ОДБЕЛЕЖАНА „2008 - ГОДИНА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК“ ВО МОСКВА
Академик Блаже Ристовски и Илија Велев од Институтот за македонски јазик, заедно со колегите слависти од Москва, иницираа повеќе средби и трибини од 16 мај до 24 мај, во рамките на одбележување на годината на македонскиот јазик. На Универзитетот „Ломоносов“, на Катедрата за славистика се одржа првата сесија од конференцијата за развојот на современиот македонски јазик. Од руска страна учествуваа академиците Рина Усикова и Ала Шешкен, заедно со професорката Елена Веришникова. На 19 мај во Домот на националностите во Москва, со помош на македонскиот амбасадор во Русија, Златко Лечевски, била организирана трибина за руско-македонските односи од 10 век до денес. - Имаше многу прашања за името и за проблемите со нашиот сосед Грција - ова беше значајна средба бидејќи првпат во Москва, во овие околности, се зборуваше за македонско-руските односи - вели академик Блаже Ристовски. Научната соработка меѓу МАНУ и Руската академија била тема на излагањето на академик Ристовски во Руската академија на науките на 20 мај. Централен настан на ова одбележување на македонскиот јазик во Москва била промоцијата на Зборникот текстови посветени на стогодишнината од излегувањето на списанието „Вардар“ на Крсте Петков Мисирков. Ова е прва заедничка книга и прв заеднички проект на Руската академија и на МАНУ. Во него се поместени текстови на македонските академици Блаже Ристовски, Георги Старделов, Гане Тодоровски и на најистакнатите руски слависти. - Зборникот претставува еден комплексен проект кој ги претставува македонско-руските врски воопшто, а не само за списанието „Вардар“ кое беше првото научно списание на македонски јазик. Тоа што токму на 24 мај во Москва ја одбележувавме годината на македонскиот јазик беше симболично совпаѓање, бидејќи и македонскиот јазик своето потекло го води од мисијата на Кирил и Методиј во 9 век - вели академик Ристовски. Академиците и професорите слависти се договориле за интензивирање на заедничките издавачки проекти и на научните средби.