ПСАЛМ 36
Напредокот на безбожниците не треба да ги ожесточува праведниците
1 Не жести се поради злобниците и не завидувај им на оние што вршат беззаконие,
2 зашто тие ќе се исушат како трева, и како зелје набргу ќе свенат.
3 Верувај во Господ и прави добро, за да живееш на земјата и да уживаш во спокојство.
4 Сета радост нека ти биде во Господ, и Тој ќе ти даде, што ќе посака срцето твое.
5 Довери Му го патот свој на Господ и во Него верувај и Тој ќе делува;
6 и ќе ја изведе правдата твоја како светлина, и справедливоста твоја – како пладне.
7 Биди кроток пред Господ и на Него надевај се. Не жести се на оној, кој успева на патот свој, на човек кој врши беззаконие.
8 Воздржи се од лутина и остави ја јароста, не жести се - самиот да не правиш зло,
9 зашто оние што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господ, ќе ја наследат Земјата.
10 Уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш.
11 А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир.
12 Грешникот смислува зло против праведниот и чкрта со забите против него,
13 но Господ му се потсмева, зашто однапред гледа дека му се ближи крајот.
14 Грешниците ги вадат мечевите, го оптегнуваат лакот свој за да го кутнат бедниот и сиромавиот, за да ги прободат оние што се со чисто срце.
15 Но мечот нивни ќе се забие во нивното срце, и лаците нивни ќе се скршат.
16 Малото богатство кај праведниот е многу подобро отколку големото богатство на грешниците.
17 Зашто мишките на грешниците ќе спласнат, а на праведниците Господ им ги поткрепува.
18 Господ ги знае патиштата на непорочните; и нивното наследство ќе биде вечно:
19 во зло време нема да бидат посрамени и во деновите на глад ќе бидат сити;
20 зашто грешниците ќе загинат, и непријателите Господови ќе ги снема како полска убавина, ќе исчезнат како дим.
21 Грешникот зема на заем и не враќа, а праведниот е милостив и дава,
22 зашто оние, кои Господ Го благословуваат, ќе ја наследат земјата, а оние што тој ги проколнува, ќе бидат истребени.
23 Господ ги зацврстува стапките на човекот и мили Му се неговите патишта:
24 па и ако се сопне, нема да падне, зашто Господ го држи за рака.
25 Бев млад, и остарев, но не видов оставен праведен човек ниту децата негови леб да просат;
26 тој секој ден знае да се смилува и на заем да дава, и потомството негово ќе биде благословено.
27 Клони се од зло и прави добро, па ќе живееш вечно;
28 зашто Господ ја сака правдата и не ги остава верниците Свои; нив вечно ќе ги чува. А беззакониците ќе бидат исфрлени и потомството на безбожниците ќе биде истребено.
29 Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно.
30 Устата на праведниот кажува мудрост, а јазикот негов изговара правда.
31 Законот на неговиот Бог е во срцето негово; стапките негови нема да се сопнат.
32 Грешникот го демне праведниот и бара да го убие;
33 но Господ нема да го предаде во негови раце и нема да го осуди, кога ќе биде суден.
34 Надевај се на Господ и остани на Неговите патишта; Тој ќе те воздигне за да ја наследиш земјата; и ќе го гледаш истребувањето на грешниците.
35 Видов страшен безбожник, кој се превознесуваше и издигаше како кедар леванонски.
36 Поминав и, ете, го нема; го побарав, и не го најдов.
37 Види го непорочниот, гледај го праведниот: има напредок за мирниот;
38 а безбожниците сите ќе бидат истребени, нивното наследство ќе се затре.
39 Спасението, пак, на праведните доаѓа од Господ и Тој е нивни заштитник во тешко време;
40 им помага Господ и ги избавува; ги избавува од грешниците и ги спасува, зашто кај Него прибегнуваат.
„Ќе му пеам на Господа се додека постојам. “
Од преполнетото срце на Давида и другите псалмописци, се изли копнежот на секое срце човечко да заедничари со Бога да испроси од Бога прошка за согрешенијата, изливајќи го низ благопријатната песна своето покајание пред престолот Божји и од Сесилниот Господ да побара заштита од злото кое постојано го притиска.
Секоја Богобојажлива душа колку повеќе ги чита светите псалми се повеќе во неа се буди радоста која произлегува од посетата на Божјата благодат и се влева во неа мир и сигурност од закрилата на цврстата закрила Божја.
Господ наш Исус Христос ги посочува и како пророштва за она што стана со Него а заради нашето спасение /лк.24.44/.Светите Апостоли пак ги препорачуваат на верните за усовршување во верата/Еф.5.19/. Великите отци наши /св.Атанасиј Велики , св.Григориј Ниски , св. Јован Златоуст .../со голема радост говорат за нивната душеполезност во своите беседи и одговори на верниците за поуките од псалмите, препорачуваќи ги на верните што повеќе да ги читаат. Светата Црква поделуваќи ги во таканаречени катизми ги распоредила во богослужбениот неделен циклус со цел да се прочита целиот псалтир за една седмица, а за време на Великиот пост и два пати. За жал денес катизмите честпати се прескокнуваат на богослужбите од причини да се постигне во време и другите обврски да можат да се завршат, а ако се земе во обзир и тоа што во многу храмови не се служзи секојдневно/ да не бидам погрешно сватен ова најчесто се случува од практична па и финансиска невозможност/за да не се маргинизира псалтирот и верните да не се исклучат од големите дарови кои произлегуваат од неговото читање се препорачува на верните покрај молитвеното правило во своите молитви да го практикуваат и читањето на псалмите со голема богобојазливост за да нацрпат од овој благодатен извор многу дарови за своја душевна полза - за мир, утешение, здравје и спасение .Амин!
о. Горан Тасески
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здружение на Р.Македонија