† Стефан
Архиепископ Охридски и Македонски
ПОКЛОНЕНИЕТО ПРЕД СВЕТИИТЕ
Е ПОКЛОНУВАЊЕ НА БОГА
Браќа архиереи и свештенослужители,
Ваши Екселенции,
Возљубени во Господа -почитувачи на свети Кирила и неговото дело,
Еве, како дел од годинашнава манифестација во чест на свети Кирил, свое место најде и книгава што е пред нас - со наслов <40 поклоненија пред гробот на свети Кирил Философ во Рим”, од авторите Вера Стојчевска Антиќ, Славе Николовски-Катин и Неговото Преосвештенство Епископот Хераклејски Климент.
Самиот наслов ни ја открива содржината на оваа книга: во неа се поместени информации за доаѓањата на делегациите - државни и црковни, од далечната 1969 па с# до оваа 2008 година. Манифестацијата започнала кога во 1969 г. во Македонија и меѓу словенските народи се одбележале 1100 години од упокојувањето на свети Кирил. Од таа јубилејна година, кога црковно-државната делегација дошла првпат официјално да се поклони пред големиот просветител и рамноапостол, па с# до оваа - четириесетта по ред, во име на македонскиот народ, доаѓале претставници на државната власт, на просветни институции како и делегирани претставници на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, за да искажат почит и благодарност за големото дело на свети Кирил.
Од 1970 до 1978 година манифестацијата се именувала како <Денови на македонската култура во Рим”, за потоа да се преименува во <Југославија во чест на свети Кирил”, и така с# до 1991 г., до распаѓањето на тогашната државна федерација, за потоа да продолжи со поранешното име - <Денови на македонската култура во Рим”.
Во книгава, авторите многу внимателно се погрижиле, најпрво, да поместат неколку, поточно, шест текстови, во кои се објаснуваат личностите на светите браќа, нивните мисии и дела, како и нивниот култ меѓу македонскиот народ. Потоа, следат хронолошки сите поклоненија, со објаснувања кој ги предводел и сочинувал делегациите, и од Црквата и од државата, каде и од кого биле примени во Ватикан и Рим, како и тоа со какви придружни манифестации биле пропратени катагодинешните чествувања.
Наоѓајќи се денес овде, во градот <кон кој водат сите патишта”, како милуваат Италијанците да речат за Рим, си велам - дали сме свесни што ќе беше и од свети Кирила и од неговото патување од Солун, преку Цариград, до Моравија, ако патот не го донесеше во Рим? И не само него, туку и брат му и нивните ученици? Што ќе останеше од нивното дело и од нивната мисија ако Бог не промислил да дојдат и тука? Токму затоа, прелистувајќи ја самава книга, се потсетив на оние зборови на светиот апостол Павле, упатен до некогашните Римјани, каде им вели: <Колку се неиспитани Божјите патишта” (сп. Рим. 11, 33) и дека секое наше патување е <по волјата Божја” (Рим. 1, 10). Па, и последното.
Има многу теми на кои е потребно да размислуваме, особено за тоа зошто токму така, зошто токму тогаш, зошто токму таму им се случува на некои личности, особено значајни за еден народ, па и пошироко? И нема да најдеме одговор надвор од тоа дека таква била волјата Божја! А можеме ли да ја замислиме тагата што ја доживеал Методиј по загубата на помладиот брат, кој имал само 42 години, но и чувството на неизвесност? Да се присетиме и на тоа - што остана од брат му Методиј потоа, што дочека тој, и додека беше жив и по своето упокојување?
Но, еве, тој свет гроб во базиликата на свети Климент, епископот Римски (кој настрадал маченички, а чии мошти свети Кирил ги нашол во Црното Море кај Херсон и ги донесол во Рим), повеќе од 11 столетија е богодарувано пристаниште за македонскиот, словенските и за сите народи што го почитуваат неговото возвишено дело. Тој Светикирилов гроб, за македонската држава и Црква, благодарение на добрата волја и љубезноста на ватиканските власти и институции, е повеќе од отворен прозорец кон светот и, ќе речам, за верните луѓе - свет патоказ кон небесните и трајните вредности!
- Гробот на свети Кирил бил и останува отворено послание и потсетник за сите дека светото дело пред Бога и народите останува како вечно запалено кандило кое и најдалеку свети и осветлува, без оглед на временската и просторната дистанца!
Ние, во име на македонскиот народ и Црква, досега на свети Кирила организирано му дојдовме 40 пати на поклонение, а ќе доаѓаме и понатаму: и заради него, но, уште повеќе ќе доаѓаме заради нас! Ќе доаѓаме, со Божја помош, уште 40 пати и уште 40 по 40 пати! Ќе доаѓаме - вечно!
Впрочем, поклонението пред светиите, всушност, е поклонение на Бога!
Посети: {moshits}