Пробиштип, 21 август 2011 (МИА) - Во селото Лесново, Пробиштипско, заврши Меѓународната ликовна колонија „Лесново 2011“ која годинава се одржа по 20. пат чиј организатор беше Домот на културата „Злетовски рудар“ од Пробиштип.
Дванаесетина уметници од Бугарија, Турција, Косово и Македонија создаваа дела инспирирани од природните убавини со кои изобилува Пробиштипско-Злетовскиот крај, особено манастирот „Св. Гаврил Леновски“, карпестите предели и старата лесновска архитектура.
Меѓу учесниците на колонијата беше и Елвин Озтурк, млада ликовна уметничка од Истанбул, Турција, која изјави дека првпат е на оваа колонија, но не и во Македонија. - Баба ми е по потекло од Охрид и јас се чуствувавм како Македонка. Ме инспирира архитектурата, сочуваните стари етно елементи од овој крај и нив ги насликав на моите дела. И догодина ќе дојдам на колонијата, рече Озтурк.
За Ѓоко Антониев, ликовен уметник од Пробиштип, ова е убава можност учесниците на колонијата да се запознаат меѓу себе, да разменат искуства и секако да создадат дела кои ќе останат во сопственот на организаторот.
За квалитетот и мотивската инспирација Антониев вели дека тоа се дела со врвен квалитет бидејќи се создадени од уметници со ликовна академија, од кои најголемиот дел се и професори на соодветни ликовни академии во Турција, Косово, Бугарија и Македонија.
- Ликовните уметници на Лесновската колонија престојуваа и твореа во реновираниот објект на некогашното училиште, кое е претворено во етно куќа, изјави Влатко Јовановски, директор Домот на културата „Злетовски рудар“ од Пробиштип.
Според него делата од Меѓународната ликовна колонија „Лесново 2011“ ќе бидат изложени најпрвин во Пробиштип на 28 август - денот на општината, а потоа и во неколку градови во Македонија. кг/паг/13:17