мака и воздишка, затоа што „води ќе бликнат во пустињата” и пустињата ќе се натопи од многу вода (Иса. 35, 6).

ГЛАВА 17

Душата лесно бива уловена од очајанието, а очигледно е дека може да биде обземена и од неверие. Затоа таа ден за ден одложува да го прими спасителното слово, а неретко се мами себе си и со мечти (фантазии) и, зафатена со мислењето за себе, не ја забележува внатрешната борба. А високото мислење за себе значи слепило на душата, коешто никако не í дозволува да ја сфати својата слабост.

ГЛАВА 18

Како што новороденчето на некој начин го содржи во себе ликот на зрелиот човек, така и душата на некој начин е лик (образ) на Бога, Којшто ја создал. И како што децата, растејќи, постепено го запознаваат својот татко, а кога ќе пораснат, тогаш меѓу таткото и синот настанува хармонија и за синот се отвора богатството на таткото, така и душата пред непослушноста требало да напредува и да израсне во „совршен маж” (зрел човек). Преку непослушноста, пак, душата потонала во морето на заборавот и во длабочината на заблудата и се настанила пред вратите на адот и, како оддалечена на големо растојание од Бога, не можела да Му се приближи и совршено да Го познае Создателот. Но Бог, во почетокот преку пророците, се обидувал да ја сврти кон Себе душата, ја повикувал и привлекувал за да Го запознае. А најпосле дошол и Сам, го одзел заборавот, ја одзел и заблудата, а потоа ја скршил и вратата на адот, влегол кај заблудената душа и како образец í се предложил Себе си, за таа да може преку овој образец да стигне до мерата на возраста, до совршенството на Духот. Па така, Божјото Слово, во согласност со домостројот, бива искушувано од страна на лукавиот, потоа Го срамотат, понижуваат, навредуваат и тепаат дрски луѓе, а најпосле претрпува и крсна смрт, покажувајќи со ова, како што рековме, какво расположение треба да имаме кон оние што нè срамотат, понижуваат, па дури и ни се закануваат со смрт, дека пред глувите човек и сам треба да биде безгласен и да не отвара уста, дека гледајќи го дејството и истенченоста на лукавството, како пронижан со клинци на крстот, „со силен вик”, треба да повикува кон „Оној, Кој” може „да го спаси од смртта” (Евр. 5, 7), и да вели: „Од оние тајни” мои „очисти ме” (Псал. 18, 12), и: „да не овладеат со мене. Тогаш јас ќе бидам непорочен” (13). И тогаш, станувајќи непорочен, Го пронаоѓа „Оној, Кој што Му потчини сè” (1. Кор. 15, 27), се зацарува и отпочинува заедно со Христа. Зашто душата, како последица на непослушноста, поклопена од материјалните и нечисти помисли, станала како неразумна. Затоа, потребен е не мал труд таа да биде извадена од таквиот материјал, да ја сфати истенченоста на лукавството и да се ослободи од него, за да влезе во единство со беспочетниот Ум.

ГЛАВА 19

Ако сакаш, човеку, да влезеш во самиот себе и да си ја повратиш славата што си ја имал претходно, која е загубена преку непослушноста, тогаш како што некогаш си престанал да се грижиш за Божјите заповеди, си ги послушал заповедите и советот на непријателот, така сега, отстапувајќи од тој на кого си му се покорил, обрати се кон Господа. Впрочем, треба да знаеш дека со голем труд и „со пот”, како што е речено, „од лицето свое” (1. Мој. 3, 19) ќе го стекнуваш своето богатство, зашто за тебе не е корисно богатствата да ги стекнуваш без труд. Зашто отпрвин без труд стекнатото си го загубил и своето наследство си му го предал на непријателот. Затоа, нека познае секој од нас што и кога загубил. И да заплачеме заедно со пророкот: Навистина „наследството наше мина на туѓинци, куќите наши ‡ на луѓе од други племиња” (Плач 5, 2), затоа што ја погазивме заповедта, им направивме отстапки на своите желби, почнавме да се насладуваме со нечисти и земни помисли, затоа нашата душа се оддалечила на големо растојание од Бога и ние станавме како сираци без татко. Според тоа, оној кому му е грижа за душата, колку што има сили, треба да се труди да ги победува во себе лукавите помисли „и секое превознесување, што се крева против познавањето на Бога” (2. Кор. 10, 5). И кога ќе вложуваме такви усилби, кога ќе го сочуваме неосквернет храмот Божји, тогаш ќе дојде Оној што ветил дека ќе се всели и ќе дојде во нас. Тогаш душата ќе го прими своето наследство и ќе се удостои да биде храм Божји. Зашто Тој самиот со Својата војска ќе го истера лукавиот и ќе се зацари во нас.

ГЛАВА 20

Она што Творецот му го кажал на Каин во буквална смисла на зборот: „Ќе бидеш изгнаник и скитник” и во немир „по земјата” (1. Мој. 4, 12), во своето таинствено значење било некаков предзнак и слика на сите грешници. Зашто и родот Адамов, откако отстапил од заповедта и станал виновен за гревови, на истиот начин паѓа во колебање од непостојаните помисли, исполнет е со страв, стравување и збрканост, додека непријателот на секоја душа, непреродена од Бога, навалува со желби и најразлични задоволства и ја растресува како пченицата во решетото. Па и самиот Господ, разобличувајќи ги оние што ги следат желбите на лукавиот и покажувајќи дека тие во себе го запазуваат образот на Каиновото лукавство, рекол: „Вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко”, човекоубиецот, „тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината” (Јован 8, 44).

ГЛАВА 21

Помислете си колку луѓето сакаат и ги привлекува да го видат лицето на земниот цар. И секој што доаѓа во градот, каде што престојува царот, сака да ги види барем неговите скапоцени и велелепни одежди. И само оние што живеат духовно не се грижат и не го ценат многу ова, затоа што се ранети од една друга убавина и посакуваат една поинаква слава. А ако плотските луѓе толку многу сакаат да го видат лицето на смртниот цар, зар оние на кои капнала некоја капка од благодатниот Дух и чие срце било рането од божествената љубов нема многу повеќе да посакуваат да го гледаат лицето на бесмртниот Цар? Затоа тие се одврзуваат од секоја наклонетост кон светот, за да можат непрестајно да ја имаат во срцата онаа божествена љубов и на никаква друга љубов да не í даваат предимство пред неа. Впрочем, има сосема малку такви, кои на добриот почеток му придодале ист таков крај и до крајот останале сигурни. Многумина влегуваат во скрушеност, многумина стануваат заедничари на небесната благодат и ранети од божествената љубов, но потоа не ги издржуваат напорите и искушенијата што ги среќаваат, а кои им ги приредува лукавиот, поставувајќи најразлични разновидни стапици, па остануваат во светот, потонуваат во неговата длабочина поради размазеноста и слабоста на духот или приврзаноста кон земните работи. А оние кои имаат цврста намера движењето да го завршат до крај и сигурно, не можат да поднесат некоја друга приврзаност и некоја друга љубов да се помешаат со онаа небесна љубов.

ГЛАВА 22

Колку што се големи и неискажливи богатствата ветени од Бога, толку се многубројни напорите и подвизите што треба да се извршуваат со надеж и вера. Ова е јасно од следново: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене” (Мат. 16, 24). И уште: „Ако некој... не го намрази татка си и мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик” (Лука 14, 26). Поголемиот, пак, дел од луѓето се толку неразумни, што сакаат да го задобијат царството, да го наследат вечниот живот, вечно да царуваат со Христа (што е многу високо нешто и над секое сфаќање), а живеат според своите сопствени желби и ги следат истите, или, поточно кажано, го следат оној што во нив посева такви суетни и очигледно штетни мисли.

ГЛАВА 23

Непречено докрај го завршуваат движењето оние што потполно ги замразиле сите световни желби, самите себе, секоја расејаност и задоволство во светот и занимавањето со световни работи. Зашто, да се одречеш од себе значи токму тоа. Според тоа, секој човек по својата сопствена волја самиот се исфрла од царството, преку тоа што не ги зема на себе вистински напорите и не се одрекува вистински од себе, туку покрај со онаа божествена љубов, сака да се насладува и со нешто во овој век, и не Му го посветува на Бога целиот стремеж на својата волја. Ова што го разгледуваме ќе го објасниме со еден пример. Секој доволно добро може да направи разлика и од него не е скриено дека делото што сака да го направи не може да се спореди со ништо. Зашто отпрвин внатре во него, во срцето, се изразува сомнеж. Теговите и стрелката во неговата совест отпрвин покажуваат дека внатре јасно превагнува де љубовта кон Бога, де љубовта кон светот. Потоа истото се гледа и во размислувањето околу надворешните нешта, затоа што, како што е кажано, секој може доволно добро да направи разлика. На пример, ако се случи да се скараме со некој брат, тогаш се препираме самите со себе и отпрвин си забележуваме сами за себе: Дали да кажам? Не, не кажувам. Да одговорам ли на тој прекор? Не, подобро да премолчам. Се држиме и до Божјите заповеди, но не ја отфрламе од себе ни својата сопствена слава. Никој не се решава потполно да се одрече самиот од себе. Ако наклонетоста на љубовта кон светот макар и малку превагне на тасовите на срцето ‡ во истиот час лукавиот збор излегува и на устата. А потоа умот, како да го затегнува внатре лакот, го застрелува ближниот со јазикот и злото доаѓа до рацете, а понекогаш до рани, па дури и до убиство. Од ова може да се види од што почнало и до какви ужаси може да доведе тоа краткотрајно движење на душата. А сфати дека тоа се случува и при секој грев и обид. Порокот ја мами и привлекува душевната волја преку световните желби и плотските задоволства. Така се подготвува прељубата, така грабежот, така љубовта кон стекнување, така суетата, така и секое, какво и да е, лошо дело.

ГЛАВА 24

И најдобрите потфати неретко се прават од суета. А ова Бог го осудува подеднакво како и кражбата, очајувањето и другите големи гревови. Зашто речено е: „Господ ќе им ги растури коските на оние, што си угодуваат еден на друг” (Псал. 52, 6). Така, непријателот сака луѓето да му служат и угодуваат дури и преку добрите дела, зашто тој е измамник, разнообразен и препреден во неговите сплетки.

ГЛАВА 25

Она што човекот го засакал во овој свет, тоа и ја товари неговата мисла, како да ја влече и притиска надолу и не í дава полет. Кај таквите и рамнотежата, и наклонувањето, и превагнувањето на срдечната волја како да зависи од ова. И тоа станува испит за сиот човечки род, без разлика дали христијаните живеат по градовите, во планините, во манастирите, во полињата или на пусти места, затоа што оној што доброволно се фаќа за она што го љуби, очигледно е дека сè уште својата љубов не Му ја посветил целосно на Бога. На пример, се случило некој да го засака имотот, друг златото, некој љуби да му служи на стомакот или да им угодува на плотските желби, а некој ја засакал многуучената мудрост заради брзозгинувачка слава, некој власта, некој почестите од луѓето, некој гневот и зловолноста. Секој изгледа дека ја докажува својата преданост кон пријателите. Некој љуби да разговара за непотребни работи, некој просто љуби да се расејува, или да слуша празни зборови, или да биде учител и тоа заради човечка слава. Некој се предава на размазеноста и неработењето, некој се насладува од убавината на облеките; овој од сонот, а оној од острото зборување. Некој е приврзан кон нешто малечко или големо во светот и е под власта на истото, и тоа не му дозволува да си ги собере силите. Зашто ако човекот не се бори храбро со некоја страст, не í се противи на сите начини, се насладува од неа, таа го привлекува и го држи како со некакви узди, и тој, наведнат, не може да ја издигне својата мисла кон Бога и Нему да Му служи. Но душата, којашто вистински го насочила својот стремеж кон Господа, сета своја желба ја обраќа кон Него, се откажува од себе и не ги следи желбите на својот сопствен ум.

ГЛАВА 26

Преку еден пример можеме да научиме како човекот погинува по своја сопствена волја. Зашто од љубов кон нешто во светот тој се фрла во оган, се нурнува в море, оди в затвор. Замисли си дека случајно нечиј дом или село се запалиле. И сега, оној што сакал да се спаси, штом го почувствувал пожарот, побегнал необлечен, не му било грижа за ништо друго, освен за својата душа. А друг некој, бидејќи му дошла мисла од огнот да спаси некоја од домашните работи, останал да го земе тоа, но во меѓувреме огнот ја зафатил целата куќа, а го зафатил и него и го изгорел. Гледаш ли дека тој загинал од огнот по своја сопствена волја, поради неговата приврзаност кон привремените нешта, што очигледно ги засакал повеќе од себе. Замислете си сега луѓе на кои им се случил бродолом. Оној што сака да се спаси, се соблекува и гол се фрла во водата. И така, за него постои можност да ја спаси душата. А оној што посакал заедно со себе да спаси и нешто од облеката, потонал во водата, и заради една малечка корист (каква беда!) се погубил самиот. Замисли си уште дека се пронел глас за непријателски напад. И некој човек, штом чул за тоа, во истиот час избегал, колку што го држеле нозете, и не му било грижа за ништо друго. А некој друг човек не поверувал на тоа што го чул, посакал со себе да понесе нешто од своите работи, па така се забавил и бил заробен од непријателите. Гледаш ли дека човекот, по своја сопствена волја, од негрижа и од приврзаност кон нешто световно, погинува телесно и душевно.

ГЛАВА 27

Малкумина, кои целосно ја стекнале совршената љубов кон Бога, сите световни задоволства и желби ги сметаат за ништо и бодро ги поднесуваат искушенијата на лукавиот. Впрочем, не треба човек затоа да очајува и лекомислено да се откажува од добрата надеж. Иако на многу бродови им се случува бродолом, без сомнение има и такви што го препловуваат морето и влегуваат во пристаништето. Според тоа, потребна ни е голема вера, трпение, внимателност и подвизи, а освен тоа неопходно е човек да биде гладен и жеден за доброто, со голема благоразумност и расудување, а исто така потребни се и пламеноста и истрајноста во прозбата. Зашто многу луѓе, како што рековме претходно, сакаат да го стекнат царството без напори и без пот. Тие ги ублажуваат светите луѓе, ја сакаат нивната слава и нивните дарови, а не сакаат да имаат учество во еднакви маки, напори и страдања како светите. Но ова го посакуваат сите, и блудниците, и митарите, секој човек. А искушенијата и испитувањата претстојат затоа, за јасно да се покажат оние што вистински Го возљубиле Владиката. И тие со право ќе го стекнат небесното царство.

ГЛАВА 28

Разбери дека ветувањата, самата слава и небесните богатства се скриени во маките, страдањата, трпението и верата. И пченичното зрно, фрлено в земја, или дрвото, мислам на насаденото како семе, неопходно е првин да изгние и да пропадне, и дури потоа го добива многукратниот плод на својата убава облека. А кога тие не би поминале низ гниењето и низ она, така да го наречеме, срамотење, не би се облекле во онаа убавина и не би го добиле оној убав изглед. Истата мисла ја наоѓаме и кај апостолот. Зашто вели: „Во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки” (Дела 14, 22). И Господ вели: „Со трпение спасувајте си ги душите” (Лука 21, 19); и: „Во светот ќе имате маки” (Јован 16, 33).

ГЛАВА 29

Во колкава мера секој од вас, за верата и ревноста, се удостоил да стане заедничар на Светиот Дух, во толкава мера во оној ден ќе биде прославено и неговото тело. Зашто какво богатство собрал сега внатрешно, во својата душа, истото тоа богатство ќе се открие и нанадвор ‡ во неговото тело. Пример за ова гледаме кај дрвјата. Кога ќе помине зимата и кога сонцето ќе почне да блеска посветло и со поголема сила и ќе почнат да дуваат ветрови, тогаш дрвјата испуштаат надвор од себе израстоци и како со облека се облекуваат со листовите, цветовите и плодовите. На сличен начин и цветовите во тревата во тоа време никнуваат од земјата и ја покриваат, па таа како да се наметнува со некоја убава покривка. Така и телата ќе бидат прославени со истата неискажлива светлина, со истата сила на Духот, што се наоѓаат во нив и сега. Тоа за нив тогаш ќе биде облека, храна, пиење, веселба, радост, мир, и за сите - вечен живот.

 

Превод: отец Игор Калпаковски

Св. Макариј Велики : СЛОВО 3 - За молитвата

Св. Макариј Велики : СЛОВО 1, За чувањето на срцето

Св. Макариј Велики : СЛОВО 2 - За духовното совршенство 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная