БЕСЕДА 42
Кон совршенството човекот го води или му штети она што е внатрешно, а не она што е надворешно, т. е. или духот на благодатта или духот на лукавството.
1. Ако на некој голем град му ги разурнат ѕидините, го освојат непријателите и го опустошат, тогаш ништо не му вреди тоа што е голем. Зашто покрај големината, тој треба да има и цврсти ѕидини, па непријателите да не можат да влезат во него. Така, душите кои се украсени со знаење, разбирање и многу остар ум, слични се на големи градови. Но, се поставува прашање: Дали се тие утврдени со силата на Духот, па непријателите да не можат да влезат внатре и да ги опустошат? Зашто мудреците на овој свет, Аристотел, Платон или Сократ, поради своето солидно знаење биле слични на големи градови, но ги опустошиле непријателите, зашто тие Го немале Божјиот Дух.
2. А луѓето неучени, кои станале заедничари на благодатта, личат на мали градови утврдени со силата на крстот. Тие, пак, се лишуваат од благодатта и гинат од две причини: или затоа што не ги поднесуваат трпеливо маките што ги стигнале, или затоа што се насладуваат и им се предаваат на гревовните задоволства. Својот пат, пак, тие не можат да го завршат без искушение. Но, како што при раѓањето деца и сиромашната жена и царицата ги чувствуваат истите маки, а слично на ова, земјата и на богатиот и на сиромашниот, ако не е обработена, не може да даде добар плод, така и во душевното делување мудриот и богатиот не може поинаку да се зацари преку благодатта, освен преку трпение, маки и многу труд, затоа што таков треба да биде животот на христијаните. Како што слаткиот мед во себе нема ништо горчливо или отровно, така и христијаните, и покрај сè што ќе им се случи, добро или лошо, остануваат благи, како што вели Господ: „Бидете” благи, „како што е... вашиот Отец” (Лука 6, 36). А она што е штетно и што го осквернува човекот е внатре во него: „од срцето излегуваат лоши помисли” (Мат. 15, 19), како што вели Господ. Зашто она што го осквернува човекот е внатре во него.
3. Значи, внатре во душата ползи и се движи духот на лукавството, тој разумен двигател, т. е. покривката на темнината, стариот човек, когошто треба да го слечат сите што прибегнуваат кон Бога, за да се облечат во небесниот и нов човек, т. е. Христа. Така и на човекот ништо надворешно не може да му наштети, а му наштетува само духот на темнината, што живее, дејствува и престојува во срцето, па затоа секој треба да поведе борба во помислите, со цел во неговото срце да заблеска Христос. Нему слава во вековите! Амин.
Превод: о. Игор Калпаковски
Друго: