Кога стравот почнува да управува со нашиот живот
Постои нешто што стравот може да му го направи на човекот, а тој често и да не биде свесен за тоа.
Најнапред го плаши поради нешто што се случува. Потоа почнува да го плаши и она што допрва би можело да се случи. А на крајот почнува да се плаши и од самиот страв.
Се плаши дека ќе ја изгуби контролата, дека нема да издржи, дека нешто лошо ќе се случи токму затоа што не може да престане да размислува за тоа.
И така, човекот веќе не живее само со еден проблем. Почнува да живее во постојано исчекување на следната опасност.
Можеби се плашиш за своето здравје, за семејството, за иднината, за работата, за односите со другите, за самиот живот. Можеби однадвор изгледаш сосема добро, а внатре водиш разговори со сите можни лоши исходи.
А потоа слушаш: „Не плаши се. Само верувај!“
Но, што ако и понатаму се плашиш? Дали тоа значи дека немаш доволно вера? Дали стравот ја поништува твојата вера? Дали Бог очекува од тебе никогаш да не почувствуваш вознемиреност?
Не. И токму тоа е важно да го разбереме.
Бог не нè повикува да се преправаме дека опасноста не постои, да ги потиснуваме чувствата или да се осудуваме себеси затоа што срцето ни затреперило.
Преку Светото Писмо можеме да видиме дека стравот не е секогаш знак на слабост, дека храброста не значи отсуство на страв и дека најважното прашање е кому ќе му дозволиме да управува со нашиот живот.
Да разгледаме четири настани што ни откриваат нешто исклучително важно.
1. Две жени му се спротивставиле на најмоќниот човек во своето време, затоа што повеќе се плашеле од Бога отколку од фараонот
Во првата глава од Втората книга Мојсеева ја среќаваме приказната за двете еврејски бабици, Сефора и Фува, кои добиле страшна наредба од фараонот: да го убиваат секое машко новороденче од еврејскиот народ.
Замисли ја ситуацијата.

Пред нив не стоел некој на кого едноставно можеле да му кажат „не“. Тоа бил владетел кој имал моќ да им го одземе животот. Можеле да послушаат, да се покорат и да се спасат себеси. Можеле да најдат оправдување во тоа дека немаат избор.
Но, Светото Писмо вели дека тие се плашеле од Бога и не постапиле онака како што им наредил фараонот.
Забележи дека тие не биле жени кои не ја разбирале опасноста. Напротив, многу добро знаеле каква цена може да има нивната одлука. Сепак, стравот од човекот не добил право да одлучува наместо нивната совест.
Ова е една од најважните разлики што треба да ги разбереме: не секој страв што го чувствуваме заслужува да му се покориме.
Можеме да се плашиме дека ќе разочараме некого, дека ќе ја изгубиме нечија наклонетост, дека ќе останеме без нешто што ни е важно или дека ќе се соочиме со последиците од сопствената одлука.
Но, тоа не значи дека треба да му го предадеме својот живот на тој страв.
Понекогаш најголемата победа над стравот е токму тоа што, и покрај неговиот притисок, сепак не го изневеруваме она за кое знаеме дека е исправно.
2. Кога Агара помислила дека ќе го изгуби својот син, Бог не ѝ рекол дека нема причина за страв. Ѝ го покажал она што во тој момент не можела да го види
Во дваесет и првата глава од Првата книга Мојсеева читаме за Агара, која останала во пустината со својот син Исмаил. Кога им снемало вода, таа го оставила детето под една грмушка, се оддалечила и почнала да плаче.
Не можела да гледа како ѝ умира детето.
Тоа не бил измислен страв. Не била некаква непотребна грижа што требало само да ја исфрли од главата. Таа била мајка во вистинска неволја, соочена со можноста да го изгуби своето дете.
И токму тогаш Бог го слуша гласот на детето.
Неговиот ангел ја повикува Агара, ѝ вели да не се плаши и ѝ покажува извор на вода.
Светото Писмо вели дека Бог ѝ ги отворил очите и таа здогледала бунар.
Бунарот бил таму, но таа во својата неволја не го гледала.
Од ова не треба да заклучиме дека секое наше решение веќе е некаде скриено и дека сигурно ќе го пронајдеме ако доволно веруваме. Но, овој настан ни открива дека кога сме преплавени од неволја, нашиот поглед може толку да се стесни што повеќе не го забележуваме ни она што ни е достапно.
Затоа понекогаш не е потребно веднаш да знаеме како ќе заврши целата наша приказна. Потребно е да добиеме сила да го видиме следниот чекор.
Да ја забележиме помошта, човекот, можноста, одлуката или излезот што дотогаш ни останувале незабележани.
И запомни: Агара не морала најнапред да престане да плаче за Бог да ја чуе.
3. Естира излегла пред царот знаејќи дека може да го загуби животот. Не чекала стравот целосно да исчезне за да го направи она што било потребно
Во Книгата за Естира читаме за жена која станала царица, но се нашла пред одлука што можела да ја чини живот.
Нејзиниот народ бил осуден на истребување. Естира можела да молчи и да се обиде да ја зачува сопствената сигурност.
Но, нејзиниот роднина Мардохеј ја потсетил дека можеби токму за ваков момент и се нашла на местото на кое била.
Проблемот бил во тоа што никој не смеел да излезе пред царот без да биде повикан.
Дури ни царицата.
Таквиот чин можел да заврши со смрт.
Естира го знаела ризикот. Го повикала народот на пост, а потоа одлучила да излезе пред царот, изговарајќи ги зборовите: „Ако загинам, нека загинам!“
Ова не е приказна за жена која од ништо не се плашела. Ова е приказна за жена која не дозволила стравот засекогаш да ја задржи во молчење.
Колку пати и ние одложуваме разговор, одлука, промена, поставување граница или чекор за кој знаеме дека треба да го направиме, затоа што чекаме најнапред да се почувствуваме целосно сигурни?
Но, сигурноста нема да дојде пред тој чекор.
Нема најнапред да престанеш да се плашиш, па дури потоа да разговараш. Можеби ќе разговараш и покрај тоа што се плашиш. Можеби нема најнапред да стекнеш целосна самодоверба, па дури потоа да започнеш нешто ново.
Ќе започнеш додека сè уште се сомневаш во себе.
Храброст не е кога стравот не постои. Храброст е кога стравот повеќе не е единствениот што одлучува што ќе направиш.
4. Тројцата млади не му се поклониле на златниот кип, дури и кога им се заканувале со смрт. Нивните зборови ни ја откриваат можеби најдлабоката слобода од стравот
Седрах, Мисах и Авденаго одбиле да му се поклонат на златниот кип на царот Навуходоносор. Поради тоа биле осудени да бидат фрлени во вжарена печка.
Царот им дал уште една можност да се предомислат. Ги прашал кој бог би можел да ги избави од неговите раце.
Нивниот одговор е исклучително силен.
Тие рекле дека нивниот Бог е способен да ги избави, но додале и нешто што не смееме да го превидиме — дури и ако не ги избави, тие сепак нема да му се поклонат на кипот.
Разбираш ли што всушност кажале?
Нивната верност кон Бога не зависела од гаранцијата дека ќе се случи исходот што го посакувале.
Тие не рекле: „Не се плашиме затоа што знаеме дека ништо нема да ни се случи.“
Туку рекле дека нема да се откажат од она што го сметаат за вистинито, дури и ако не го добијат исходот на кој се надеваат.
И токму тука се наоѓа една од најдлабоките победи над стравот.
Сè додека веруваме дека можеме да бидеме спокојни само ако сè заврши онака како што сме замислиле, стравот ќе има огромна моќ над нас. Зашто животот никогаш не може да ни гарантира дека ќе го контролираме секој исход.
Но, можеме да градиме однос со Бога во кој нашата верност, достоинство и смисла на животот нема да зависат од тоа дали секоја битка сме ја добиле онака како што сме посакувале.
Овие млади навистина биле избавени од печката. Но, нивната најголема порака не е дека секој што верува ќе биде поштеден од страдање.
Нивната порака е дека човекот не мора да го предаде она што е свето во него само затоа што се плаши од она што би можело да му се случи. Извор: @arhetipska_mapa_duse (превод и јазична адаптација од оригиналниот текст) Подготви Симеон Стефковски























