Скопје, 2 март (МИА) - Македонскиот бас оперски пејач Александар Стефаноски е прв Македонец кој настапил на Миланската скала. Тој завчера во славниот театар ја играше улогата на Свештеникот во премиерата на операта „Од куќата на мртвите“ на чешкиот композитор Леош Јанацек, под диригентската палка на Еса-Пека Салонен.
- Кога првпат седев како посетител, си ветив мора да бидам горе, таму е моето место. Кога првпат ја видов, си помислив какво ли е чувството да се настапи на сцената на оваа куќа. Не беше сон, беше реалност, ми се случи. Настапив на сцената на големата Миланска скала. Овде каде што пееле најголемите оперски имиња, Калас, Бастианини, Дел Монако, Корели, Тебалди, Доминго, Карерас, Павароти..., изјави Стефаноски за „Баги комуникации“.
- Возбуденост и позитивна трема имав пред самиот настап. Вонвременска енергија проструи низ моето тело. Ја почувствував магијата, совршенството, волшебноста кои ги има во себе оваа куќа. Се восхитував од почитта меѓу колегите, врвниот професионализам и фантастичната изведба на оркестарот и хорот под диригентската палка на маестро Еса Пека Салонен. Настапив на сцената на Миланска скала со врвните светски оперски имиња кои со оваа опера пред три месеци се претставија во Метрополитен опера во Њујорк. Вистината дека сум првиот Македонец што настапил на сцената на Миланската скала уште повеќе ја зголемува мојата радост и надеж дека ќе има уште вакви настапи, не само од мене, додава Стефаноски.
Операта „Од куќата на мртвите“ е во копродукција со Wiener Festwochen, Holand Festival, Festival d'Alx en Provence и Метрополитен опера.
Стефаноски првпат настапи во 2000 година во МНТ во операта „Дон Карлос“. Пред еден месец тој играше во театарот Филармонико (Арена ди Верона) во претставата „Боеми“, каде што ја имаше главната басовска улога - Колин. Неа тој ја доби како прва награда на големиот светски натпревар за млади оперски пејачи во Верона.
Миланската скала е меѓу најголемите светски театри, кој датира од 1778 и каде свои премиери имале најреномираните композитори на 19 век. хс/10:38