Скопје, 27 февруари (МИА) - Во проект-галеријата Прима Центер Берлин, Германија вечер ќе биде отворена изложба насловена „Артофилија“ на македонските уметници Кокан Грчев, Никола Гроздановски, Игор Трпчески и Киро Урдин, автори кои покрај ликовното творештво и активност имаат и друга професија во која успешно делуваат.
Никола Гроздановски живее во Загреб, Хрватска и работи како лекар специјалист за општа пракса. Тој е афирмиран сликар зад кој стојат многубројни изложби и награди во досегашната 40-годишна активност. Во рамките на „Артофилија“ ќе биде претставен со мал, но суштински пресек на неговите акварели со мотиви на стари селски куќи.
Професорот по архитектура на Американскиот колеџ во Скопје, Кокан Грчев постојано е активен и како сликар. Покрај од архитектурата, инспиран е и од човечкото тело кое драматично го слика и црта. На изложбата Грчев ќе инсценира концепт на дигитализирани дела кои се изведени од неговите цртежи, актови, силно, напрегнати, спремни да понесет секаков товар.
Игор Трпчески е актер кој живее и работи во театарот Прилеп. Вљубен во својот град, тој го фотографира урбаниот идентитет на Прилеп и ги документира бројните скулптури низ градот. Неговиот фотографски проект „Почитувај ја уметноста”, што ќе биде претставен во Берлин, е еден вид фотографски архив кој сака да обрне внимание на уметничката вредност на бројните скулптури во центарот на Прилеп. Загрижен поради оштетувањата на скулптурите Трпчески апелира за нивно одржување, реставрација и заштита.
Киро Урдин е интернационално реномиран македонски сликар кој долго време живее и твори на релација Македонија - Белгија. Во последно време Урдин „артофилично” создава видео документарни и уметнички филмови. Последниот негов документарн филм „Оган и Вода”, кој ќе биде презентиран во рамките на оваа изложба, ја освои наградата „Златна линдура” и првото место на филмскиот фестивал во Сараево 2008 во категоријата на еколошки филмови.
Реализацијата на изложбата „Артофилија” ја овозможи и финансираше Министерството за култура на Република Македонија. Иницијатор и куратор е македонскиот уметник Јован Балов, раководител на Прима Центер Берлин. Отворањето на оваа изложба е вклучено во програмата на Здружението на уметници и галеристи „Колони Вединг“, акција во која истовремено во тој дел на Берлин ќе се отвараат уште 30 други изложби, што е гаранција за добра посетеност на изложбата. ва/скс/14:26