СЕ ОТКРИВААТ ТАЈНИТЕ НА КАРПИНСКИОТ МАНАСТИР
Живописот од 16 век конечно на виделина
Годинава Националниот конзерваторски центар ќе работи и на истражување и документирање на состојбата на живописот во манастирот "Св. Гаврил Лесновски" од 14 век
Живописот во карпинскиот манастир, којшто потекнува од 16 век и има голема вредност како културно наследство, годинава конечно ќе излезе на виделина. Според Владо Муковски, сликар и виш конзерватор во Националниот конзерваторски центар, продолжува сериозниот конзерваторски зафат за раслојување на постоечкиот фрескоживопис што е од два различни периоди.
Манастирскиот комплекс ,,Воведение на Пресвета Богородица" е споменик на културата. Овој манастир, што се наоѓа во Кумановско-паланечкиот регион во близина на селото Орах, не е доволно истражен, иако во минатото имал голема улога. Во манастирот е откриен двослоен живопис, поновиот од 19 век, а постариот од 16 век. Со нашиот проект за конзервација за првпат излегоа и ќе излезат на виделина фреските од 16 век", објаснува Муковски, кој вели дека за конзервација на живописите е потребно големо искуство, концентрација и трпение. Интересно е што манастирската црква потекнува од 16 век. На живописот од тој период препознатливи се ликовите на Богородица со Исус Христос и на Теодор Тирон и Теодор Стратилат. На дрвениот иконостас, пак, се поставени мајсторски изработените икони, меѓу кои се осумте празнични икони од крајот на 16 век и почетокот на 17 век. Карпино, всушност, е позната скрипторска школа од 16 век, а според податоците од Институтот за македонска литература, во манастирот што претставувал црковно-духовно и културно јадро во овој регион, живееле над 300 калуѓери. Оригиналните ракописи, кои сега се наоѓаат во Москва, Софија и во Белград, сведочат за тој период.
Според Муковски, кој фрескосликарството го специјализирал во 2009 во Италија, Фиренца, во институтот за уметност и реставрација "Палацо Спинели", двата живописи се правени во различни техники и засега се уште не се знае зографот кој ги насликал.
Ова, сепак, не е и единствениот живопис на кој се работи. Годинава ќе се врши и истражување и документирање на состојбата на живописот во манастирот Св. Гаврил Лесновски", што е од уште постар период, поточно од 14 век. Втор објект каде што, исто така, се работи на конзервација на ѕидното сликарство е машката трпезарија во бигорскиот манастир "Св Јован Крстител", каде што од пожарот останаа само неколку делови на фрески кои беа тешко оштетени.
Се враќа сјајот на Шарената џамија
Најголемиот проект годинава, според Муковски, е конзервација на фасадната декорација на Шарената џамија во Тетово.
Годинава ќе се работи на надворешната декорација во која преовладуваат геометриски мотиви со делови на флора. Декорацијата е од 19 век и вистинска е реткост на овие простори де се види ваква целосна декорација. Проблемот е тоа што е изложена на надворешни атмосферски влијанија, коишто ја оштетуваат", вели Муковски.
(Д.Т.) -Вечер
http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=246B193DBBFC7845BF38D5ED950C4BCE