Во времето на царот Лав Велики (458 г. – 471 г.), на царицата Верина и патријархот Генадиј, патуваа по Светата Земја двајцата цариградски благородници Галвиј и Кандид, заради поклонение на тамошните светости. Во Назарет отседнаа во куќата на една вдовица Еврејка, којашто во тајна одаја ја чуваше ризата на Пресвета Богородица. Многумина болни и неволни добиваа исцеление за своите маки со молитва и со допирот на таа риза. Галвиј и Кандид ја зедоа Светата риза и ја пренесоа во Цариград, а тоа им го објавија на царот и на патријархот. Во царскиот град тоа предизвика голема радост. Ризата беше свечено пренесена и положена во црквата Влахерна. (Оваа црква ја соѕидаа царот Маркијан и царицата Пулхерија на брегот на еден залив, наречен Влахернски, според името на некој скитски војвода Влахерн, којшто на ова место беше убиен). Овој празник е востановен во спомен на полагањето на ризата на Пресвета Богородица во Влахернската црква.
Беседа за искушувањето на верата наша
Верата наша, браќа се искушува почесто отколку што трската на ветеровите се ниша. Искушувањата се како ветришта : слабата вера ќе ја искорнат, јаката уште повеќе ќе ја зајакнат. Уште искушувањата се како оган, во кој сламата ќе изгори, а златото ќе се очисти.
Нашата вера се искушува со човечките умувања и веројатности. Тоа се многу јаки и лути ветрови. Но ние можеме да им одолееме, доколку се придржуваме до зборот Божји и доколку спротивно на умувањата ја истакнуваме науката на верата Христова.
Уште нашата вера се искушува со страв и срам: со страв од луѓе, кои ја гонат верата, и срам од луѓето кои горделиво ја презираат верата. И ова се силни ветрови, на кои мораме да одолееме, ако сакаме живи да останем. Како ќе опстоиме? Со стравот од Бога, кој треба во нашите души да е вавек поголем од стравот од луѓето; и срамот од апостолите, светителите и мачениците, кои не се засрамија од својата вера пред царевите, и кнезовите и мудреците од овој свет.
Уште нашата вера се искушува со страдање и беда. Тоа е огин, во кој нашата вера или има да изгори како слама или или да се прекали како вжештено злато. На ова искушувае ќе одолеееме, доколку ќе се сеќаваме на Христос распнатиот на крст заради нас, и на толкуте илјади страдалници заради верата, кои со стрпливост се победија и излегоа од огинот злато што низ вековите се свети меѓу ангелите и меѓу луѓето.
Уште нашата вера се искушува со смртта, смртта на нашите роднини и пријатели, и со смртта на луѓето воопшто.Тоа е оган лут, во кој многумина ја согореа својата вера. Дали смрта е крај на светот? Не е , верувај; таа е почеток на се; почеток на новиот, прав живот; Верувај во Воскресението Христово, верувај во загробниот живот, и верувај во сеопштото воскресение и Страшниот суд.
О Господе благи, утврди ја верата во нас и помилуј не. Тебе слава и благодарност во веки. Амин
Извор: Жита на светиите
Посети:{moshits}