ПСАЛМ 29
Благодарствена молитва за спасение од смртта
1 Ќе Те величам, Господи, зашто ме извлече и не допушти непријателите мои да се радуваат над мене.
2 Господи, Боже мој, повикав кон Тебе, и Ти ме исцели.
3 Господи, Ти ја изведе душата моја од светот на мртвите и ме спаси од слегување во гроб.
4 Пејте Му на Господ, верници Негови, благодарете Му на Неговото свето име,
5 зашто гневот Му трае само миг, а вечна е милоста Негова: плачот трае преку ноќта, но утрото носи голема радост.
6 И јас си реков во изобилието мое: „Нема да се поколебам довека.”
7 Господи, според милоста Твоја Ти ме утврди како гора; но штом го сокри лицето Свое, јас се исплашив.
8 Тогаш кон Тебе, Господи, повикав и на мојот Бог, Му се помолив:
9 „Каква полза од крвта моја, ако слезам во гроб? Ќе Те слави ли правот, ќе ја објави ли тој верноста Твоја?”
10 Чуј ме, Господи и смилувај се, биди помошник мој.
11 Ти ја претвори тагата моја во радост, го симна од мене вреќиштето и ме препаша со веселба,
12 за да Те слави душата моја и да не замолкне; Господи, Боже мој, вечно ќе те славам!
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Издавач: Библиско здружение на Р.Македонија