БЛАЖЕНИ СЕ ОНИЕ КОИ СЕ БОЈАТ ОД ГОСПОДА
(Псалм 127:1)
О, да беа отсечени оние, што ве бунеа!
Галатјаните 5:12
Меѓу луѓето од најразлични возрасти и професии се среќаваат љубители на „силни впечатоци“ коишто ја користат секоја прилика да слушнат или, пак, да раскажат некаква сторија што буди страв. Како што е познато, „страшните“ раскази се раскажуваат за разонодување деца, особено во детските одморалишта, но тие предизвикуваат интерес и кај студентската младина, па дури и кај возрасните. Кој не се сеќава на расказите од своето детство за „црниот ќилим“ што лета над градот, за злокобните „бели ракавици“ и слични нешта што предизвикувале страв! Нив обично ги раскажуваат со глас кој како да доаѓа од задгробен свет, со цел да се создаде особена, напната атмосфера кај слушателите.
„Страшните раскази во зимските вечери го пленеле срцето на Татјана Ларина , а Тургењев во расказот Бежина ливада опишал со каков интерес децата ги слушаат страшните стории. Традиционалните селски раскази за давеници, мртовци и куќни духови ги раскажуваат не само децата, туку и возрасните.“61 Современите деца, коишто израснале со раскази полни со стравотија, почнуваат да се интересираат за „хорор“ книги за вампири, со воодушевување гледаат хорор-филмови и мистични трилери. Возрасни луѓе, во зависност од нивото на нивната култура, можат, исто така, да се „занесат“ по хорор-филмови. А можат и да си ги скокоткаат нервите гледајќи Криминално досиé, Дежурна полициска станица и слични телевизиски емисии во кои се раскажува за престапи, за крвави убијци и за слични кошмарни нешта. Дали некој од нив притоа воопшто си спомнува за тоа како, напоредо со оној „што оди во правда и ја говори вистината“, пророкот Исаија го прославува и оној кој „ги затина ушите за да не слуша за крвнина, и ги затвора очите за да не го гледа злото“ (Исаија 33:15).
Во психологијата на колективниот живот, на расказите проткаени со стравотија им припаѓа особено место. Тие создаваат напната атмосфера во која се одвива зближување на членовите на колективот. Зашто, секоја голема опасност ги прави проблемите на секојдневното живеење мали и безначајни, и придонесува за сплотување на луѓето. Но, илузијата на опасноста раѓа илузија на единство, бидејќи, нурнувајќи се во светот на хорор сториите, човекот не ја губи контролата над ситуацијата и чувството на заштитеност.
Слични усни и пишани стории има и во Православието, и тоа во обем што не може да се пренебрегне. Мислам дека нема да претставува голем напор за читателите да се потсетат макар и на неколку стории за старци коишто претскажувале за ужасите на крајот на светот, и за стории за борби на схимонахињи со вештерки. Природно, таквите раскази изобилуваат со детални описи на гнојни рани и красти со кои се прекривале телата под дејство на уроци. Нема да ги замараме читателите со прераскажување на таквите живописни раскази. Пренесувани од човек на човек, од заедница на заедница, ваквите раскази се збогатувале со нови и нови подробности и во себе го носат силниот отпечаток на стравовите, комплексите и на чувствата на незаштитеност, присутни кај раскажувачите.
Во црковните продавници, напоредо со молитвеници и со житија на светиите, по правило се поместени и книги во кои подробно се раскажува за магии, за окултизам, за сатанизам, за мрежа на масонски организации, за заговори против рускиот народ, за интриги на језуитите и сл.
Уште поголем интерес предизвикуваат трилерите за виденијата на старците за настапувачкиот крај на светот, за страшните соништа и за претскажувањата на безимените праведници. Дури и при површен поглед е очигледно дека страста спрема таквата литература претставува симптом на невротизација на населението, пројава на растројства при адаптирање на околната средина којашто се менува со забрзано темпо, како и симптом на слабо разбирање на Православието. Луѓе задоени со горчливата вода на мистицизмот, влегувајќи во Црквата, не го губат интересот спрема сферата на таинственото, понекогаш сокривајќи го тоа од самите себе.
Нема ништо чудно во тоа што луѓето ги изнесуваат своите доминантни депресивно-вознемирувачки расположенија во вид на стории исполнети со стравотии. Во денешни прилики, психата на мнозинството луѓе е недоволно пластична за да може да се адаптира на долгите стресни ситуации. А првите симптоми на невротизација се манифестираат во вид на растревоженост, несвесно чувство на страв, хистерични или панични растројства, потиснување на етичките вредности речиси до цинизам, а исто така и во вид на бегање во светот на мистиката и на митовите.62 Тоа на човекот му овозможува да го оформи несвесниот страв, да му даде привлечен опис за да научи да не се плаши од него.
Но опасноста и стравот од неа се некохерентни, односно, можно е да се спознае опасноста и притоа да не се чувствува страв. „Во Бога ќе имаме сила; Он ќе ги скрши непријателите наши“ (Псалм 107:13) кој има таква помисла, тој не чувствува страв. Се разбира, постои „страв Божји“, но зад тој поим стои сосема поинакво чувство: стравот да не се нагрди душата, да не се изгуби врската со Бога. Во германскиот јазик, на пр., се прави разлика меѓу Furcht (свештен, висок страв), и Angst (кукавички, зајачки страв).63 Понекогаш, обидувајќи се заштитата од ужасите на светот да ја најде во Црквата, човекот неволно наидува на феномени што му се познати од нецрковниот живот. Навистина, зошто да бара книги за вампири или за окултизам на уличните тезги, кога во речиси секоја црковна книжарница може да се купи цел опус книги кои може да го задоволат интересот за „сферата на таинственото“. Притоа, навистина полезните книги често стојат напоредо со сомнителна литература од која човек попрво ќе научи за окултизмот, отколку за Православието.
Претскажувањата на старците станале своевидна „света крава“ за некои „прекумерни православни“. При обидите да извршиме критичка оценка на тие очигледно нехристијански легенди, често се среќававме со сериозен отпор на апологетите на нездравиот мистицизам, сè до обвинувања за неистомислие и за отстапништво.
Во црковната средина постојат релативно голем број „професионални“ раскажувачи и собирачи на хорор-стории. Притоа, речиси никој од нив не им верува премногу на таквите раскази ниту, пак, се задлабочува во нивната смисла. Тие едноставно сакаат да раскажуваат за погребувањето на бајачи, за вештерки коишто се возат во црни автомобили, за игли и `рѓосани крстови фрлени пред нечија врата, за чукањето на нечиј прозорец на шести кат и за многу други слични нешта. Очигледно е дека тоа им дава можност да манипулираат со емоциите на слушателите и да бидат во центарот на вниманието. Веќе напоменавме како еден раскажувач просто го опивала неговата моќ да владее со емоциите на слушателите. Понекогаш така се самопотврдуваат луѓе лишени од можност да се потврдат на друг начин. „Во разговор со пророците пишува ѓаконот Андреј Кураев коишто со мрачна увереност навестуваат дека антихристот ќе се појави во наредните неколку години, понекогаш чувствувам дека моите собеседници би биле искрено огорчени доколку тоа не се случи. Ако, пак, веста за појавата на антихристот се потврди, чувствувам дека тие силно би се израдувале: „Ете, нели ви рековме!“64
Не зачудува самото постоење на вакви книги и стории. Во нивната основа може да лежат и реални факти и преданија на Црквата. Важно е како се пренесени тие факти, и какви плодови зреат во душите на раскажувачите, слушателите и на читателите. Една работа е ако се тоа плодови на покајание и на страв Божји, а друга ако се работи за суетна љубопитност, празнословие и страв човечки. „Навистина, умот на таквиот човек нема да размислува за Бога, туку за оние опасности коишто произлегуваат од вонбожествениот свет“.65 Да напоменеме дека, раскажувајќи за страшните времиња пред крајот на светот, светите отци нè повикуваат на трезвеност и на очистување на срцето, а не настојуваат да нè исплашат и да остават силен впечаток.66 Според остроумната констатација на И. А. Иљин, „сиот тој пренагласен интерес за страшните раскази за привиденијата, за темите на Едгар По, за „мистиката“, за „магијата“ сето тоа се обиди да се фалсификува изгубената религија, да се злоупотребат нејзините свештени урнатини, и да се дејствува без неа.“67
(Продолжува)
ОГЛЕДИ ОД СОВРЕМЕНА ЦРКОВНА ПСИХОЛОГИЈА
А. С, Бочаров, А. В. Чернишев
Издава : Преминпортал
(Превел од руски: Михајловиќ С. Драган)
ПРЕДГОВОР
Да се каже дека живееме во сложено време значи ништо да не се каже. Според зборовите на блажениот Августин, ние сме времиња. Имено, од нас зависи какво ќе биде нашето време. Но, сепак, не можеме а да не забележиме дека односот на Црквата спрема современиот свет е мошне сложен. Макар што е модерно во информативните медиуми грубо да се напаѓа Православието, гледиштата на нашите сонародници, макар што самите тие не се секогаш свесни за тоа, сепак се свртени кон Православната Црква. И макар што христијаните не се секогаш издигнати на доволно високо ниво, „Исус Христос е ист вчера, и денес и во веки“ (Евреите 13:8), а Црквата била и ќе биде Столб и Тврдина на Вистината (1 Тимотеј 3:15).
Повод за пишување на оваа книга е пријателството со еден виден човек кој во почетокот на својот црковен живот ја поминал „школата“ на служење како „младостарец“. Тој се заинтересирал за анализата на односот на луѓето, коишто пристапуваат кон Црквата, спрема многубројните феномени со коишто се среќаваат на тој пат. Резултатот на извршената анализа е мало психолошко истражување коешто ги одразува „сломовите на душата“ на современите православни верници. Ние се обидовме да ја истакнеме мислата дека Црквата е чиста и непорочна, и дека не треба да се поистоветуваат гревовите и проблемите на нејзините членови со некакво „разградување“ на Црквата. Затоа не треба да нè чуди што во гледиштата изнесени во оваа книга има толку многу описи на негативните карактеристики на луѓето коишто пристапуваат кон Црквата. Тоа воопшто не е проблем на самото Православие. Црквата е мајка, лекар, духовна тврдина кон која прибегнуваат оние што имаат потреба од исцелување. За луѓе со суштински проблеми и со аномалии во душевната сфера, само Православната Црква може да им даде сè што е неопходно за духот, без оглед на многубројните слабости на нејзините членови.
Гледано од страна, луѓе со различни отклонувања многу почесто се среќаваат во православната средина отколку во другите христијански конфесии. Таквото тврдење е само делумно точно. Зашто, каде на друго место ќе сретнеш толку многу духовно здрави луѓе? Каде на друго место сме виделе да се пројавува дејствувањето на вистинските благодатни дарови? Истовремено, се чувствува потреба да се постави прашањето: а каде на друго место треба да појде болниот, ако не во болница? „Денес во светот има мошне многу душевно болни луѓе. И особено многу ги има во Црквата“ смета протојерејот Владимир Воробјов.
Но, на оваа појава може да се гледа и од друг аспект. Се работи за тоа дека семожните патопсихолошки феномени се во разногласие со духот на Православието и јасно се видливи на неговиот фон. Навистина, карактеристично за Православната Црква е што таа јасно ги расветлува недостатоците и дисхармоничните црти на личноста. Како здрава средина, Православието не може да поддржува и да одгледува во себе каква и да е патологија.
За нас е очигледно дека Православието во целост го запазило вистинското Христово учење и дека претставува најздраво општество. Затоа, имено, во него и никаде на друго место јасно се забележуваат сите човечки слабости, меѓу кои и душевните, од кои произлегуваат пороците и телесните страдања (психосоматика).
И уште една теориска премиса од која тргнавме. Разгледувајќи ги акцентуациите и, воопшто, аномалиите на личностите, можеме да истакнеме два важни момента.
Како прво, сите тие се развиваат врз основа на одредени гревовни страсти, растат според мерата на нивното продлабочување и се намалуваат според мерата на борбата со нив.
Како второ, сите аномални црти имаат механизми на заштита од нападите на совеста и на чувството за покајание. А таа заштита не може лесно да се совлада. Тука спаѓаат сублимацијата, истиснувањето, проекцијата нешта коишто не ги разбираме во смисла на фројдовската психоанализа, туку како психопатолошки механизми коишто овозможуваат да ја избегнеме духовната работа.
И така, Православната Црква ја има полнотата на благодатта којашто го храни човековиот дух. Меѓутоа, работите се посложени кога е во прашање организацијата на душевниот живот, зашто таа сфера директно зависи од оние луѓе коишто ја сочинуваат заедницата, парохијата, од личноста на духовникот.
Во процесот на пишувањето, оваа книга стана поопширна одошто планиравме. Во неа ги додадовме поглавјата за алкохолизмот и за психологијата на болеста. За жал, денес кај нас има многу малку целосни, завршени трудови од областа на православната психологија. Затоа и нашиот труд, кој ни најмалку не претендира на сеопфатност и на непогрешност, ги повикува читателите на размислување, па дури и на полемика.
Кратките поглавја „Ако заминуваш заминувај“, „Пијанството и алкохолизмот“, „Гласот на песимистот“, „Психологија и психопатологија на духовното раководство“ и „Некои аномалии на личноста од гледна точка на православната психологија“, коишто влегоа во оваа книга, се посветени на анализата на дисхармоничните црти на личноста, со цел да се помогне во понатамошниот избор на правилен пат и на правилни средства за исправање на состојбите.
Описите на растројствата на личноста ги наведуваме како според одделните симптоми, така и според крупните синдроми, користејќи ги термините „хистероиден“, „параноиден“ или „депресивен“ тип на карактерот. Но, во практиката ретко се среќаваат апсолутно чисти типови. Најчесто во секој од нас, во чудни комбинации, се помешани аномалните и вредните својства, така што можеме да воскликнеме заедно со св. Теофан Затворник: „Еве ред во гревовната сфера! Секој грешник е целиот во неа, но главно се фаќа за еден грев!“Не треба да се заборави и на заострените црти на карактерот кои се резултат на одредени ситуации. Така, научник што работи на нова статија може со месеци да остане заглавен во својата тема, претставувајќи на тој начин упорна личност. Човек што претрпел тежок губиток може долго време да пројавува црти на депресивна личност, и сл.
Прашањето за тоа што се смета за норма, а што за патологија, секогаш било мошне сложено. Методолошкиот арсенал на православниот психолог е збогатен со такви јасни аскетски поими како што се грев, страст, гревовни навики и сл. Тоа знаење го става во поповолна положба во споредба со световните научници, коишто не ги разграничиле нормата и патологијата. Да се потсетиме дека во современото општество постои тенденција психичкото растројство да се смета како некаква варијанта на нормата, со тоа што таа не е применлива на доминантен општествен стереотип.
Уште една премиса од којашто тргнавме. Еден од важните поими во Православието е преобразбата не претворањето, туку одухотворувањето, возвишувањето, облагородувањето на сè што е природно, на сите нешта што се во човекот, меѓу другото и на неговите душевни сили. Ова пресудно влијаело врз утврдувањето на насловот на книгата.
Како автори, не направивме ниту најмал обид да ги класифицираме аномалиите користејќи се со веќе познати термини и поими. Не си го поставивме како цел ниту описот на сите можни патокарактеролошки феномени. Темите на нашите поглавја се ограничени на проблемите на патопсихологијата во контекстот на православниот поглед на душевниот живот на човекот. Тоа се нафрлени анализи на портрети на аномалните, невротичните, акцентуираните „стилови“ на егзистирање во ентериерот на црковниот начин на живеење, напишани со перото на православен психолог.
Меѓу задачите на оваа книга е и утврдувањето како се формираат одредени акцентуирани карактери, како личностите со таков карактер дејствуваат во условите што владеат во црковната заедница, со какви тешкотии се среќаваат, кои се патиштата на хармонизацијата на личноста и на преобразувањето на душата.
Во сферата на нашето интересирање најчесто влегуваа акцентуирани личности . Ние се обидувавме да ја разгледаме врската на акцентуацијата со гревовните навики, не заборавајќи дека и „здравиот“ човек може да биде голем грешник, без притоа да покажува знаци на растревоженост или грижа на совеста. Од друга страна, човек со сериозно нарушено психичко здравје може да биде значително почист и подлабок од т.н. просечен, „нормален“ човек.
Авторите воопшто не претендираат на оригиналност и на систематичност на излагањето. Оваа книга попрво претставува збирка огледи, обединети во една општа идеја. Освен тоа, ние намерно не го упростувавме материјалот, зашто за длабоките појави најдобро може да се зборува на јазикот на професионалниот психолог. Се смета дека е полезно секој човек, којшто се интересира за православната психологија, да влезе во светот на најдобрите достигнувања на психолошката наука. Од друга страна, сите психолошки феномени се разгледуваат во книгава од гледна точка на православната антропологија, затоа во текстот има толку многу повикувања на богословски текстови. Соодветно, оваа книга е наменета за луѓе коишто размислуваат и творат.
+++
а. Антипсихијатриска струја во 60-70-тите години во Западна Европа и во САД, а во почетокот на 90-тите години и во Русија.
б. Поимот „стил на личноста“ е авторски термин на современиот психотерапевт Д. Шапиро.
ц.Термин предложен од страна на германскиот психијатар Karin Leonhard.
Друго:
А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: АКО ЗАМИНУВАШ - ЗАМИНУВАЈ
А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: СУЕТНОТО ЧОВЕЧКО СПАСЕНИЕ