Светиот маченик Мамант
Родум од Пафлагонија, од Теодот и Руфина, прочуени христијани. Неговите родители беа фрлени во затвор заради Христовото име. Во затворот прво умре татко му, а потоа мајка му откако го роди и самата се упокои. Така значи остана младенецот во затворот меѓу мртвите тела на своите родители. Но Промислителот Бог го испрати Својот ангел кај некоја благородна вдовица Ама, на којашто ангелот ѝ се јави во сон и ѝ рече да отиде во затворот и да го земе детето кај себе. Ама измоли дозвола од градоначалникот да ги закопа умрените, а детето го зеде во својот дом. Почна да зборува дури кога наполни пет години и првиот збор му беше „мама“. Заради ова и го доби името Мамант. На училиште Мамант покажа необична бистрина, а бидејќи од дома беше воспитан во христијански дух, не ја криеше својата вера, туку ја исповедаше пред врсниците исмевајќи ги идолите. Во времето на царот Аврелијан имаше жестоко гонење на христијаните. Незнабожците не ги штедеа ни христијанските деца. Мамант имаше петнаесет години кога беше изведен пред царот. Царот му рече барем на збор да се одрече од Христа, на што Мамант му одговори: „Ни во срцето ни со устата нема да се одречам од мојот Бог и Цар Исус Христос.“ Царот нареди и го биеја, го гореа со свеќи и најпосле го фрлија в море. Но ангел Божји го спаси и го одведе на висока гора, близу Кесарија. Овде тој живееше во осама и во молитва. Од неговата светост се спитомуваа дивите ѕверови. Најпосле тука и беше пронајден од гонителите и повторно подложен на маки. Откако ја победи силата на огнот и на дивите ѕверови, го прободија со трозабецот на некој идолски жрец. Така Му ја предаде својата света душа на Бога, Кому Му остана верен во сите маки. Од неговите мошти се случија многубројни исцелувања на болни.
Свети Јован Постник, патријарх Цариградски
Се празнува и на 30 август. Најпрво беше златар, па по Божја Промисла, а заради својата голема добродетелност беше посветен за свештеник. Како млад Свети Јован еднаш одеше со некој стар монах, Евсевиј, од Палестина. Одеднаш му дојде глас на Евсевиј од некого невидлив: „Авво, не оди од десната страна на великиот Јован!“ Вака гласот Божји ја навестуваше велката служба на којашто Јован наскоро требаше да биде повикан. После блажениот Евтихиј, Јован беше избран за патријарх Цариградски. Никако не сакаше да прими, но беше застрашен од некое небесно видение, па затоа прими. До својата смрт беше испосник, молитвеник и чудотворец. Се упокои во 595 година. По неговата смрт како единствена сопственост кај него најдоа една дрвена лажица, една ленена кошула и една стара облека. Прочуени се неговите списи за покајанието и за исповедта.
Празник на чудото на Пресвета Богородица на иконата Калужска
Во 1748 година во куќата на еден бојарин во близина на градот Калуга во Русија две слугинки пронајдоа икона на која беше изобразен прекрасен женски лик украсен со светост. Една од слугинките ја нарече светата икона игуманија, а другата подбивајќи се плукна врз иконата и во истиот час падна и се запени соборена од нечист дух. Ноќе на нејзините родители им се јави Пресвета Богородица и им јави дека Таа Самата е изобразена на иконата, а за исцеление на нивната ќерка им посоветува да повикаат свештеник и тој да ѝ прочита молитва и да ја ороси со Света водичка. По исцелувањето, нивната ќерка Евдокија се подобри во карактерот.
Свети Елеазар
Син на Арон, втор по ред Израелски првосвештеник. Помошник на Мојсеј при пребројувањето на Израилскиот народ и помошник на Исус Навин при поделбата на земјата ветена на дванаесетте колена. Верно го чуваше ковчегот на заветот во Силом. Се упокои мирно.
Евангелие и поука за 15/09/2020
Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Марко 6:1-7
1. Па излезе оттаму и дојде во Својот крај; а по Него одеа и учениците Негови.
2. И кога дојде саботата, Он почна да поучува, во синагогата, и мнозина, што слушаа, се чудеа и говореа: „Од каде во Него ова? И каква е оваа мудрост што Му е дадена, та такви чудеса стануваат преку Неговите раце?
3. Не е ли Он дрводелецот, Синот на Марија, брат на Јакова, Јосија, Јуда и Симона? И не се ли овде меѓу нас сестрите Негови?” И се соблазнија заради Него.
4. А Исус им рече: „Пророкот никаде не останува без почест, освен во својата земја, меѓу роднините, и во својот дом.”
5. И не можеше таму да изврши никакво чудо; само многу малку болни излекува, полагајќи ги рацете врз нив.
6. И се чудеше на нивното неверие. Па одеше по околните села и поучуваше.
7. И ги повика дванаесетте, и почна да ги праќа по двајца, и им даде власт над нечистите духови.
Апостол на денот: Послание на светиот апостол Павле до Галатјаните 2:21;3:1-7
21. Не ја отфрлувам благодатта Божја; оти ако правдата доаѓа преку Законот, тогаш Христос залудо умрел.
1. неразумни Галатјани! Кој ве замаја, та не се покорувате на вистината, вие, пред чии очи Исус Христос беше изобразен, а сега, еве, меѓу вас се распна?
2. Само ова сакам да го узнаам од вас: преку делата по Законот ли го добивте Духот или преку послушноста во верата?
3. Толку ли сте неразумни? Откако почнавте со Духот, со телото ли сега завршувате?
4. Зарем залудо толку многу претрпевте? Да беше само залудо!
5. Оној, пак, Кој ви Го дарува Духот и прави меѓу вас чудеса, преку делата на Законот ли го врши тоа, или преку послушноста во верата?
6. Така, Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се прими за оправдание.
7. Знајте, пак, дека оние, што се потпираат на верата, се синови Авраамови.
Поука на денот: Свети Димитриј Ростовски
Особено чувај се од јарост, гнев и злоречие за да не се помрачи твоето срдечно око.
Поука на денот: Свети Нил Синајски
Молитва твори оној кој секогаш својата прва мисла Му ја принесува на Бога.
Свети Никола Кавасила
Крштението е благодат на повторното раѓање на човекот со негово учество во смртта и Воскресението на Господа, тајна на создавањето на новото битие во Христа. Миропомазанието е благодат на полнотата на животот во Христа со печатот на Духот Свет, тајна на дејствувањето и активноста на битието во Христа. Тоа е дар на восовршување и светост, кој му се дава на оној што се крштева во Светиот Дух и во богатството на даровите на Светиот Дух: „Се крштеваме за смртта да ја умртвиме и со воскресение да воскреснеме; се миропомазуваме за да се родиме како заедничари на даровите на царското обожение.
Извор: Бигорски манастир