Псалм 5
Давидовата утрена молитва за помош против безбожните непријатели
1 Чуј ги, Господи, зборовите мои, разбери ги воздишките мои.
2 Чуј го гласот на мојот повик, Царе мој и Боже Мој, зашто Тебе Ти се молам!
3 Наутро го слушаш гласот мој, наутро застанувам пред Тебе и чекам.
4 Зашто Ти си Бог, Кој не сака беззаконија; за лошиот нема место кај Тебе:
5 безбожниците нема да опстојат пред очите Твои; Ти ги мразиш сите што вршат неправда.
6 Ти ги уништуваш сите лажливци; од крвопиец и лукав Господ сехнаси.
7 А јас, пак, според Твојата голема милост, ќе влезам во Твојот храм и ќе паднам ничкум пред Твоето светилиште, со почит кон Тебе.
8 Господи, води ме во Твојата правда, поради непријателите мои, патот Твој пред мене порамни го.
9 Зашто во устата нивна нема вистина; во срцето им е измама; грлото им е отворен гроб; на јазикот, пак, ласкање.
10 Казни ги, Боже, нека пропаднат од сопствените совети; поради многуте нечесни работи отфрли ги, бидејќи се кренаа против Тебе.
11 Па нека се зарадуваат сите, кои прибегнуваат кај Тебе: вечно нека се радуваат. Закрили ги, нека се радуваат во Тебе оние, што го сакаатимето Твое.
12 Зашто Ти, Господи, го благословуваш праведниот и со милоста Своја го закрилуваш, како со штит.
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.